Фирмата која треба да ги набави свидетелствата за учениците ќе ја организира и прославата за 21-годишнината од Рамковниот договор. Тетовската фирма Арбериа Десигн ја организираше и минатогодишната прослава, стои зад организацијата и на прославата на Денот на албанското знаме, а позната е и по печатењето на учебници на албански јазик. Според податоците на Бирото за јавни набавки, само во изминатите 4 години, оваа компанија добила 61 тендери од државата од околу 4 милиони евра.
Според податоците на Државниот завод за ревизија, фирмата се јавува и како донатор на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за изборите во 2015. Тогаш тетовската фирма одвоила 20 илјади евра и е најголемиот донатор на ДУИ за тие избори.
Кризно време и за прославата за Рамковен
Но, економската криза се одрази и на прославата на 21 – годишнината од Рамковниот договор. Минатата година се славеше со пола милион евра, сега, пак, се планира да се потрошат речиси 100 илјади евра, покажуваат податоците на Бирото за јавни набавки. Организатор на одбележувањето на годишнината од Договорот со кој се стави крај на конфликтот во 2001 е Министерството за политички систем, на чие чело е првиот вицепремиер Артан Груби, кој е кадар на ДУИ.
За 21-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор склучени се два договори со тетовската фирма. Таа треба да ја организира манифестацијата со целосната логистичка, техничка и креативна поддршка.
По 10 илјади евра за странските музичари, по седум илјади за домашните
За изнајмување на конференциска сала во хотел со четири или повеќе ѕвездички за максимум 50 учесници ќе се издвојат речиси 1200 евра по ден. Кетерингот е предвидено да чини по 50 евра од лице. За хотелски услуги по лице е предвидено да се одвојат по 40 евра. За грицки, кафе и освежителни пијалаци за паузи ќе се одвојат по 10 евра по човек. Доколку некој од гостите сака да си нарача храна од менито, тоа ќе чини по околу 65 евра по човек. Хостесите ќе добијат дневница по 50 евра. По речиси 10 илјади евра ќе добијат странските музички ѕвезди, кои ќе настапат на концертот, додека домашните естрадни ѕвезди ќе добијат помалку пари, по околу 7350 евра. Повеќе пари ќе земат и странските бендови, за разлика од домашните. Водителот на концертот ќе добие нешто повеќе од 700 евра. Преведувачите ќе добијат по околу илјада евра. Ќе се одвојат пари и за опрема за озвучување, осветлување, сценографија, видео од настанот, потоа пари за фотограф, за сценарио и режија на настанот итн.
И годинава, според податоците на Договорот објавени на Бирото за јавни набавки ќе се издвојат 5600 евра за стихотворба од реномиран поет, музички аранжман и аудио запис на песна за годишнината од Охридскиот договор. Истата сума беше одвоена и лани за оваа ставка. И за оваа годишнина ќе има промотивен материјал, пенкала и пера, папки, тетратки, беџеви, мемориски стикови, семинарски ташни.
„Првото издание на фестивалот кој се стреми да стане традиционален, ќе се одржи на плоштадот „Скендербег” во Скопје. Заедно одбележуваме 21 годишнина од Охридскиот рамковен договор како и започнување на преговори за полноправно членство во Европската унија“, пишува во објавата на Министерството за политички систем на Фејсбук.
Беше најавено дека на настанот ќе настапат Антониа Гиговска, Владо Јаневски, Нора Истрефи, Фифи, Ермал Фејзулаху, Кида и Луми Б, но потоа дел од медиумите јавија дека Гиговска го откажала своето учество, оти не знаела дека настанот има политичка конотација.
Освен концертот PEACE FESTIVAL, во рамки на одбележување на годишнината, се организира и Школа за млади лидери ,„Peace Forum Dialogue”. Експертите што се ангажирани за обука на млади лидери ќе добијат по 1300 евра по настан.
Школата се одржува во Маврово, а предавачи се Лидија Георгиева, Гордан Георгиев, Џелал Хоџиќ, Роберт Алаѓозовски, Јусуф Зејнели, Ризван Сулејмани, Ведије Раткоцери и Џабир Дерала.
Фирмата од Тетово, која го организира одбележувањето на годишнината од Охридскиот договор, има 36 вработени и основната дејност ѝ е печатење, според податоците на Централен регистер и УЈП. Но, на веб страната на фирмата може да се види и дека организираат и настани и прослави. Фирмата Арбериа Десигн ја основал Хасим Хамзаи во 1995- та година, како мала фирма во Тетово, сега фирмата е меѓу 200- најголеми фирми во земјава, со профит од околу три милиони евра годишно.
Тендери од институции предводени од ДУИ
Од податоците на Бирото за јавни набавки, може да се забележи дека најчесто добиваат тендери од институции на чие чело е функционер од ДУИ. Најголемите договори се со Министерство за образование, но добивале тендери и од Министерство за надворешни работи, за политички систем, Општина Тетово, Универзитет Мајка Тереза, Народен правобранител, Универзитет во Тетово, Фонд за пензиско, Судот во Тетово итн.
Воениот конфликт започна на почетокот на 2001 година, меѓу Ослободителната народна армија (ОНА) и безбедносните сили на Република Македонија.
Преговорите за Рамковниот договор кои траеја околу два месеци започнаа во Скопје, а продолжија во Охрид, каде завршија со потпишување на документот во претседателската резиденција во Скопје на 13 август 2001.