Достапни линкови

Македонската Aрмија може да се носи со обврските од НАТО


Изведување на воената вежба „Блесок 22“ на армискиот полигон Криволак
Изведување на воената вежба „Блесок 22“ на армискиот полигон Криволак

Првото НАТО оценување откако Македонија стана членка на Алијансата заврши со највисока оценка и пофални зборови за способноста и професионалноста на војниците од лесниот пешадиски баталјон. Надлежните велат дека буџетот на одбраната е дуплиран, а во тек е процес на модернизација на Aрмијата.

Сè уште нема одлука за испраќање македонски војници во рамките на зајакнување на источното крило на НАТО, но надлежните уверуваат дека нашата Aрмија е подготвена, доколку Алијансата го побара тоа од нас.

Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски вели дека македонските војници се оспособени со највисоки перформанси и висока обученост за извршување на соодветни задачи како во земјата, така и во странство.

„Секако дека имаме потреба од дополнителни вложувања и подобрување на логистиката во делокругот на подобрена опрема за заштита и мобилност на командите и единиците што впрочем е и фокусот на Генералштабот, министерството и државните авторитети во делот на модернизација, план кој се спроведува во континуитет и очекувам во блиска иднина дел од тие средства да бидат испорачани, дел се испорачани и се според највисоките НАТО стандарди не само кај оваа единица туку и кај други состави“, вели генерал потполковник Ѓурчиновски.

Програмата за стандардизација на НАТО бара сите сојузнички единици распоредени во операциите на НАТО како и воените вежби да бидат компатабилни во борбените тактики, комуникација и логистичка поддршка.

Деновиве на армискиот полигон Криволак, каде се одржа воената вежба „Блесок 22“, преку која се оценуваше борбената готовност на копнените сили. Преку изведување на офанзивни операции на единиците од составот на Лесниот пешадиски баталјон, со поддршка на хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ и артилериски орудија, се демонстрираа постапки и активности со кои се прикажа подготвеноста во изведување на воени операции според единствените НАТО стандарди, кои се потребни во заедничкото делување и со тоа се потврди добиената оценка „борбено оспособени за извршување на својата мисија“.

НАТО и одбраната на Балканот од можна агресија
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:31 0:00

Оценувањето на копнените сили се реализира според дефиниран сет на стандарди и критериуми преку кои се мерат подготвеноста, интероперабилноста и оперативната способност. Според надлежните, политичките пораки дека сме подготвени и придонесуваме кон колективната одбрана, се потврдиле со пораките од терен.

Полковникот Тино Колман од германската армија, кој е дел од копнената команда на НАТО во Турција имаше улога на главен набљудувач на НАТО во оценувањето на лесниот пешадиски баталјон. Тој вели дека е импресиониран од посветеноста и професионалноста на македонскиот тим за оценување.

“Како нова членка на НАТО Република Северна Македонија има повеќе од 50 проценти од квалификувани оценувачи во својот тим, кое посочува на квалитетно планирање и подготовка за оценување од страна на тимот за планирање. Ова е неверојатно достигнување за вас“, изјави полковникот Колман.

Директорот на Оценувачкиот тим, полковник Ивица Цветковски вели дека по завршената обука на тимот оценувачи, 85 проценти се сертифицирани за оценување согласно стандардите на НАТО.

„Можам да кажам дека оценуваната единица работи согласно стандардите на НАТО а персоналот покажа високо ниво на обученост за извршување на сите зададени задачи кои произлегуваат од нејзината мисија, можам да заклучам дека лесниот пешадиски баталјон како НАТО целна способност согласно стандардите за оценување на борбената готовност на копнените сили на здружената команда на НАТО е способен за извршување на мисијата“, вели полковник Цветковски.

Ова беше првото оценување на поголем состав по нашето полноправно членство. Претходно и помал состав од баталјонот за специјални сили го помина ова оценување кое беше организирано во соработка со Грција. И пред нашето полноправно членство се спроведуваше ваков вид на оценување речиси секоја година.

Две години полноправна членка на НАТО

Македонија одбележа две години од членството во НАТО. Патот до членството беше долг и тежок, но не се откажавме во остварувањето на клучната стратешка цел, порача претседателот Стево Пендаровски.

