Свидетелствата „заглавени“ во тендерот

Илустрација

Свидетелствата за завршена учебна година можно е и годинава да не стигнат навреме во јуни. Тендерот за свидетелствата засега е во жалбена процедура, а Комисија за жалби по јавни набавки на 17 мај ќе одлучува, дали ќе се повтори тендерот или која фирма е најдобриот понудувач.

На само еден месец пред завршување на учебната година, неизвесно е кога учениците ќе ги добијат свидетелствата. Одлуката за избор на фирма што ќе ги печати треба да ја донесе Комисијата за жалби по јавни набавки, затоа што тендерот што го спроведе Бирото за развој на образование е во жалбена постапка. Се очекува седницата на комисијата да се одржи на 17 мај, велат од Бирото во одговор на прашањата на Радио Слободна Европа.

На огласот што го распиша Бирото за развој на образование во март, се јавиле четири фирми, а изборот паднал на фирмата Арбериа Десинг, која досега беше задолжена за печатење на свидетелства и на дел од учебниците, но и за организација на прославите за 20 и 21 годишнината од Рамковниот договор, како и за неодамнешното поставувањето на камен темелникот на Коридорот 8.

Годинава во трка за тендерот за свидетелства покрај Арбериа Десинг, се пријавиле и печатниците Киро Дандаро од Битола, Европа 92 од Кочани и Бранко Гапо од Скопје.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, во април Киро Дандаро и Европа 92 се пожалиле дека се дискриминирани и дека избраната фирма Арбериа Десинг не ги исполнува условите, затоа што понудила материјали со лексички грешки. По овие жалби Државната комисија за јавни набавки утврдила дека при избор на фирмата Арбериа Десинг, за најповолна понуда, Бирото за развој на образованието го прекршил Законот и ја поништи одлуката таа фирма да го добие тендерот.

„Бирото за развој на образование сторило повреда и на начелото на економичност, ефикасност и ефективност на користењето на јавните средства“, се вели во одговорот на Комисијата за жалби.

Видете и ова: Фирма од Тетово, која печати свидетелствa е и организатор на прославите за Рамковниот


По повторно разгледување на понудите, според последната одлука објавена на Бирото за јавни набавки, тендерот го добива битолската печатница Киро Дандаро. Оваа одлука е донесена на 27 април, откако биле усвоени двете жалби на фирми кои конкурирале на тендерот.

Но, од Бирото за развој на образование (БРО) велат дека ја обжалиле и оваа одлука.

„Се очекува седницата по однос на жалбата да се одржи на 17.05.2023 година“, се вели во одговорот на Биро за развој на образование.

Колку пари ќе чинат свидетелствата не е објавено на Бирото за јавни набавки.
На ова прашање не одговорија ниту од Бирото за развој на образование, кое го склучува Договорот за јавната набавка.

„Во оваа фаза не можеме да Ви одговориме на прашањето меѓутоа Договорот за јавна набавка ќе биде достапен на системот за јавни набавки и истиот ќе благовремено достапен до јавноста“, велат оттаму и додаваат дека годинава целокупната педагошка документација ќе се достави навремено до училиштата.

Наставниците со кои разговаравме велат дека за матурантите и полуматурантите да може да ги добијат навреме свидетелствата кои им се неопходни за уписи на факултет или во средно школо, педагошката документација мора да им биде доставена најдоцна до крај на мај. Според нив БРО доцни со целата реализација на тендерската постапка, токму поради законските рокови за жалба.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, од 2013 до 2019 година договорите за печатење на свидетелства се склучувани најдоцна до 12 мај, но во годините потоа станува пракса за пролонгирање на тој датум за неколку недели.

Минатата година најголем дел од учениците од основно и средно образование ги добија свидетелствата на 31 август. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека поради доцнењето на „омилената печатница на ДУИ“ Арбериа Десинг, учениците се запишуваа во средно училиште со фотографија од е-дневникот.

Проблемот беше во доцнењето на јавната набавка. Договорот со Арбериа Десинг, беше склучен на 1- август 2022 година. Оваа компанија ги добила тендерите за печатење на свидетелства во изминативе 4 години и за таа цел од Бирото за развој на образование наплатила половина милион евра.

Видете и ова: Прослава на „висока нога“ за 20 години Рамковен


Оваа компанија во изминативе шест години добила најмалку 15 милиони евра за печатење на книги од Министерството за образование, покажуваат податоците од владината дата база „Отворени Финансии“.

Арбериа Десинг, во 2015 се јавува и како донатор на Демократскста унија за интеграција(ДУИ). Тогаш тетовската фирма одвоила 20 илјади евра и е најголемиот донатор на ДУИ за тие избори. Во последните четири години добила 61 тендер од државата, најчесто од институции раководени од кадри на ДУИ.