Достапни линкови

Што се знаеме за Делта варијантата на Ковид-19


Тестирање за Ковид-19. Илустрација
Тестирање за Ковид-19. Илустрација

Индискиот сој на коронавирус, наречен Делта се прошири низ целиот свет. Од СЗО велат дека има поголема преносливост, но и дека вакцините се ефикасни. Во Македонија има два случаи на индискиот сој, а колективен имунитет се очекува на крајот од летово.

Делта варијантата на коронавирусoт, што за првпат беше откриена во Индија минатата година, веќе е регистрирана во 92 држави. За разлика од британската-Алфа и јужноафриканската- Бета оваа варијанта на вирусот која, според СЗО, се класифицира како глобална загриженост има зголемена преносливост. СЗО соопшти и дека има извештаи дека оваа варијантата предизвикува и потешки симптоми, но дека се потребни повеќе истражувања за да се потврдат тие заклучоци. Најчести симптоми, според анализите, се главоболка, воспалено грло и течење на носот.

Делта варијантата доведува до наплив на случаи од Португалија до Русија, додека Британија на почетокот на овој месец ја одложи за четири недели следната фаза од својот план за повторно отворање. Во САД, каде стапките на вакцинација се релативно високи, здравствените власти велат дека варијантата Делта може да стане доминантен вид во текот на летото.

Вакцините се ефикасни

Епидемиологот на Светската здравствена организација Марија Ван Керхове изјави дека има некои докази за намалена ефикасност на вакцините против оваа варијанта. Но, генерално, таа рече дека вакцините се „сè уште многу ефикасни“.

„Тоа е навистина важна порака што сакаме да ја направиме кристално јасна. Додека гледаме одредена намалена ефикасност, тие сепак се ефикасни во намалувањето на тешката болест, вклучително и против варијантата Делта “, порача Ван Керхове.

Според податоците објавени од Јавно здравство Англија, вакцинацијата со Фајзер и АстраЗенека е подеднакво ефикасна во спречување на хоспитализација во случај на варијантата Делта, како што е во случајот со Алфа варијантата.

Две дози на Фајзер спречуваат 96 проценти на хоспитализација поради варијантата Делта, додека АстраЗенека спречува 92 проценти, според студијата во која биле вклучени 14.000 луѓе.

И во претходните податоци објавени од британските здравствени власти на крајот на мај се дошло до слични заклучоци за помалку сериозни форми на болеста.

Тимот кој стои зад производството на Спутник В на Твитер дека вакцината е „поефикасна против варијантата Делта... од која било друга вакцина што објавуваше резултати на овој вид досега“.

Тие не објавија конкретни резултати, но соопштија дека студијата на Гамалеја центарот, односно руски истражувачки институт, е доставена за објавување во меѓународно списание.

Професорот и доктор на Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски повикувајќи се на научна студија порача дека 88 отсто од заразените во Британија со индискиот Делта сој не се вакцинирани, а 99 отсто од моментално хоспитализираните во Британија не се вакцинирани.

„Ризикот за смрт во првите шест постковид месеци е 7 пати поголем, за развој на хронични белодробни болести 27 пати, мозочен и срцев удар 8 пати, дијабет 4 пати“ напиша Беќаровски на Фејсбук.

Помалку антитела?

Една британска студија објавена во медицинското списание „Лансет“ на почетокот на јуни, испитуваше нивоа на антитела кај вакцинирани лица изложени на варијантите Делта, Алфа и Бета.

Откриено е дека нивото на антитела кај луѓето со две дози од Фајзер е шест пати помало во присуство на варијантата Делта отколку во присуството на оригиналниот тип на Ковид-19 на кој се темели вакцината.

Варијантите Алфа и Бета исто така предизвикале помали реакции, со 2,6 пати помалку антитела за Алфа и 4,9 пати помалку за Бета.

Француско истражување од Институтот Пастер заклучило дека антителата како резултат на вакцината Фајзер се три до шест пати помалку ефикасни против варијантата Делта отколку против Алфа варијантата.

Два случаи во Македонија

Во Македонија досега се регистрирани два случаи на Делта варијантата кај луѓе што се вратиле од Ирак. Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека врз основа на епидемиолошките анкети не детектирале ризик за ширење. Според него, ги анализираат податоците во земјава, во соседството и во Европа при што ситуацијата кај нас е доста стабилна така што во овој момент не планираат рестриктивни мерки поради ширењето на новиот Делта сој на коронавирусот.

„Но, морам да потенцирам, будно ја пратиме состојбата не само кај нас, туку и во околните земји поради тоа што многу често за временска разлика од една до две недели се случуваа промени во сите земји во регионот. Продолжуваме со овие мерки и продолжуваме да ја пратиме ситуацијата“, изјави Филипче.

Колективен имунитет

Филипче смета дека до крајот на летото во земјава може да биде постигнат процент на имунизирани лица за кој ќе може да се каже дека е колективен имунитет, оти дотогаш би можеле да бидат вакцинирани околу 600 илјади граѓани, што, како што истакна, е 50 проценти од популацијата планирана за вакцинација.

До крајот на месецот ќе стигнат кинеските вакцини „Синовак“, и како што рече тој, од наредната недела ќе продолжи масовната вакцинација на населението, која сега се одвива со намалено темпо поради малиот број вакцини кои ги имаме на располагање.

„Веќе е направен планот на граѓаните за 100.000 дози „Фајзер“ и 500.000 „Синовак“. Од наредната недела се очекува вакцинација на 15.000-20.000 граѓани на ден. За брзо време ќе се вакцинираат сите 180.000 пријавени граѓани. Мислам дека до крајот на летото голема бројка граѓани ќе бидат вакцинирани“, рече министерот.

Филипче додаде дека се уште не се знае како ќе влијаат мутациите на коронавирусот, но нагласи дека искуствата од другите држави, вклучувајќи ја и Кина, покажуваат оти вакцините се многу важен фактор во борбата против пандемијата и дека спречуваат тешки форми на болеста.

Откако ќе бидат вакцинирани сите пријавени граѓани, Министерството за здравство ќе спроведе теренска вакцинација во местата каде интересот бил слаб. На вакциналните пунктови во државата вакцинирани се вкупно 278.202 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 482.058 дози вакцини, а ревакцинирани се 203.856 граѓани.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG