Дваесетиедногодишната велешанка Хурмете Амзова која студира ’Фармација’ во Скопје, минатата година престојувала во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“. Но, поради како што вели, лошите услови за живот таму, за претстојната академска година решила да бара стан под наем, каде тоалетот ќе го дели со две цимерки, а не со студенти од 12 соби.
„Немаше никакви услови за престој и затоа се премислив и планирам да одам во стан. Едно купатило за 12 соби да биде мислам дека нема смисла. Немаше никаква хигиена, буквално ништо немаше. Во студентскиот дом имав ослободување од плаќање, па престојував бесплатно, а сега за стан ќе плаќам околу 6000 денари месечно, па и повеќе“, изјави Амзова за РСЕ.
Очекува дека од октомври ќе има помалку пари за кафе со пријателите, но вели дека поважно и е да има поквалитетни услови за живот за време на студиите.
„Подобро да платам за да престојувам во добар стан, отколку да престојувам некаде бесплатно и да имам плус пари за шетање, а да немам добри услови за живот. Тоа баш и не ми треба“, додаде студентката.
За осумнаесетгодишниот Никола Јованов од Гевгелија кој годинава ќе биде бруцош на приватен колеџ во Скопје, прва опција е изнајмување на стан со цимери.
„Не ни дојде на памет да одиме во студентски дом, бидејќи сакавме прво да искусиме како е во стан, но можеби понатаму би оделе. Секако таму е поевтино, а и поблиску си до многу други студенти со кои може меѓусебно да си помагате и се стекнуваат многу нови познанства“, вели Јованов за РСЕ.
За валандовчанката Драгана Занова која студира во Скопје, како и нејзиниот брат, сместувањето во студентски дом е подобра опција.
„Имам брат близнак, па и двајцата сме истовремено на факултет и поисплатливо ни е да бидеме во студентски дом. Дефинитивно не би било финансиски исплатливо да изнајмиме стан, бидејќи во таков случај треба да се мисли и на храна, а во студентските домови тоа е обезбедено, односно сè е платено и тоа е многу поевтина варијатна“, сподели Занова во изјава за РСЕ.
Драгана и нејзиниот брат оваа година ќе менуваат локација.
„Минатата година бевме во ’Кузман’ каде реално условите за живеење беа лоши. Оваа година имаме аплицирано за ’Гоце’, па ќе видиме дали ќе нè примат. Иако е поисплатливо да се седи во студентски дом, сметам дека треба да се инвестира во студентските домови во Македонија“, потенцираше студентката по ’Медицина’.
На почетокот на минатата година, група студенти од ’Кузман’ се пожалија дека со денови немаат топла вода и парно. За да се подобрат условите во овој студентски дом, годинава нема да има сместување на студенти бидејќи почнува процес на целосно реновирање. Oва ќе значи речиси 500 помалку достапни легла за студентите. Оваа студиска година вкупниот број на легла со кои располага ДСД Скопје е 1925.
Според Државниот завод за статистика, минатата академска година, во домовите за ученици во основно и во средно образование и во студентските домови, се сместиле вкупно 5.516 ученици и студенти. Ова е зголемување за 46,9 % во однос на 2020/2021 која беше пандемска година.
Ќе поскапи ли престојот во студентски дом оваа година?
Лани сместувањето во „Кузман Јосифовски Питу“ и “Стив Наумов“, трета зграда, чинело 3.465 денари. За престој во „Гоце Делчев“ и павилјоните на “Стив Наумов“, студентите плаќале по 3.645 денари месечно.
Директорот на Државниот студентски дом Виктор Велевски вели дека поскапувањата на трошоците за живот влијаат на функционирањето на домовите, но за евентуално покачување на цената за престој уште се размислува.
„Во “Стив Наумов“ цената останува иста како и минатата година. Оваа година планираме ако има одредено зголемување тоа да биде околу 200 до 300 денари, конкретно во студентскиот дом “Гоце Делчев“, но не можам да кажам со сигурност дека ќе има покачување“, изјави Велевски за РСЕ.
Колку точно ќе чини престој во студентските домови кои се под надлежност на ДСД: Стив Наумов“- трета зграда и павилјони и „Гоце Делчев“, ќе се знае по седницата на Управниот одбор, закажана за 15. август.
Се очекува ли "скок“ на кириите?
Искуството на Оливер Димитровски кој доаѓа од секторот за менаџмент со недвижности, покажува дека во моментов нема сериозен скок во цените на закупнина на стан, но не ја исклучува можноста дел од оние кои издаваат да ја покачат киријата наесен. Според него, тоа би било неоправдано, бидејќи како што вели, сега не е време за покачување на цените на закупнините.
„Со зголемувањето на режиските трошоци, апсолутно трошоците за живот во Скопје ќе се зголемат за минимум 20 %. Сето тоа ќе мора да се амортизира, на начин на којшто нема да се зголеми цената на наем. Во спротивно, многу станови ќе останат празни или на студентите ќе им се намали квалитетот на живот. Доколку порано во 50 квадрати живееле двајца, сега ќе пробаат да живеат тројца“, изјави Димитровски за РСЕ.
Како се движат цените сега?
„Цената на поатрактивни зони се движи околу 360 денари или 6 евра по метар квадратен за некако опремен стан, половично можеби, до 240 денари по метар квадратен за стан во понеатрактивна зона. На пример наем на стан од 50 квадратни метри во зона Кисела Вода, би чинел околу 12.000 денари. Но, истиот тој стан, во Центар можеби би чинел 18.000 денари“, вели Димитровски.
Тој наведе и дека во делот на зголемување на цената на квадратен метар за закупување на стан во Скопје сериозна улога имаат луѓето од внатрешноста кои купувале станови за своите деца кои студираат во главниот град. Според него, бројот на студенти кои живеат во студентски домови или во изнајмен стан, оди ’рака под рака’ со бројот на млади кои како што вели се веќе привилегирани и родителите со време им обезбедиле стан во Скопје. За оние кои немаат свој стан во Скопје остануваат опците - кирија или студентски дом, секој според желбите и можностите.