Свидетелствата за учениците се круна на завршената школска година, но годинава изостана нивното традиционално доделување кое вообичаено е во јуни. На прагот на почетокот на новата школска година се уште не се знае кога учениците ќе ги добијат свидетелствата. Симона Цветковска е мајка на двајца основци. Александар од септември ќе биде трето одделение, а Петар седмо. Таа вели дека досега не добиле никакво известување кога нејзините деца ќе ги добијат свидетелствата, туку само нивните оценки се објавени во електронскиот дневник.
Видете и ова: Кирија или студентски дом: „Ќе платам за да делам тоалет со две цимерки, а не со 12 соби“„На последната родителска средба тоа беше некаде на крајот на учебната година, немавме никаква информација и се уште немаме кога ќе бидат давани свидетелствата. Децата искрено очекуваа дека тоа ќе биде евентуално пред почеток на распустот“, вели Цветковска.
Некои од родителите пак добиле неформални пораки од наставниците во групите на социјалните мрежи каде меѓусебно комуницираат дека свидетелствата учениците ќе ги добијат на 30 август.
Договорот склучен на 1 август
Бирото за развој на образованието извести дека доделувањето на свидетелствата ќе се одвива до крајот на учебната година (месец август) имајќи ги предвид сите услови во кои се одвивала наставата во време на криза и справување со секојдневни предизвици. Но не кажуваат точен датум. Исклучок, како што наведуваат од бирото, се свидетелствата за учениците на кои им се потребни за упис во средно, односно високо образование и кои веќе биле доделени.
Договорот за набавка на свидетелствата и за основно и за средно образование е склучен дури на 1 август. Тендерот го добила фирмата Арбериа Десигн од Тетово.
Директорот на средното училиште ,, Шаип Јусуф” во Шуто Оризари,
Доан Сулејмановски вели дека добиле допис од бирото дека активностите за доделување на свидетелствата треба да ги планираат до крајот на август.
„Како фиксно определен датум, временски период немаме добиено и не знаеме конкретно кога“, вели Сулејмановски.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека наставниците и образовниот кадар се соочуваат со тотален колапс на системот, бидејќи нема учебници и доцни доделувањето на свидетелствата.
Во тек тендерот за учебници
Крајниот рок за тендерот за набавка на учебниците за основно и средно образование е на 12 август. Тоа значи дека утре веќе треба да бидат отворени понудите за новите учебници, а тек ќе треба да се склучи договор со избраните понудивачи. Тогаш за нивна подготовка и печатење до стартот на учебната година остануваат две недели.
„Ако имаме ситуација каде печатените учебници ќе задоцнат, ние ќе имаме печатени материјали кои ќе се дел од тие учебници за првото тримесечје од новата учебна година“, изјави министерот за образование Јетон Шаќири за ТВ Сител .
Тоа се наставни ливчиња кои наставниците им ги даваат на учениците на час, а на кои има лекција што треба да се научи или вежби и домашни задачи.
Не е прв пат родителите да се снаоѓаат со учебниците за нивните деца.
Видете и ова: Младите не се ваши заложници„Лани на крајот на август ги добивме учебниците. Генерално фалеа само по два предмети кои што ние моравме да ги печатиме дополнително, а за оваа година искрено не знам дали ќе има нешто кое што ќе треба дополнително да си го набавиме или ќе добиеме се како комплет“, вели Цветковска.
Како стручно средно образование кај нас секогаш недостасувале учебници, вели директорот Сулејмани, без разлика дали станува збор за предмети по стар наставен план или по новите модуларни наставни програми.
„За над 80 отсто од предметите се користат стари ученици по стари наставни планови и програми, а нови учебници немаме“, посочува Сулејмани.
Ова ќе биде четврта година по ред за учениците во средното училиште ,, Шаип Јусуф” да користат нови наставни модуларни планови и програми, а да немаат учебници за голем дел од предметите. Не очекуваме ни оваа година учебници, и како што заклучува Сулејмани, поради тоа трпи квалитетот на наставата.