Достапни линкови

Можност за патување во ЕУ и за невакцинираните македонски државјани


Според ажурираниот список на Советот на ЕУ во државите членки може да патуваат граѓаните од Северна Македонија, Албанија и Србија бидејќи епидемиолошката состојба со Ковид19 во нив се смета за стабилна.

Советот на Европската унија го ажурира списокот на земји за кои се укинуваат ограничувањата на патувањата и во него ги додаде Северна Македонија, Албанија и Србија. Одлуката стапува во сила денеска од кога, како што се наведува „врз основа на критериумите и условите утврдени во препораката, државите членки би требало постепено да ги укинуваат ограничувањата за патување преку надворешните граници за жителите на овие земји“.

Ова ажурирање на списокот доаѓа откако претходно неделава амбасадорите на земјите членки на Европската унија препорачаа да се укинат рестрикциите за девет земји меѓу кои Северна Македонија, Србија и Албанија. ЕУ го ажурира списокот на секои две недели во согласност со епидемилошката ситуација во секоја држава поединечно. Унијата минатиот месец усвои таканаречена „итна сопирачка“ со која може итно повторно да се активира забраната за патување во одредени држави ако дојде до рапидно влошување на епидемиолошката ситуација.

Инаку за да се добие статус на безбедна држава во земјата мора да се забележи најмногу 75 позитивни случаи заразени со Ковид19 на 100 000 жители во последните 14 дена.

Во Македонија последниве недели бројот на новозаразени од Ковид19 дневно е едноцифрен или двоцифрен. Според последните податоци во земјава од почетокот на пандемијата досега има 155.593 ковид-дијагностицирани лица, бројката на оздравени пациенти е 149.708, на починати е 5.472, а бројот на активни случаи изнесува 413. Во осум градови, пак, нема ниту еден евидентиран активен случај на заразен со Ковид-19.

Денешната одлука на Советот на ЕУ значи дека македонските државјани и кои не се вакцинирани може да влезат слободно во земјите членки на Европската унија бидејќи се смета дека епидемиолошката ситуација во тие држави е под контрола.

Советот на ЕУ во мај формално ги укина рестрикциите за несуштински патувања за граѓани од трети земји кои се вакцинирани со двете дози против Ковид19, вклучително и граѓаните на Западен Балкан. Меѓутоа за држвјаните на оние земји кои не се на безбедната листа и понатаму е потребна согласност на државата домаќин додека дозвола не е потребна во случај ако се доаѓа од земја која се смета за безбедна.

Според последната статистика во земјава вкупно се аплицирани 462.415 дози вакцини, а ревакцинирани се 197.251 граѓани. Најмногу од нив се со кинеската вакцина Синовак, која не е признаена од Европската агенција за лекови ЕМА, а голем дел од граѓаните се вакцинирани и со руската Спутник В која има ист статус во земјите членки на унијата како и кинеската. Од ЕМА признаени вакцини се АстраЗенека, Бионтек/Фајзер, Џонсон и Џонсон и Модерна.

Сепак, секоја земја-членка на ЕУ може индивидуално да одлучи да побара од патниците од тие земји негативен тест или карантин. Покрај трите земји од Западен Балкан, на листата на безбедни земји се наоѓаат САД, Хонг Конг, Либан, Макао и Тајван. Јапонија, Австралија, Израел, Нов Зеланд, Руанда, Сингапур, Јужна Кореја и Тајланд веќе беа на списокот на безбедни земји.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG