Во Русија отпуштање од работа за оние што не сакаат да се вакцинираат

Жена прима доза на вакцина Спутник V во центар за вакцинација во трговски центар во Омск, 29 јуни 2021 година

Среде третиот бран на епидемија на коронавирус во Русија властите вложуваат многу напори да ги убедат граѓаните да се вакцинираат. Во последниве недели, имаше голем скок на бројот на заразени и починати, пред се во Москва и Санкт Петербург. Јулија Петровскаја

До минатиот месец, руските власти не зборуваа за нови ризици, верувајќи дека епидемијата е под целосна контрола. Сепак, најновите статистички податоци покажуваат дека ситуацијата е критична. Се проценува дека 90 насто од сите нови случаи на болеста се поврзани со делта сојот на коронавирусот, кој тие го оценуваат како најопасна.

Во исто време, Русија заостанува во процесот на имунизација, а повеќето граѓани не планираат да примат вакцина. Пред една година, во своето обраќање до нацијата, претседателот Владимир Путин рече дека Русија успешно ја поминала најопасната фаза на епидемијата. „Докажавме дека можеме да го сториме тоа“, рече тогаш Путин.

Рекорден број новозаразени во Русија од јануари

Денес, тонот на изјавите на руските власти е нешто поразличен. Државниот врв се надева дека ќе ја подобри ситуацијата дури во октомври. Критичарите во опозициските медиуми велат дека режимот на Путин изгубил контрола над епидемијата и нема стратегија да се бори против коронавирусот.

Вакцини со награди и закани

Сепак, Русите, кои секогаш покажуваа многу слаб интерес за вакцинирање, последните денови се упатуваат кон амбулантните возила. На некои места, како што е територијата на Ставропол, бројот на барања за вакцинација се зголеми за три пати во краток временски период, додека во Москва се зголеми за 10 пати.

Ова се случи делумно под притисок на властите, кои ветуваат бројни награди, па дури и автомобили, за совесните граѓани, а од друга страна им се закануваат на оние што се против вакцинирањето со разни ограничувања и отпуштања.

Видете и ова: Петти ден по ред рекорден број починати од коронавирус во Русија

Во многу руски региони, имунизацијата е прогласена за речиси задолжителна, иако властите продолжуваат да велат дека тоа е доброволно. Поради тешката епидемиолошка состојба, главниот санитарен лекар во Москва нареди задолжителна вакцинација за 60 насто од вработените во областите трговија и забава, транспорт, образование, здравство итн.

Во некои региони се планира да се вакцинираат до 80 проценти од вработените. Како што беше официјално објавено, вакцинацијата е бесплатна, а граѓаните имаат на располагање три руски вакцини - Спутник V, ЕпиВакКорона и КовиВак.

Целиот процес, вклучувајќи медицински преглед, подготовка и следење на пациентот по инјекцијата, трае 45 минути. Секое вакцинирано лице добива сертификат на руски и англиски јазик со датум на вакцинација, име на вакцината и потпис на лекарот.

Странски вакцини не се достапни во Русија, за разлика од, да речеме, Србија, која им нуди на своите граѓани избор од четири производи. Скоро половина од Русите, според анкетата на Свердловскиот центар за истражување на јавното мислење поддржуваат задолжителна вакцинација, додека 16 проценти се рамнодушни кон ова прашање, а 30 проценти реагираат доста негативно.

Путин ги охрабрува Русите да се вакцинираат

Властите сакаат да имунизираат 60-70 проценти од населението до крајот на летото. Но, се поставува прашањето колку е реално тоа, со оглед на големиот број на негирачи на вируси во Русија и силната недоверба на јавноста кон вакцините?

Телевизиската пропаганда не е насочена кон борбата против вирусот, туку во борбата против Западот и критичарите на Владимир Путин.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Делта сојот на короновирусот

Без страв од коронавирусот?

Истражувањето на Левада центарот, спроведено на почетокот на јуни, покажа дека 55 проценти од Русите не се плашат од инфекција со коронавирус, додека 42 проценти се плашат. Бројот не е променет од февруари 2021 година, посочува Центарот.

Околу 24 проценти од Русите сметаат дека имале ковид-19. Околу 11 проценти од испитаниците изјавиле дека веќе ја примиле вакцината. Русија се чини дека има една од најколебливите популации во светот кога станува збор за борба против коронавирусот.

