Достапни линкови

Политичарите гласни за црна кампања, тивки за онлајн образованието


Архивска фотографија- мајка и дете одат на училиште
Архивска фотографија- мајка и дете одат на училиште

Најмалку повеќе од половина милион луѓе во земјава, директно како ученици, или индиректно како родители или старатели се засегнати од онлајн образованието, кое се одвиваше до јуни, а можно е да продолжи и од септември. Но, политичарите во трка за глас повеќе на изборите, забораваат на оваа тема.

Над 250 000 ученици, колку што вкупно има во основните и средните училишта, годинава ја завршија онлајн поради пандемијата со коронавирусот. Голем дел од нив завршија незадоволни, со впечаток дека наставата преку интернет беше хаотична.

„Според мене ова решение беше неуспешно“, вели средношколката Евгенија Златевска.

„Неконкретните насоки на Министерството за образование и наука донесоа до тотален хаос во основните и средните училишта“, вели ученикот во средно училиште Васил Ханџиски.

И, по ваквиот крај на учебната година, партиите тргнаа во кампања за предвремените парламентарни избори. Министерот за здравство Венко Филипче, пак, често повторува дека на есен се очекува нов бран, што ги отвора дилемите дали во септември учениците воопшто ќе тргнат на училиште или ќе продолжат со онлајн учење.

Што ветуваат партиите за оваа нова реалност, која честопати ја споменуваат политичарите?

СДСМ во својата програма „Можеме“ наведува дека образованието мора да се прилагодува и на новите глобални околности, а пандемијата на КОВИД-19 покажала колку е важен капацитетот на образовниот систем да се менува, прилагодува и осовременува.

„Научените лекции од првите обиди за online образование во последните месеци од оваа учебна година ќе ни бидат добра основа за следните реформски чекори“, наведува СДСМ кои ветуваат подобри технички и интернет услови во училиштата.

И ВМРО-ДПМНЕ во својата програма „Обнова“ ветува инвестирање во образование, иновации и информатичка технологија.

„Предвидуваме награди за оние наставници кои ќе подготвуваат едукативни видеоматеријали“, ветува ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е напишано во програмите, но од митинзите политичарите повеќе меѓусебно се напаѓаат отколку што зборуваат како понатаму од септември, ако се исполнат очекувањата дека учениците повторно ќе учат од дома.

Што недостасуваше во досегашното онлајн образование?

Родителите, пак, уште сега живеат со прашањата како во новата учебна година. Мајка на двајца ученици во пониските одделенија во основно училиште во Скопје, вели дека она што беше досега и не може да се нарече онлајн настава.

Материјалите беа ставани онлајн, децата требаше да ги завршат дома обврските, а потоа да ги испратат до наставникот, што и не е баш онлајн настава, додава таа.

„Во нашето училиште немаше објаснувања од страна на наставник, немаше конкретен однос наставник-дете, а во други училиштата сум слушнала дека имаа конкретна онлајн настава“, вели родителката.


Таа невоедначеност во процесот на онлајн образованието, на која не инсистираше министерството за образование па работата се сведе на амбициозноста на училиштето или на самиот наставик, е една од главните проблеми на кој посочуваат родителите.

„Јас мислам дека од септември треба да се унифицира образованието. Ако сите училишта и треба да има интеракција“, вели нашата соговорничка.

Инаку минатиот месец, непосредно пред завршувањето на школската година од Сојузот на средношколци реагира на недостатоците и апелираа да се преземат активности за подобрување во случај на ново затворање на училиштата поради евентуален втор бран на коронавирусот на есен.

И тие констатираа дека еден од главните проблеми беше нееднаквост во образованието, затоа што и не постои стандардизација и јасни насоки за далечинско учење од Министерството за образование и наука.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG