Реални опасности на Косово и „војна“ на тролови на македонската политичка сцена

Њузлетер 02.06.2023 - Зошто тензиите на Косово дојдоа до работ на конфликт? Во Македонија, тролови тераат политичка кампања и креираат јавно мислење, а младите изчезнуваат од државата.

Опасни „игри“ на Косово

И покрај предупредувањата од претставници на Соединетите Американски Држави и Европската Унија, косовскиот премиер Албин Курти реши насила да ги инсталира новите градоначалници, Албанци, во општините на северот на Косово каде мнозинство се Србите. Тоа доведе до протести на косовските Срби, кои прераснаа и во судир со припадници на КФОР. Имаше десетици повредени.
Алармот е вклучен, па НАТО испраќа дополнителни сили на Косово, а Соединетите Држави го откажаа учеството на Косово во тековните вежби на НАТО.

Видете и ова: Косовските Срби ги продолжуваат протестите на северот

„Побаравме од косовскиот премиер Курти да преземе чекори кон намалување на тензиите на северот. Тој не одговори на овие барања и ние анализираме кои ќе бидат нашите други дејства“, изјави американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер.
Тој не прецизира кои би биле наредните чекори. Дијалогот меѓу Приштина и Белград, кој е неопходен, сега се чини се подалечен.

„Мислам дека двете страни треба да избегнуваат дејствија што предизвикуваат проблеми, што создаваат можности за насилство, што предизвикуваат гнев кај двете страни. Во случајот и Белград, со приказната за ставање сили во готовност. Значи, иако може да се каже дека владата на Косово може да се оправда, бидејќи одржа избори, тоа се потези кои долгорочно се бескорисни и контрапродуктивни“, вели во интервју за РСЕ, Чарлс Капчан, член на Американскиот совет за надворешни работи и професор на Универзитетот Џорџтаун.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Интервенција на КФОР во Звечан, има повредени


Војна на политички тролови

Во македонското општество со внимание се следат настаните на Косово и можноста од евентуално прелевање на конфликтот. И, како по обичај, низ социјалните мрежи, се забележуваат навивачки табори за едната или за другата страна.
Исто е и за прашања од домашната политичка сцена, со тоа што политичките партии имаат по една „Фејсбук дивизија“ која, во недостиг од медиумска писменост и критички став кај граѓаните, лесно создаваат извртена реалност.

Видете и ова: Кога македонските тролови маршираат: Ура за нашиот, бесилка за вашиот

Тим на Радио Слободна Европа ги следеше објавите од најголемите партии и нивните челници во последните неколку недели. Евидентиравме дека речиси на секоја од тие објави редовно коментираат 30-ина исти профили, со речиси идентични коментари. Тие профили се јавуваат со коментари и кај нивната партија и кај опонентот, а во исто време партиската објава ја споделиле или идентично ја препишале на својот профил или во неколку групи како сопствен став. Додека едни го прават тоа со прикривање на партиските бои, други одат во крајност: „Ура за нашиот, бесилка за вашиот“

Таквите профили стручната фела ги именува како тролови или живи ботови.
Според универзитетскиот професор Сеад Џигал, единствен препознатлив начин, од научен и едукативен аспект, за заштита од тие онлајн партиски „дигитални лепачи на плакати“ е зголемувањето на медиумската и дигиталната писменост на граѓаните. На слично мислење е и комуникологот Бојан Кардалов...

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Кордалов: Со ботовите и троловите партиите ја суспендираат демократијата

Крајно спротивставени ставови за Уставните измени

Два табори има и за измените на Уставот, со кои, во него треба да влезат и Бугарите. Едните се ЗА, по секоја цена, а другите се децидно ПРОТИВ. Па се делат на про и анти европски, се разбира голем дел од битката се води преку социјалните мрежи, главно некритички и со оцрнување на противниците, етикетирање и слично, па клучните аргументи исчезнуваат.
Како и да е, работна група ги подготви уставните амандмани и тие ќе стигнат во Парламентот.

Видете и ова: Уставните измени најрано за четири месеци

Според претседателот на државата Стево Пендаровски и претседателот на парламентот, Талат Џафери, иако не е обезбедено дво-третинско мнозинство, иницијативата за менување на Уставот може да се стави во процедура. Дали има шанси да помине? Како што стојат сега работите, тешко. Дали нешто ќе смени најавената лидерска средба? Исто така тешко.

Инфографика - Истражување на ИРИ - Дали се сложувате со внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав?


Статистички, се намалува невработеноста на младите. Реално, ги снемува од државата

Кога државата има неизвесна иднина, партиите се грижат само за сопствениот рејтинг, младите, главно оние што не се вклучени во партиските навивачки табори, не сакаат да чекаат „подобри времиња“, па среќата си ја бараат надвор од државата.
И европските и македонските официјални бројки покажуваат дека низ годините бројот на невработени млади во Северна Македонија се намалил за три пати.

Видете и ова: Има работа и поголеми плати, но младите и натаму заминуваат

„Ако споредиме, во 2022-ра бројот на вработени млади е 111 илјади, додека во 2009-та година, тој број бил 129 илјади. Ако ги споредиме податоците за невработени, односно неактивно население, на возраст од 15 до 29 години, можеме да видиме дека имаме пад од околу 50 илјади млади. Односно 82.900 во 2017-та, а таа бројка во 2022-ра изнесува 37.500. Што значи дека генерално причината за намалување на невработеноста е иселувањето“, ни изјави Виктор Митевски, економски аналитичар.
Во државатасе намалува и бројот на студенти, на запишани ученици во средно и основно образование, а се намалува и бројот на родени, факти кои би требало да бидат аларм за будење на политичките елити.

Коридори 8 и 10: Каде поминуваат, што е изградено, а што ќе се гради?

Политичките елити ги активираа троловите и за договорот со Бехтел и Енка. Коментарите одат од „најголем и стратешки најдобар“ проект во државата од осамостојувањето досега, до „катастрофален, корупциски и најголем грабеж“ во историјата. Притоа, речиси никој, барем од тие што коментираат, не го виделе тој договор, кој, патем, е под лупа и на Јавното обвинителство и на антикорупциската комисија.
Кои се коридорите 8, 10 и 10Д, каде минуваат, што е изградено, а што ќе се гради, можете да погледнете во следново видео.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Коридори 8 и 10: Каде поминуваат, што е изградено, а што ќе се гради?


„Треба да си Супермен за да се движиш низ Скопје со лице во количка“

За коридорите и автопатиштата во ред, потребни се, но во меѓувреме, на некои граѓани треба да им се обезбедат услови за секојдневно движење и низ град. Тоа, засега, за оние во количка, е речиси невозможно.
„Ќе ги креваме додека можеме, но толку е силата“ - велат родителите на деца со церебрална парализа, кои секојдневно се соочуваат со бетонски бариери движејќи се низ Скопје со количка. Од Градот велат дека се работи на случајот, но родителите посочуваат дека на решенија се чека со години.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Треба да си Супермен за да се движиш низ Скопје со лице во количка“