Видете и ова: Во Русија се шири црниот пазар на лажни ковид сертификати

Според Денис Волков од Левада центарот, сите социолошки истражувања покажуваат дека 60 проценти од луѓето сè уште не се подготвени да се вакцинираат. Но, не сите се конзистентни анти-ваксери. Повеќето едноставно не можат да донесат одлука самостојно.

Само 10 проценти од споменатите 60 насто тврдат дека нема да ја примат вакцината „во никаков случај“. Другите можат да го сменат своето мислење, доколку владата покаже дека вакцината е безбедна, смета директорот на Центарот Левада.

Но, додава Волков, пропагандната кампања не оди добро, има многу контрадикторни информации.

„Од една страна, поканети сме да се вакцинираме, од друга страна, на истата телевизија се појавуваат некои „експерти“ кои ги плашат луѓето како со вакцините се „чипува“ населението или велат дека не треба да се носат заштитни маски, бидејќи епидемијата е поразена. Во Русија недостасува доверба во научното знаење, што е последица на она што се случува на телевизија“, вели Волков.

Во исто време, нема јасен, недвосмислен сигнал од властите дека болеста е многу опасна, што социологот го смета за голем проблем.

Нови епидемиолошки мерки во Москва – во кафеана само вакцинираните

„Луѓето кои немаат професионално знаење едноставно се збунети. Во едно истражување, третина од лекарите велат дека не сакаат да се вакцинираат. Ако експертите сè уште не одлучиле, што можеме да очекуваме од обичните луѓе?“, прашува Волков.

Според него, неопходна е планирана, недвосмислена кампања за вакцинација, во која би учествувале сите оние кои уживаат доверба од граѓаните, од претседателот на државата до познати пејачи и актери.

Но, вели тој, сè уште има недостаток на лидерство и страв од донесување одлуки што може да бидат непопуларни. Да потсетиме, властите беа шокирани од падот на рејтингот за време на првиот бран на пандемијата.

Како да се успее со вакцинацијата?

Минатиот август Русија стана првата земја што ја одобри вакцината против ковид-19, Спутник V, за јавна употреба. Во средината на јануари, Путин ѝ нареди на владата да започне „масовна вакцинација“. Пет месеци подоцна, околу дваесет и еден милион луѓе примиле барем една доза на вакцина, што е 14,2 проценти од вкупното население, додека 16 милиони примиле две дози.

Според официјалната руска статистика, овие податоци ја рангираат Русија на 12-то место според бројот на инјектирани вакцини.

Видете и ова: Руски фонд: Спутник V е поефикасен против индискиот вид отколку другите вакцини

Додека во некои земји, повеќе од 60 проценти од населението биле вакцинирани за време на пандемијата, како Исланд (73 проценти), Канада (67 проценти), Кувајт (67 проценти), Израел (64 проценти), Чиле (64 проценти) и Уругвај (63 проценти), Русија со 140 милиони жители може само да сонува за ваков успех заради бавниот процес на вакцинација, големиот скептицизам во руското општество и противречните одлуки на самите руски власти.

Зголемениот интерес на граѓаните во последните неколку дена веќе доведе до потешкотии. На пример, вакцинацијата со првата доза е суспендирана во регионот Хабаровск, а локалните власти чекаат на нови 15.000 дози на лекот.

Недостаток на вакцини во Русија е забележан неколку пати во последните месеци, дури и кога побарувачката беше мала. За сето ова време, руската телевизија и другите медиуми под контрола на Кремљ создадоа илузија кај руската јавност дека Русија, за разлика од најразвиените земји, успешно се избори со епидемијата.

Руските власти продолжуваат да се фалат дека побарувачката за Спутник V расте во светот и дека Русија доставила повеќе од 1,5 милиони вакцини и мобилни лаборатории во десетици земји. Покрај тоа, се донесуваат контрадикторни одлуки кога станува збор за борба против вирусот во земјата.

Русија со рекордна смртност од Ковид-19

Од една страна, работата на кафулињата, рестораните, зоолошките градини е ограничена, а од друга страна се дозволени масовни провладини настани, како што се конгресот на владејачката партија Единствена Русија, Бал на докторите, собири по повод неодамнешниот државен празник - Денот на Русија.

Покрај тоа, обновен е и воздушниот сообраќај со Турција, САД, Италија, Кипар, Северна Македонија, Белгија, Бугарија, Јордан и Ирска, а бројот на летови кон Австрија, Азербејџан, Ерменија, Грција, Катар, Финска, Хрватска и Швајцарија се зголемува. И сето тоа среде третиот бран, за кој и самите руски власти сметаат дека е најопасен.