Нов клинички центар e партиска понуда во последниве 4 изборни циклуси.
ВМРО ДПМНЕ ветува клинички центар по четврти пат
За прв пат идејата за изградба на нов клинички центар е објавена во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година под име „Манифест за реформи и развој“ при што тогаш во неа како локација е наведена скопската населба Бардовци, со што рокот за дислоцирање на Клиничкиот центар е 2021 година. Меѓу другото во таа програма се наведени и 100 милиони евра позајмени од Банката за развој при Совет на Европа за реконстриикција и доградба на болници, при што тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ ветувала и изградба на нова болница во Штип и објект за Медицинскиот факултет во Штип.
Веќе на следните избори ВМРО-ДПМНЕ излезе со нов рок на изградба од 2014 до 2018 година планот за нов клинички и дислоциран центар да се смени во изградба во кругот на сегашниот Клинички центар, поточно на местото на поранешната Клиника за гинекологија, помеѓу сегашните објекти на Гинекологија, Онкологија и Хируршки клиники, со кои ќе биде поврзана. Ветувањето опфаќаше и нова зграда за лаборатории, реновирање на Хируршки клиники, како и нова котларница и нови улици и инфраструктура и сето тоа во основна вредност од 70 милиони евра. Второто ветување беше за изградба на нова Клиничка болница во Штип, во кругот на сегашната штипска болница за вкупно 37 милиони евра.
Во 2016 година беше урнат стариот објект на Гинекологија со цел на таа локација да започне изградбата на новиот клинички блок, по што беше ископана огромна дупка за темелите на новата зграда, и работите тука застанаа.
Цела 2015 година се „истроши“ во фаза на тендери за фирма за уривање на зградата и за изготвување на друга документација, а работите откако беа означени за започнати, доцнеа цели 20 месеци. Таа 2015 година заврши со втор тендер на Министерството за здравство (МЗ) за изготвување проектна документација за уривање на објектите, а не се мрдна ниту со изградбата на предвидените катни гаражи што треба да го опслужуваат новиот објект.
Третото ветување за нов клинички центар беше во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ „Реално “ за 2017 до 2020 година каде што е опишан новиот Клинички блок како капитален инфраструктурен објект .
Во новата изборна програма „ Обнова “ идејата за нов клинички центар се надгради и прошири. Како една од мерките во програмата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е изградба на модерниот нов клинички центар, но и модернизација на сегашните клиники „Мајка Тереза“.
„Македонија се соочува со недостаток на здравствена инфраструктура. Затоа, приоритет на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ е изградба на модерен клинички центар, но и оптимизација на услугите што ги даваат останатите здравствени установи. Во првите 100 дена предвидуваме отпочнување на правна постапка за функционално интегрирање на клиниките во рамките на Клиничкиот центар, како и креирање на економско-административна платформа. Земајќи ја предвид актуелната состојбата во болниците, изградбата на нови здравствени установи и реконструкцијата на постојните во следниот четиригодишен период ќе биде значително интензивирано“, ветуваат од партијата на Христијан Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ ветува модернизација и реновирање на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ преку проект за функционално интегрирање. Во рамките на овој проект, како што најавуваат од партијата, предвидуваат и модернизација и реконструкција на Градската општа болница „8 Септември“ која ќе функционира како дополнителен клинички центар во Скопје. Рокот за овој проект на кој ВМРО-ДПМНЕ се обврзува пред гласачите е 2025 година, а потребниот буџет за тоа ќе биде шест милијарди денари, односно околу 100 милиони евра.
И СДСМ два пати вети нов Клинички центар
Од друга страна и сегашната владејачка партија втор изборен циклус како настапува со исто ветување. Во изборната програма „План за живот во Македонија “ на минатите избори вети дека ќе изградат нов, модерен и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје до 2019 година.
„Ќе обезбедиме висококвалитетни услуги за сите луѓе во Македонија. Ќе го вратиме концептот на единствен Универзитетски клинички центар во којшто сите клиники ќе бидат функционално поврзани“ беше наведено во едно од нивните соопштенија.
СДСМ во својата програма го најавува новиот клинички центар, чија градба би почнала во време на нивниот нов мандат доколку ја добијат довербата од гласачите и формираат Влада. Нагласуваат дека локацијата е веќе избрана, а таа е таква што ќе овезможи лесен пристап на пациетите кои би доаѓале од повеќе локации во земјава.
При неодамнешно обраќање до граѓаните, министерот за здравство Венко Филипче, го најави стартот на изградбата на новиот клинички центар.
Според министерот, првиот блок ќе биде готов за четири години, за првите 300 кревети да бидат во функција.
Тој истакна дека претходниот проект за изградба на Клинички центар го запреле, бидејќи тоа било парцијално решение.
„Воопшто не ги опфаќаше ниту хируршките сали, ниту хируршките оддели. Сè уште ќе останеа неколку објекти надвор и сметаме дека тоа ќе беше парцијално решение кое можеби сега ќе чинеше поевтино, но на долги патеки многу поскапо за нашите граѓани. Со нов Клинички центар ние го решаваме овој проблем за следните неколку децении“, изјави Филипче во февруари минатата година.
Партиски препукувања за клинички центар
Инаку за новиот Клинички центар, претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ на 19.05.2017 година односно десетина дена пред смената на власта потпиша договор за изградба на овој капитален здравствен објект со фирмите изведувачи на работите: „Гранит“ и „Бетон“ од Македонија и италијанската „Инсо системи“. Според тогашните планови тој требаше да се гради на постојната локација на Клинички центар
Пред само неколку дена потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборната единица 2 Владо Мисајловски во Ѓорче Петров го повика градоначалникот на Општината да каже дали таму се гради Клинички центар.
„Со скапите реклами што ги најавуваат од СДСМ дека градат Клинички центар може да погледнете на оваа полјана дали нешто се гради и дали воопшто има Клинички центар. Ова е симболот на СДСМ за проекти. Ги повикувам градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумовски и Оливер Спасовски да им покажат на граѓаните дали овде се гради Клинички центар, дали има нешто започнато,“ нагласи Мисајловски додавајќи дека Клиничкиот центар не постои.
„За разлика од неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ која за 11 години не успеа да изгради Клинички центар, Владата предводена од СДСМ со изборот на новата локација гради целосно нов Клинички центар којшто ќе нуди интегрирани здравствени услуги“, возвраќа СДСМ.
Проектот за новиот клинички центар вреден 420 милиони евра на долг рок станува поисплатлив и поевтин и е историска инвестиција, Македонија добива клинички центар по 1947 односно после 80 години, е наведено во едно од соопштенијата на владејачката партија.
Инаку, во декември минатата година, Владата тргна во потрага по пари за изградбата на новиот Клинички центар, кој ќе чини околу 500 милиони евра. Парите, според тогашните информации, се планира да се земат од Банката за развој при Советот на Европа, како и Европската инвестициона банка. Но, целата процедура почна всушност пред да се појави коронакризата.