Прво ДУИ излезе со идеја за премиер Албанец, потоа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја отфрлија најавувајќи и можна меѓусебна поддршка за да не се случи тоа, па Алијансата за Албанците најави - ако вие направите македонска влада, ние ќе направиме албанска.
Накратко, вака за еден месец на политичката сцена како тема се вратија меѓуетнички односи и се отвори спирала на партиски изјави кои имаат потенцијал да поттикнат национализмот.
Инаку, повод за овие предвремени парламентарни избори, кои ќе се одржат на 15 јули, беше недобивањето на датум за преговори за зачленување во Европската унија лани есента и покрај промената на името. Но оваа тема поретко провејува во партиските препукувања откако темата премиер Албанец. На одржување на избори пак инсистираше ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи го недобивањето датум како неуспех на владата предводена од СДСМ и ДУИ.
Потоа изборите беа одложени поради пандемијата со Ковид19, а на нив очекувањата беа дека главни теми ќе бидат аферата „Рекет“ и справувањето со епидемијата.
А што ги мачи граѓаните?
Според Марко Трошановски од Институтот за демократија на повеќето партии им одговара граѓаните да останат поделени во етнички табори и секоја да владее во својот двор отколку суштински да се реформираат во граѓански партии.
„Ако се реформираат ќе мора да потрошат многу повеќе ресурси на креирање на политики кои што ќе бидат базирани на реални докази и перформанси, а не на продавање на етничка магла“, вели Трошановски.
Според испитувањето на јавното мислење спроведено од американскиот Национален демократски институт (НДИ) минатиот месец, а објавено деновиве, на прашањетокој е првиот најголем проблем со кој се соочува земјата денес 33 отсто од граѓаните одговориле економски проблеми, 22 отсто Ковид19 и 31 отсто системски проблеми. Во делот системски проблемиспаѓаат и меѓуетничките односи, но во тој оддел прв проблем е криминалот и корупцијата со 24 отсто, а последен меѓуетничките односи со еден отсто.
Но, тоа е тема, која според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу не бара многу идеи и креативност, туку наратив и вокабулар и затоа на политичарите им е лесна за користење.
„На пример има суштински и мали разлики меѓу партиите во економските програми и затоа повеќе се атакува на кредибилитетот на противникот и затоа ги слушаме и „бомбиве“.Меѓуетничките теми кај нас ќе бидат секогаш теми но некогаш партиите повеќе се занимаваат со своите борби отколку со темите што ги мачат граѓаните“, вели Муслиу.
Што по изборите?
Трошановски вели дека и изминатите декади економијата и невработеноста биле приоритети на граѓаните, меѓутоа етничките теми, додава тој, се во доменот на ирационалното и емотивното. Тие немаат врска со тешкиот живот на граѓаните и се многу лесни за манипулација и употреба во предизборни цели, вели Трошановски кој не убеден дека ваквите теми ќе ги снема по изборите.
„Играње со искри некаде ќе запали оган, така што ако сега не се почитуваат вредностите на отворено општество и меѓуетнички соживот тие нема да се почитуваат и понатаму во практикувањето на политиката“, вели Трошановски.
Муслиу е оптимист. Тој наведува примери и од минатото кога пред изборите се подгревале меѓуетничките тензии, но по нив спласлувале несогласувањата.
Инаку, некои предвремени парламентарни избори и беа распишувани поради меѓуетнички несогласувања, како на пример оние во 2014 година. Тогаш на власт беа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а партијата на Али Ахмети инсистираше на консензуален кандидат за претседател, нешто што тогашниот лидер Никола Груевски го одби па се отиде на предвремени избори. По изборната победа на двете партии, владата повторно ја составија ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.