Лажна љубовна приказна на претседателката на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, кружи на интернет. Додека таа беше во посета на Тајван, се појави наводна свадбена фотографија од Пелоси, кога била млада и кинескиот новинар Ху Ксијин. Но, се работи за лажна фотографија, односно за фотошоп при што се споени две фотографии, а и Пелоси е 20 години постара од кинескиот новинар, па не може во исто време и двајцата да биле млади.
Со лажни изјава на Черчил се распламтуваат националистички страсти во Македонија и објави во кои се цитира Черчил, како наводно кажал дека „Целата историја на Европа е поврзана со Македонија, па затоа сите ја негираат“. Оваа лажна вест предизвикала илјадници коментари и шерувања. Со наводни наградни игри на социјалните мрежи, во кои се споменува дека големи фирми доделуваат награди, се злоупотребуваат брендови и се наседнуваат луѓе.
Ова е само дел од медиумското секојдневие со кое се соочуваат граѓаните.
Михајло Лахтов, кој е искусен експерт за медиуми и комуникација со долгогодишно работно искуство и кој една година е директор на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, вели дека не постои волшебно стапче и не може да се залажуваме дека со еден клик на тастатурата ќе дознаеме што е што.
„Затоа што работите, во суштина, не се црно-бели, не можеме да зборуваме ова е лажна вест, оваа е вистинска вест, има многу нијанси во процесот. Ние можеме да зборуваме за вистински вести коишто се пропаганда, можеме да зборуваме за вистински информации коишто се извадени од контекст, некогаш можеме да зборувам за лажни или недоволно точни или како што се нарекуваат во науката – мисинформации, а коишто не се намерно направени, не се направени со намера да предизвикаат некоја штета“, вели тој во интервју за РСЕ кое во целост ќе биде објавено в недела.
Проектот на чие чело е Лахтов вклучува работа со различни генерации млади како во формалното, така и во неформалното образование. Од оваа академска година со грантови од УСАИД четири факултети ќе имаа предмети за медиумска писменост, односно ќе може да ги ревидираат постојните програми или да креираат нови.
Еден од партнерите во проектот е и Институтот за комуникациски студии (ИКС). Александра Теменугова од ИКС вели дека медиумската писменост е исклучително битна во време кога се соочуваме со хибридни војни и дезинформациите, кои имаат влијание. Затоа треба да умееме да се справиме со нив, додава таа.
„Тоа значи кога ќе видиме една медиумска содржина треба да умееме да препознаеме која е намерата на таа информација, зошто е пласирана, од кога е пласирана, и која е целата што сака да се постигне со таа информација. Тоа значи дека поединецот треба да има доволно вештини, да може да ја провери таа информација, да ја спореди, да ја препознае заднината, која не секогаш е толку јасна, туку има некоја манипулативна заднина зад сето ова“, вели Теменугова од ИКС.
Лахтов вели дека денеска живееме во време кога медиумските пораки или информации буквално ги бомбардираат читателите, па тие се во проблематична ситуација кога не знаат што да одберат што е вистина, а што не, не знаат да препознаат што е добро обработена информација, а што е „жолт“ печат или што е непрофесионална информација.
Па затоа го свртеле и фокусот и сега се насочени кон граѓаните, особено кон младите, и кон тоа како да им помогнат да бидат медиумски писмени.
„За да зборуваме за граѓани ли читатели којшто ќе бидат добро медиумски описменети или ќе можат да прават таква разлика, треба најпрвин да зборуваме за образованието. Треба да зборуваме за образование што ќе наметнува еден пристап на критичко размислување, аналитичко размислување, каде што со младите уште од најмала возраст ќе зборуваме за тоа како се прават информациите, како се создаваат медиумските содржини, кој ги прави, зошто ги прави, да можат да развијат вештини и способности да ги анализираат работите со коишто доаѓаат во контакт и да ги евалуираат, односно да направат проценка што е добро, а што е лошо“, вели Лахтов.
За да може да се справи општеството со дезинформации, треба граѓаните да излезат од сопствените информациски меури и да читаат и да слушаат секакви информации, што ќе им помогне во животот да носат информирани одлуки.
Тие што се информираат од интерент, најмногу читаат постови на социјални мрежи
Истражување од пред две години направено за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, покажува дека македонските граѓани за информирање за домашните настани сè повеќе го користат интернетот.
Резултатите покажуваат дека колку луѓе се информираат од телевизија, толку се информираат и од интернет, при што повозрасните повеќе од ТВ, а младите од интернет. Кога, пак, се информираат од интернет, најголем дел од информациите ги земаат од постови на социјалните мрежи, потоа од агрегаторите на вести, по што следнуваат порталите, а на последно место се директно веб страниците на домашните телевизии.
Проектот „Младите размислуваат“ е спроведен од страна на Меѓународниот одбор за истражување и размена (ИРЕКС) во соработка со локалните партнери Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ), а е финансиски поддржан од УСАИД. Станува збор за петгодишен проект.