Достапни линкови

Може ли на масовна забава без маски и без корона?


Илустрација
Илустрација

Пилот проект спроведен во Берлин во текот на викендот, чија цел беше да се разгледа како на посетителите на клубовите ќе им биде дозволено безбедно да се забавуваат без маски, бил успешен. Но, колку од клубовите би го примениле?

Шест берлински ноќни клубови викендов ги отворија вратите за маскирани посетители, како дел од проектот чија цел е да се открие безбеден начин за заживување на ноќните сцени, нешто што го истакнуваат како економски важно сите европски туристички работници.

Како што пренесе Ројтерс, во Германија, танцувањето во затворен простор се уште е забрането, но проектот наречен Reboot Clubculture истражува нови можности и покрај пандемијата.

Со вакцина, без маска

Во неколку берлински клубови, како што се KitKatClub, Renate и SO36, младите можеа да танцуваат без заштитни маски и немаше забрана за физички контакт, но им беше дозволено да влегуваат во клубовите само по потврда за негативен ПЦР тест. Не беше направена разлика помеѓу вакцинирани и невакцинирани против ковид-19.

Околу 2.000 достапни билети беа разграбани многу брзо.

„По детален процес на регистрација и тестирање, оваа ноќ во ноќен клуб беше навистина како пред пандемијата“, рече Луц Лајхсеринг, портпарол на здружението на ноќните клубови во Берлин.

ПЦР тестови

Вклучувајќи ги и организаторите, 2110 лица беа подложени на ПЦР тестирање. Откриени се само седум случаи на инфекција со „ковид-19“ и пријавени на здравствените власти.

„Во петок ќе се спроведат контролни тестови на сите посетители на клубот, а ќе се организира и онлајн анкета. Оценката ќе ја направиме после тоа“, рече Лајхсенринг.

Берлинските ноќни клубови се затворија пред година и пол за да спречат ширење на инфекцијата.

Во Македонија нови мерки

За една недела во Македонија треба да стартуваат новите анти-ковид мерки. Бројот на активни случаи во Македонија сега е околу 2000. До пред една недела на 2 август имало околу 600 активни случаи, а неделата претходно на 26 јули имало 300 активни случаи. Пред три недели имаше по дваесетина новозаразени дневно, следната недела по педесетина дневно, а потоа бројот на заразени почна рапидно да расте и сега има по речиси 400 нови случаи дневно.


Здравствените власти велат дека епидемиолошките анкети покажале дека повеќето од новозаразените се од свадби и веселби, па затоа од 16 август целосно се забранува работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти (и во кафетерии), вклучително и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип.

Од 16 август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба при влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани). Потврдата за вакцинација важи само за полнолетните граѓани.

XS
SM
MD
LG