„Процесот на пристапување во Алијансата беше долг, беа потребни тешки одлуки и длабински реформи во нашата Армија и безбедносниот сектор но, денес, кога меѓународниот поредок е во опасност, ја разбираме важноста од членството во НАТО. Членството во Алијансата јасно ја исцртува и нашата долгорочна ориентација за почитување на вредностите кои ги споделуваме со евро-атлантската заедница: слободата, демократијата и владеењето на правото, како предуслови за успешен развој,“ вели Пендаровски.

И токму сега руско-украинскиот конфликт претставува главен предизвик за Алијансата и нејзините земји-членки. Безбедноста на регионот останува приоритет. Како земја членка на НАТО, Северна Македонија веќе понуди соодветна помош на украинскиот народ.

„Помошта за Украина се испорачува во повеќе фази. Се разбира дека заради доверливоста тоа не го соопштуваме, но ги соопштивме двете одлуки кога донесовме одлука за таква донација,“ вели министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Таа вели дека за само неколку години буџетот во одбраната е дуплиран, а во тек е и процесот на модернизација на Армијата која започнува од НАТО единицата.

„Најмногу средствата се насочени кон купување на нова софистицирана опрема. Дел опремата се американски оклопни возила. Нивната испорака ќе биде во јуни. Засега се најавени шест такви возила. Повеќе од 30 проценти се вложува во модернизација. Минатата недела го донесовме планот за набавки од областа на одбраната и безбедноста, но преку договори влада со влада. Таму има опфатени осум проекти кои се однесуваат и на зголемување на капацитетите на лесниот пешадиски баталјон но и набавки во областа на артилерија и други набавки кои се потребни на Армијата. Сите тие се прават согласно среднорочниот и долгорочниот план за развој на Армијата“, изјави министерката Петровска.

Генерал потполковник Ѓурчиновски вели дека обврските кои нашата армија ги има кон НАТО се спроведуваат според планираната динамика.

„Имаме јасни концепти. Не завршува процесот на континуитет во делокругот на трансформации, реформи во Армијата, меѓутоа и исполнување на секојдневните задолженија и обврски сега како 30 кредибилна земја членка. Всушност членството е привилегија и бенифит, но и обврска и одговорност не само на Армијата туку и на државата, каде што во континуитет се преземаат конкретни мерки задолженија и обврски во делокругот на одбраната и безбедноста, за да можат да бидат на највисоко ниво борбената готовност и интероперабилност на вооружените сили,“ вели началникот на Генералштабот, потполковник-генерал Ѓурчиновски.

На неодамнешниот вонреден самит на НАТО во Брисел, премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека денес сите сојузници на НАТО се обединети и дека ќе ја понудат нивната поддршка за народот на Украина.

„Денес сите сојузници на НАТО се обединети и ќе ја понудиме нашата поддршка за народот на Украина. Ќе останеме обединети. И Северна Македонија како земја членка на НАТО веќе ја усогласи својата надворешна политика со Европската Унија (ЕУ). Ги донесовме сите одлуки усогласени со земјите членки на НАТО и на ЕУ со цел да го одвратиме она што Русија на Путин го прави во Украина. А во насока да им помогнеме на Украинците, исто така ги донесовме потребните одлуки во земјата за да ги прифатиме сите бегалци коишто би побарале засолниште во нашата држава“, рече премиерот Ковачевски.

Македонскиот државен врв ја осуди руската инвазија на Украина и го призна нејзиниот територијален суверенитет и интегритет. Засега Македонија постапува согласно одлуките на ЕУ и НАТО, а според професорот Методи Хаџи-Јанев така треба и да остане.

„Ние сами не би требало нешто да преземаме, мора да се држиме до оној колективитет на кој припаѓаме и мислам дека тоа засега се прави одлично. Бидејќи ние како фактор сме минорни и сами по себе не можеме ништо да направиме, но и какви било излети надвор од зацртаните евроатлански текови да направиме би биле погубни за сите нас. Така да мислам дека колективитетот и солидарноста со НАТО и пред се зацртаните евроатлански патишта треба да останат во нашиот фокус. Нормално треба да се пресметаат и сопствените интереси, за да сето тоа биде избалансирано и направено со најмал можен ризик по нас“, вели професорот по меѓународно право на Воената академија, Методи Хаџи-Јанев.

