Како да се заштитиме од сајбер кражби во време на пандемија

Илустрација

Компјутерскиот криминал во време на пандемија зема замав. Зголемената употреба на паметни телефони и компјутери за пополнување на слободното време како и работата од дома он лајн, заедно со електронското плаќење на сметки и потрошувачка не прави поранливи на сајберкриминал доколку не внимаваме.

Промената на начинот на живот кои ги донесоа вонредните мерки поради пандемијата си носи со себе нови и поинакви ризици. Работењето од дома наместо од канцелариски заштитена интернет мрежа, часови поминати во сурфање на интернет за скратување на времето поминато во самоизолација како и плаќање на сметки и набавка на храна со само еден клик ги отвори ширум вратите за сајбер-криминалците.

За првото тромесечие од годинава сè уште нема официјални податоци колку пари македонските граѓани потрошиле он лајн, но само минатата година на купување со еден клик се потрошени речиси 170 милиони евра што е за една четвртина повеќе од 20118 година, објави неодамна Асоцијацијата за е-трговија. Според податоците на Народната банка од минатата година за безготовински платежни трансакцииможе да се заклучи дека е зголемен бројот на новоотворени он лајн продавници во земјава и со тоа е зголемена и понудата на производи и услуги од домашните компании но и дека бројот на трансакции кон странски компании е идентичен со тој кон домашните веб продавници.

Полицискиот час и сајбер криминалците

Конкретно 50,2 проценти од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со македонски платежни картички се излеале кон странски трговци, додека кон македонски онлајн продавници изнесува 49,8 проценти од реализираните трансакци.

Мане Пиперевски, експерт за информатичка безбедност во Пиперевски консалтинг предупредува дека во услови на пандемија кога мнозинството граѓани своето слободно, а и работно време го поминуваат пред компјутер на интернет и набавките ги спроведуваат онлајн треба да двојно повеќе внимателни со своите лични податоци.

Видете и ова: Oнлајн како алтернатива на традиционалниот бизнис


Без разлика на пандемијата сајбер криминалот во изминатиот подолг период е во постојан пораст, и со зголемувањето на употребата на паметни телефони, интернет купување и комуникација преку интернет не доведува во ризик, односно ги зголемува шансите да бидеме жртва на сајбер напади и мора да научиме да се заштитуваме, објаснува Пиперевски.

„Луѓето се излажани дека секакви продукти постојат за многу поефтина цена и од реалната, па дури и за Ајфон од еден долар,и веднаш брзаат да го купат додека не го снемало од пазарот, што е нормално дека тоа е нелогично и неточно, нешто што вреди илјада долари сега да се продава за еден долар. Такви превари имало и ќе има, но сега кога граѓаните во домашни услови се почесто на социјалните мрежи, и злонамерните хакери демнат и одвај чекаат некој да кликне на таква реклама и да ги внесе своите лични податоци, банкарски детали од типот на кредитна картица и детали околу кредитна картичка“ вели Пиперевски.

Според него електронското и мобилно банкарство во земјава е на високо безбедно ниво, а со тоа и се препорачува на ваков начин граѓаните да прават трансакции наместо на секој сметка или он лајн продавница постојано да ги внесуваат своите лични и банкарски податоци. Пиперевски и соработниците е првата специјализирана компанија за ИТ безбедност во Македонија, која се занимава со изведување на професионални безбедносни проверки на информаички системи познати како пенетрациски тестирања.

Видете и ова: „Антолог“ со прв е-саем на книга

Пиперевски вели дека треба да обратиме многу повеќе внимание на идентификација на тоа што го користиме, дали е доверлив веб сајт, дали е вистинско или измама со тоа што така би ги заштитиле нашите лични податоци и податоците на нашите платежни картички за трансакции он лајн.

„Откако ќе се ни се случи некаква сомнителна трансакција или да ни украдат податоци на корисниците на он лајн трансакции, најголем следен проблем ќе биде кога ние во таква ситуација ќе треба да ја поништиме нашата кредитна картица и да извадиме нова, и тука време траењето може да направи ние да немаме пристап до нашите пари извесен период, особено затоа што банките работат со намален капацитет и со намален број на експозитури кои се отворени. Мора да се внимава на одредени елементи од социјалните мрежи, од текстовите од рекламите кои се нелогични и имаат карактер на измама, едноставно да не се кликаат, “ додава тој.

Сајбер криминалците на интернет покреваат лажни кампањи за одредени производи, а меѓудругото и ја злоупотребуваат ситуацијата со коронавирусот за продажба на фалсификувана или крадена заштитна опреми, како маски и тестови. Дополнително, со зголемениот интерес за следење на состојбите со корона вирусот се појавија голем број на наводни онлајн алатки и мапи кои го прикажуваат ширењето на болеста КОВИД-19, но зад нив всушност се крие злонамерен софтвер кој ги краде податоците на корисниците и може да нанесе огромни штети. Компјутерскиот криминал опфаќа неколку области, како навлегување во компјутерски систем, вируси, компјутерски измами и фалсификати, потоа злоупотреба на платежни картички, лични податоци насоцијални медиуми, но и детска порнографија.