Лука од Скопје е средношколец во трета година кој работи како келнер.
„Не е најплатена работа, ама тоа е, не можам да се жалам. И тоа е нешто. Не е некоја шефовска позиција која сите ја бараат и затоа нема вработеност и бегаат. Искрено не им се работи. Сакаат да земаат големи пари, а не сакаат да почнат од ништо“, вели 18-годишниот Лука.
Неговиот врсник, Бојан Поповски, вели дека наоѓањето работа за млад човек во земјава е многу лесно. Но, за него, опцијата фриленс е подобра од формално вработување, а работа наоѓа онлајн во областа на автомобилската индустрија.
„Не сум пријавен, но од 14 години работам како фриленсер и засега е супер. Сите мои другари се формално вработени, за жал. Според некои верувања тоа е подобро, но од моја гледна точка да си фриленсер е многу поубаво отколку да си вработен“, вели младиот Поповски и додава дека иако секој сака за помалку време да направи повеќе пари, тоа во денешно време не оди баш така.
Речиси сите нивни пријатели работат, но Лука смета дека ова нема да биде случај кај новите генерации.
„Генерациите што се после нас мислам дека нема да продолжат како нас, нема да работат. Јас сум роден во 2005-та, ама тие што се 2003-та, 2004-та мислам дека не работат. Повеќе се накај учење фокусирани, накај факултет“, додаде средношколецот кој исто така смета дека тука лесно се наоѓа работа, ако ти се работи.
Драстично намален бројот на невработени млади
Тоа го покажуваат и податоците од Државниот завод за статистика, дека во текот на минатата година, бројот на невработени млади на возраст од 15 до 24 години се намалил од почекот до крајот на годината.
Според јавно достапните податоци, на крајот на 2009-та година, во земјава сме имале 61.309 невработени млади на возраст од 15-24 години. Во 2022-ра или за 13 години подоцна бројот на невработени во оваа возрасна група паднал на 17.840 или трикратно.
На што се должи падот на бројките?
Виктор Митевски, економски аналитичар и извршен директор во Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, посочува дека според официјалните бројки на Државниот завод за статистика можеме јасно да видиме дека во изминатите 15 години, бројот на вработени млади, а истовремено и бројот на невработени млади, во континуитет се намалува. Тој ги анализира податоците за невработеност кај младите од 15 до 29 години, кои го покажуваат истиот тренд.
„Ако споредиме, во 2022-ра бројот на вработени млади е 111 илјади, додека во 2009-та година, тој број бил 129 илјади. Ако ги споредиме податоците за невработени, односно неактивно население, на возраст од 15 до 29 години, можеме да видиме дека имаме пад од околу 50 илјади млади. Односно 82.900 во 2017-та, а таа бројка во 2022-ра изнесува 37.500. Што значи дека генерално причината за намалување на невработеноста е иселувањето“, вели Митевски.
За разлика од тоа, неактивното население исто така се намалува. Тоа значи дека имаме помал број на студенти, помал број на запишани ученици во средно образование, па една од причините не е само иселувањето, туку и намалениот број на родени, додава тој.
„Но, важно е да се напомене дека ако ги гледаме просечните годишни бруто заработувачки, заработката на оваа возрасна група, од 15-29 години, во изминатите десеттина години бележи значителен раст. Особено кај оние помлади лица кои за првпат се вработуваат. Една од причините е и зголемувањето на минималната плата и растот на просечната бруто плата. Тоа значи дека без разлика што условите за работа од аспект на примања, не само кај младите, туку и генерално во економијата се зголемуваат, младите и останато активно население сепак се решава да замине од Македонија. И тоа реално влијае многу на структурата на пазарот на трудот“, вели аналитичарот.
Според Митевски, од аспект на бројот на вработени и невработени млади државните политики немаат големо влијание. Но, во контекст на младинскиот стандард, владините политики, пред сѐ воведувањето на повисоката минимална плата, има влијание на покачениот животен стандард на оваа група на вработени, заклучува економскиот аналитичар.
Рекордно низок број на невработени млади во Европската Унија од 2009-та наваму
Младите кои заминуваат од државата сѐ полесно наоѓаат работа во земјите на ЕУ ако се погледнат резултатите на Евростат кои покажуваат рекордна вработеност на младите од 15 до 29 години.
4, 48 милиони млади од ЕУ, на возраст од 15-29 години биле невработени во 2022 година. Ова е 6,3 % од вкупното население на оваа возраст, објави Евростат.
Трендот покажува дека ова е историски ниско ниво од почетокот на мерењата во 2009 година, кога се забележуваат 9 % невработени.
Најмалку невработени млади или 2 % има во Чешка. Млади невработени меѓу Германците и Бугарите се 3,3 %. Во Полска и Унгарија процентот е 3,5. Спротивно на ова, невработеноста меѓу младите Шпанци е 11, 2 %, а меѓу Грците, 10, 6 %, забележува Евростат.
Со исклучок за Кипар, Летонија, Романија и Естонија каде има благо зголемување, во останатите земји на ЕУ уделот на невработени млади во вкупното население е намален, велат од Заводот за статистика на ЕУ.