Запрашан пак какви последици ќе носи членството на Македонија во НАТО во контекст на војната во Украина, Илија Џугуманов од Евроатлатскиот совет вели:

„Не би го врзал членството во НАТО со последиците директно, бидејќи самото членство ни носи повеќе бенефити во однос на последици. Конкретно во однос на последиците, неврзано сос состојбата во Украина, нашата земја беше влезена во енергетска криза, дополнително сметам дека ситуацијата во Украина и нашата зависност од тој дел на светот во однос на ресурси дополнително ќе ја продлабочи оваа криза и ќе ги стави на поголем предизвик нашите власти, но сепак преку едно одговорно владеење и соработка со целиот западен свет би можеле полесно да излеземе од оваа ситуација,“ вели Џугуманов.

Инаку на вонредниот самит на Алијансата, лидерите на земјите членки на НАТО се договорија да го зајакнат присуството на Алијансата на источното крило на територијата. Договорено беше да се формираат четири дополнителни борбени групи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка.

„Сега имаме осум мултинационални борбени групи на НАТО од Балтикот до Црното Море“, рече генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг на крајот од самитот.

Тој потврди дека ќе се зајакне присуството на Алијансата во копнениот, морскиот и воздушниот простор на земјите на НАТО кои граничат со Украина.

Воздухопловната база во Албанија ќе прерасне во модерна НАТО база

Работата за надградба на воздухопловната база Кучова започна во јануари годинава, а се планира базата да прерасне во модерен центар на операции оспособена да биде домаќин на низа борбени авиони од модерната ера.

Гоце Атанасов

НАТО и Албанија ветија 50 милиони евра за воздухопловната база Кучова, а проектите за реновирање ги подготви албанската Агенција за поддршка. Неопходна е обнова на пистата, приодните патеки и капацитетите за складирање гориво и муниција. Базата се очекува да биде оперативна до крајот на 2023 година. Воздухопловната база, која се наоѓа на 85 километри јужно од главниот град Тирана е именувана по малиот град Кучова во чија близина е. За време на комунистичкиот режим во Албанија, Кучова се нарекувал Сталинград. 83 годишниот Виктор Ванѓели служеше 27 години во базата како пилот на МиГ-19 пред да се пензионира во 1990 година. Тој се сеќава на секојдневните летови за контрола на прекршувањата на воздушниот простор од соседите за време на Студената војна.

„Интензитетот на летање за време на Студената војна беше многу висок. Имаше дневни летови. И базата беше задолжена, до 1962 година, за покривање на целиот воздушен простор на земјата“, раскажува Ванѓели.

Тој рече дека претворањето на Кучова во модерен центар на НАТО ќе има позитивно социјално и економско влијание за областа, но исто така ќе биде корисно за следната генерација албански пилоти кои потенцијално ќе бидат обучени со модерни авиони.

„Во новото време стекнавме голем пријател како Соединетите Држави. Таквата НАТО база сигурно отвора перспективи не само за нејзиното економско и социјално влијание, туку и за воздухопловните сили. Сигурно нашите синови, новите генерации ќе летаат со Авионите Ф-16, сигурно. Ова е почеток и тоа ќе им даде летачко искуство и управување со базата во согласност со НАТО (стандардите), а потоа ќе се создадат наши воздушни сили со авиони“.

Полковник Адријан Кули од центарот за обука на воздухопловните сили Кучова, исто така, изјави дека од воздухопловната база, која има за цел да биде првата таква база на НАТО на Западен Балкан, ќе има корист целата локална заедница.

„Апсолутно е точно дека покрај многу позитивното влијание што ќе го има, локалната заедница ја поздрави целата инвестициска работа овде. Убеден сум дека позитивното влијание ќе биде во социјален, економски или финансиски контекст, исто така во инфраструктурата или други услуги кои оваа заедница ќе ги добие од поставеноста на оваа воздухопловна база на НАТО“, вели полковникот Кули.

По падот на комунистичкиот режим во Албанија во 1990 година, нејзините воздухопловни сили располагаа со повеќе од 200 МиГ (тип на борбен авион од советската ера) во три воздухопловни бази, од кои повеќето не се во употреба. Старите авиони од руско и кинеско производство во земјата престанаа да летаат во 2005 година. Неколку години, некои стари авиони Антонов-2 (друг тип на борбен авион од советската ера) се користеа во земјоделство или за други цели. Воздухопловните сили на Албанија сега имаат неколку хеликоптери Cougar и очекуваат да добијат неколку Blackhawk.

Ниту жителите на Кучова, ниту војската не беа отворени да зборуваат за војната во Украина. Албанија, членка на НАТО од 2009 година, сепак, се приклучи на тешките санкции на Европската унија и силно ја осуди руската агресија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG