Секој четврти млад човек на ризик од сиромаштија

 Нина Јовановска, волонтерка во „Младински сојуз“ и авторка на колумната

Нина Јовановска, волонтерка во „Младински сојуз“ и авторка на колумната

Сите сме свесни за се што се случуваше изминативе месеци, но сметам дека посериозни последици од тие случувања допрва ќе ни тропнат на врата, ако не се и веќе навлезени во нашите домови, пишува Нина Јовановска во младинската колумна на Радио Слободна Европа.

Како што се ближиме кон крајот на 2022, полека доаѓаме до оној момент кога се прави ревизија на годината за да се увиди и оцени сработеното, со цел да се подготви планот за идно дејствување во следната.

Сите сме свесни за се што се случуваше изминативе месеци, но сметам дека посериозни последици од тие случувања допрва ќе ни тропнат на врата, ако не се и веќе навлезени во нашите домови како што е случајот со рестрикциите за штедење на енергија, задоцнетите плати, високите сметки за струја, покачувањата на цените на буквално секој производ на пазарот и слично.

Нема да навлегувам подлабоко во ова и да го вперувам прстот кон тоа кој е виновен, едноставно затоа што кризите ни покажаа дека светот не е црно бел и дека секој субјект има барем некаков удел во ситуацијата, без разлика дали е тоа власта, опозицијата или некоја трета страна.

Напротив, она на што вистински би сакала да го насочам вниманието е фрапантниот податок дека „секој четврти млад човек во државава е на ризик на сиромаштија“, добиен од Индексот за младинско учество. Многумина ќе речат „па добро, нормално е тоа особено сега со кризиве“, но јас одбивам да дозволам и овој податок, како и многу други, да бидат скриени под прагот „за подоцна“. Исто така одбивам податокот да биде употребуван само за стекнување на некој поен плус во политичките и партиски превирања, наместо истиот да се искористи за вистински да се зборува за идни политики и можни решенија.

Што се случува во реалноста?

За да не биде овој податок само празен збор на хартија, би сакала да го надополнам со практични примери кои секојдневно ги живееме, ние младите во оваа држава. Имено, кога ги прашав моите врсници „кои се економските предизвици со кои се справуваш“, сите одговори кои ги добив се вртеа околу истите работи – високата партиципација на факултет, мнозинството такси кои се плаќаат при запишување на семестар, скапите книги кои честопати мораат да бидат купени како оригинали „затоа што во спротивно е кршење на Кривичниот Законик“, потоа превозот за студентите од другите градови, но и јавниот градски превоз за младите на кои не им следува „Слободна“, високите цени на производите, на кириите кои се неиздржливи дури и за вработените лица кои зимаат плата и т.н.

Видете и ова: Индекс за младинско учество - Како да ги подобриме вредностите?

Попрактично, еден студент на Правниот Факултет чини најмалку 12 илјади денари за еден семестар во државна квота, од кои 100 евра се наменети за партиципација и останатите се за таксите и учебниците кои во оригинална форма чинат од триста до илјада и нешто денари. Дополнително, тука се и трошоците за презапишување на предмети, како и превозот доколку студентот е од друг град. На пример еден повратен билет на релација Охрид-Скопје чини околу 900 денари. Оваа долга низа на потреби и потрошувачки можеме да ја зголемуваме до недоглед, меѓутоа она што е најзагрижувачко е фактот што најчесто овие трошоци младите ги подмируваат од својот џеб, или од џебот на нивните родители кои веќе едвај се справуваат со високите сметки за храна, гориво, струја, вода, греење, данок, телекомуникации и слично.

Кој е виновен за ова?

На почетокот кажав дека нема да се задржувам на тоа кој е виновен и кој треба да сноси одговорност за оваа ситуација, затоа што сметам дека ова е едно комплексно, мултидимензионално системско прашање кое ги вклучува скоро сите сектори од државата на подиректен или индиректен начин. Како и да е, би сакала само да кажам дека еден од најклучните чекори понатаму е да се мапира каде лежи вината, за да може да се пристапи кон насочени решенија.

Што треба да се направи понатаму

Не сакам ова мое писание да биде само песимистично и разочарувачко, па затоа би сакала да ги посочам и поздравам добрите примери за мерки кои донекаде им помагаат на младите, иако и тие би можеле да претрпат некои промени за да се постигне уште подобар ефект.

Би започнала со стипендиите како најпознатата форма на финансиска помош за студентите и учениците. Секако, и тука лежат многу проблеми, особено со последните случувања и фактот што се во ограничен број, но како и да е стипендиите остануваат најдобрата директна финансиска помош за младите.

Понатаму го имаме бесплатниот јавен градски превоз кој го уживаат учениците и студентите, чија потреба особено излезе на површина со актуелниот штрајк на возачите. Секако, и тука би сакала да напоменам дека е потребно да се направи некакво решение за младите лица кои не се студенти/ученици т.е. не го уживаат правото на бесплатен јавен превоз и кои на свој грб ги сносат трошоците за превоз. А сите сме свесни за висината на тие трошоци. Потоа, како една од најновите мерки е субвенционираниот студентски оброк кој претставува значително зголемување на буџетот на студентите со надомест од 2 400 денари на месечно ниво. Бидејќи изминатава година за прв пат се спроведуваше оваа мерка, надлежните имаа можност да ги увидат предностите и мааните, па искрено се надевам дека истите ќе бидат земени предвид при тековната подготовка на предлог Законот за младински стандард.

Видете и ова: Што значат жените во STEM?

И секако една старо-нова мерка која донекаде претставува олеснување на студентскиот буџет е намалувањето на трошокот за меѓуградски превоз. Меѓутоа, и оваа мерка за жал полека ја губи смислата со најновите поскапувања на билетите. Во поглед на идни дејствувања, би сакала да напоменам дека нам младите ни се потребни повеќе вакви системски решенија и политики кои се стратешки испланирани долгорочно. Како што во една прилика спомна и Претседателката на македонската платформа за сиромаштија, Билјана Дуковска, „потребни се системски решенија и политики кои ќе се надополнуваат една врз друга за да може да се реши проблемот. Потребно е да има сет од услуги, финансии и активација на населението за да може да дојдат до едно основно ниво од кое што ќе можат понатаму да напредуваат.“

И за крај, би сакала само да упатам неколку прашања до надлежните: До кога младите ќе бидат последната точка на „зафатените“ агенди на донесувачите на одлуки? До кога младите ќе добиваат само церемонијални гаранции и празни сали на младинските панели, кои секако се последни на агендата? Колку треба да се искачи бројот на млади луѓе на ризик на сиромаштија и уште колку млади треба да се иселат од државава за да се сфати оваа ситуација сериозно?

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.