Силјановска vs. Пендаровски - кој има поголеми шанси?

Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова

Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски се личностите кои власта и опозицијата ги претставија како свои претседателски кандидати. Според дел од аналитичарите, Пендаровски во трката влегува со извесна предност, пред се, поради фактот што е консензуален кандидат

По неизвесноста, сега е речиси сигурно дека главната битка на претседателските избори ќе се води меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова. Првиот кандидат поддржан од СДСМ и владејачката коалиција, а вториот како кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но и двајцата претставени како натпартиски кандидати. Стево Пендаровски, кој формално не е член на СДСМ, беше кандидат на таа партија на изборите во 2014 година, кога изгуби од актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов.

Судејќи според говорите со кои се претставија веднаш по нивниот избор, аналитичарите очекуваат двајцата кандидати да настапат со спротиставени ставови, особено во однос на Преспанскиот договор. Веќе е познато дека Пендаровски го поддржува договорот со Грција, додека Силјановска-Давкова го критикува и оспорува.

„Да го отвориме прашањето за името на Република Македонија. Тоа не е затворено пред меѓународните судови и институции“, рече од партиската конвенција во Струга Силјановска - Давкова.

Силјановска порача дека ќе бара широка општествена поддршка вклучително и од СДСМ бидејќи е надпартиски кандидат. Меѓу другото рече дека ќе се залага за намалување на претседателските ингеренции.

На вчерашниот конгрес на СДСМ пак Стево Пендаровски го нарече договорот од Преспа, „чудо“ на актуелната власт.

„Оваа власт направи чудо со тоа што го сруши режимот на избори и го постигна Договорот со Грција на достоинствена основа, со целосно заштита на нашиот идентитет”, рече во својот говор Пендаровски.

Видете и ова: СДСМ ја потврди кандидатурата на Пендаровски

Иако се работи за претседателски избори, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу не очекува кандидатите да се концентрираат на теми поврзани со претседателските ингеренции.

“Верувам дека опозицијата ќе се труди да ја прошири темата и на работата на Владата, на евентуални неуспеси кои таа ги има, па дури и некои успеси кои Владата ги промовира ќе се трудат да ги претстават како работи кои тие никогаш не би ги направиле. Тука мислам на договорите со Грција и Бугарија. Од друга страна пак, од кампусот на Пендаровски ќе инсистираат на прашањата кои ги покрива претседателскиот кандидат и слично”, вели аналитичарот Алберт Муслиу.

Муслиу прогнозира дека на претстојните избори Стево Пендаровски стартува со предност во однос на противкандидатот Силјановска.

„Фактот дека Пендаровски е кандидат на повеќе политички партии од повеќе етнички групи и секако дека шансите дури и во првиот круг да направи подобар резултат се пореални. Во вториот круг тие шанси се уште поголеми затоа што тогаш остануваат само двајца кандидати, па токму затоа реално е дека во вториот круг гласовите на албанските гласачи, ќе одат на контото на Пендаровки, ако во меѓувреме не се случи некое чудо”, вели Муслиу.

Инаку професорката Гордана Силјановска – Давкова е професор по уставно право и политички систем. Зборува повеќе јазици, има предавано на повеќе светски универзитети. Силјановска беше и министер во периодот 1992-1994 година, еден од членовите на Уставната комисија на Собранието на Р.Македонија, експет на Женевската група за заштита на човековите права и слободи и експерт на Обединетите Нации. Таа е редовен професор на правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ.

Видете и ова: Гордана Силјановска Давкова - претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ

Пендаровски кариерата ја започнува во одделот за аналитика во МВР. Во 2001 е именуван за советник за национална безбедност и надворешна политика на тогашниот претседател Борис Трајковски. Во 2004 и 2005 е шеф на Државната изборна комисија. Од 2017 година е Национален координатор за НАТО.

На претседателските избори кандидатура најави и професорот и поранешен амбасадор Блерим Река, зад кого ќе застанат Алијанса за Албанците и Движењето Беса. Тој на својот Фејсбук профил напиша дека решил да учествува на изборите бидејќи без ниту еден кандидат Албанец мултиетничко општество ризикува да стане моноетничка држава и Албанците ќе бидат само гласачи, но не и гласани.