По две децении од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, тој ја бранува јавноста, бидејќи прославата ќе се одржи во време кога бројот на заболените од корона вирус забрзано расте, а во државата беснеат пожари. Вицепремиерот Артан Груби најави дека неколкудневниот настан почнува на 13 август и за него ќе се потрошат половина милион евра од државниот буџет. Договорот за јавна набавка е склучен на 12 јули, а за првиот дел од тендерот се пријавила само една фирма.
Првиот дел од договорот за организирање на настанот вреден речиси 400 илјади евра го доби фирмата Друштво за продукција, маркетинг, дизајн, промет и услуги Арбериа Десинг Дооел Тетово. Таа во Централниот регистар е заведена како фирма која се занимава претежно со дејноста издавање на книги. Во изминативе пет години оваа фирма најчесто добивала тендери од Министерството за образование, Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, од Биро за развој на образование и од Државниот универзитет од Тетово. Најмалку 15 милини евра изнесува вредноста на тендерите кои ги добила за печатење на книги, покажуваат податоците од владината дата база „Отворени финансии“.
За гостите апетисани и жестоко, а ќе има и странски ѕвезди
Според тендерската документација за организирање на прославата за Рамковниот, фирма треба да изнајми една конференциска сала во хотел со пет ѕвездички во Скопје за 300 учесници, и уште една конференциска сала надвор од Скопје, потоа треба да се погрижи за апетисани, храна и безалкохолни пијалоци и жесток алкохол. Фирмата ќе треба да се погрижи и за хотелски услуги за гостите, рекреативни, спортски и културни услуги во кои спаѓаат и ангажирање на македонски и странски ѕвезди и бендови и тоа по еден на настан, ангажирање на водител, филхармониски оркестар и културно уметнички друштва.
Треба да обезбедат и озвучување на сала за 300 гости за сериозна музика, потоа озвучување на сала за дебати до 300 гости, како и озвучување на сала за забавна музика до 5 илјади гости и озвучување за концерт на отворен простор до 10 илјади гости, се вели во тендерската документација за планираната прослава.
Спот за јубилејот, стихотворба од реномиран поет и ДВД во свечена футрола
Според вториот дел од јавната набавка именуван како креатива, фирмата Арбериа Десинг има задача да обезбеди видео спот со песна, видео спот за промоција на јубилејот, и видео спот за за постигнувањата од потпишувањето на Охридскиот договор со можност за аудио превод на македонски, албански, турски и англиски јазик, како и стихотворба од реномиран поет, музички аранжман и аудио запис на песна по повод 20 годинишнина од потпишувањето на Охридски Рамковен Договор.
Во трендерската документација е предвидено и изготвување на документарен филм за 20 години од потпишувањето на Охридскиот договор кој ќе треба да биде умножен на 500 ДВД-а во, како што е наведено во тендерската документација, уникатна свечена футрола.
Дополнително се задолжени и за изработка и печатење на плакати, изнајмување на билборди и печатење на стручен труд посветен на придобивките од Рамковниот договор, и изработка на ексклузивни кожни папки со втиснато лого од 20 годишнината.
Друга фирма ќе обезбедува авио-билети и сместување
Вториот дел од набавката го доби фирмата друштво за промет и туризам ЕУРО- Турист Зибер Дооел Тетово. Вредноста на овој дел од договорот изнесува 97 илјади евра и се однесува на авио билети и сместување. Според податоците на бирото за јавни набавки, претходно оваа фирма од државниот буџет за авионски и хотелски услуги инкасирала 65 илјади евра.
Во тендерската документација е наведено дека пристигнувањето на патниците и нивното тргнување не треба да биде среде ноќ и дека во цената влегува економска класа и багаж до 23 килограми.
„Конекциите за одделните дестинации да бидат со колку што е можно помалку време на чекање, со директни врски и без непотребни префрлања и чекања. Пожелно директен лет“, се вели во тендерската документација.
Гостите е предвидено да бидат сместени во хотели во и надвор од Скопје, а хотелот треба да биде со категоризација од 5 ѕвездички и да располага со сала за фитнес и спа центар. Во однос на транспортот гостите ќе се возат во автомобили кои не се постари од 7 години.
Еден од условите на тендерот е фирмата која ќе врши транспорт на гостите да поседува минимум 7 патнички возила од кои минимум една лимузина.
Во бодувањето во јавната набавка за организацијата на 20 годишнината клучен критериум е цената и носи 70 поени, додека вториот критериум кој носи 30 поени е професионално искуство во организирање на настани со целосна логистичка, техничка и креативна подршка во последните 3 години.
Поканети се 300 гости во период пред да стапат во сила новите рестриктивни мерки за заштита од Ковид 19. За прославата ќе бидат потрошени вкупно половина милион евра.
„Цената е таа, но не мора да значи дека тоа ќе го исплатиме на крај затоа што се работи за настани што ги организираме веќе еден месец, а ќе продолжат и по 13 август. Не се работи само за 13 август, туку за повеќе и ќе видиме на крај кои се трошоците, но секако овој трошок нема да биде поголем од придобивката што ја имаме од Охридскиот рамковен договор, а тоа е траен мир, инклузивно општество, земја во НАТО и со европска перспектива. Во тоа голем удел има и Охридскиот рамковен договор“, изјави рече неодамна Груби.
Груби: Трошокот за одбележување на рамковниот договор нема да биде поголем од придобивката
Воениот конфликт започна на почетокот на 2001 година, меѓу Ослободителната народна армија (ОНА) и безбедносните сили на Република Македонија.
Преговорите за Рамковниот договор кои траеја околу два месеци започнаа во Скопје, а продолжија во Охрид, каде завршија со потпишување на документот во претседателската резиденција во Скопје на 13 август 2001. Го потпишаа тогашните лидери на најголемите политички партии во земјата Бранко Црвенковски на СДСМ, Љубчо Георгиевски на ВМРО-ДПМНЕ, Арбен Џафери на ДПА и Имер Имери на ПДП.
Потписници на Договорот, беа и специјалниот претставник на ЕУ, Франсоа Леотар и специјалниот претставник на САД, Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.