Регионалниот центар за односи со јавност -мост за комуникација меѓу Македонија и НАТО

Одржување тренинг и обука во Регионалниот центар за односи со јавноста (PARC)

Македонија покажува лидерство во градење не само на воени капацитети, туку и во областа на информациското опкружување, вели директорот за комуникации во НАТО, Џеј Џенсен. Во тој контекст Регионалниот центар за односи со јавноста досега обучил повеќе од 1600 учесници од 40 земји од НАТО и партнерите

Во време на бројни безбедносни предизвици со кои се соочува светот, еден од приоритетите со кој се бори северноатлантскиот сојуз е и борбата против лажните вести и дезинформации, вели Џеј Џенсен, директор за комуникации при Сојузничката команда за операции на НАТО.

Во неделното интервју за радио Слободна Европа тој истакнува дека Северна Македонија покажува доста лидерство во однос на градење не само на воените капацитети, туку и во информациското опкружување. За Џенсен улогата на Северна Македонија како домаќин на НАТО конференцијата за комуникатори е еден од сигналите дека земјава успешно се справува во делот на стратегиските комуникации.

Од пред две години Регионалниот центар за односи со јавност (PARC) прерасна во регионален НАТО-центар за борба против лажни вести и дезинформации, а според претставникот на НАТО, Центарот е многу важен линк во комуникацијата и размената на информации и искуства меѓу Северна Македонија и НАТО.

„Северна Македонија инвестираше во Центар за односи со јавност за регионот, тој се наоѓа во Скопје и вклучува обуки и градење капацитети за информациско опкружување за воените сили на Македонија и тој е важен линк во комуникацијата помеѓу НАТО и Северна Македонија. Си помагаме меѓусебно, работиме заедно, а НАТО конференцијата е зацврстување на тие врски, тие обиди да се разменат искуства, лекции, најдобри практики. Тоа е навистина позитивен чекор напред. Северна Македонија како релативно мала и најнова земја членка поставува добар пример“, вели Џенсен во неделното интервју.

Видете и ова: Нема волшебно стапче против лажните вести

Инаку Регионалниот центар за односи со јавноста (PARC) во Министерството за одбрана е единствениот партнерски центар за обука и едукација на НАТО во Северна Македонија, односно единствен во рамките на сегашната мрежа од 34 такви центри ширум светот, што се исклучиво специјализирани за обезбедување активности за обука во областа на односите со јавноста.

Центарот е формиран со одлука на Владата во февруари 2005 година „заради интензивна едукација во областа на односите со јавност на персоналот во министерствата за одбрана и армиите на Република Македонија, Република Албанија и Република Хрватска“, кои тогаш ја сочинуваа „Јадранската група“ земји-кандидатки за членство во НАТО, поддржани од САД. Центарот беше формиран под менторство и со поддршка од Швајцарија.

Во 2009 година PARC стана и еден од трите регионални центри во рамки на иницијативата „Форум за безбедносна соработка на Западен Балкан“, заедно со Центарот за мировни операции од Сараево, Босна и Херцеговина и Центарот за атомско-биолошко-хемиска обука од Крушевац, Република Србија.

И во програмата на актуелната Влада стои дека еден од приоритетите ќе и биде таканаречениот концепт на „паметна одбрана“.

„Ќе се специјализираме, во духот на концептот на „паметна одбрана“. Информациите и лажните вести, како и стратешките комуникации и односите со јавноста стануваат безбедносни прашања од највисок приоритет. Имаме искуство и знаење кое може да го понудиме и да го надградиме“, стои во програмата за работа на Владата.

Џенсен истакнува дека дезинформациите и лажните вести се дел од реалноста и дека НАТО комуникаторите работат на развивање стратегија за создавање поголема отпорност кон дезинформациите.

„И за нас во НАТО предизвикот е да разбереме што се случува, како да ги детектираме тие противнички напори, како да ги заштитиме нашите општества и трупи и како да користиме соодветни алатки за да го пренесеме нашиот наратив. Не можеме да користиме истите тактики и техники како нашите противници бидејќи сме во сојуз кој се заснова на вредности, но сепак треба да бидеме ефективни во комуницирањето и справувањето со штетните информации“, вели Џенсен.

Видете и ова: Македонската Aрмија може да се носи со обврските од НАТО

Поради важноста на обуката во делот на односите со јавноста во НАТО и земјите партнери, во 2013 година Министерството за одбрана одлучи да покрене постапка за номинирање на PARC за членка на PTEC (мрежа на партнерски тренинг центри за едукација)

„По успешното завршување на процесот на оценување на НАТО, во јуни 2013 година, Сојузничката команда за трансформација официјално го прифати PARC во мрежата на партнерски центри за тренинг и едукација. Овој чекор беше неизмерно важен за понатамошниот развој на PARC и меѓународната видливост бидејќи од овој момент центарот беше отворен за сите заинтересирани учесници од сите НАТО и партнерски земји, вклучително и Партнерството за мир, Медитеранскиот дијалог, Истанбулската иницијатива за соработка и глобалните партнери на НАТО“, соопштија од Министерството за одбрана.

Досега, повеќе од 1600 учесници (и воени и цивилни) од 40 земји од НАТО и партнерите ги посетиле меѓународните курсеви на Регионалниот центар за односи со јавноста.