Становите во Ѓорче Петров, Гази Баба и Охрид поскапеле за над 10 отсто во пандемијата

Изградба на зграда во Скопје

Во ек на кризната 2020 година се зголемува продажбата на станови, а паралелно со тоа расте и цената на станбениот простор. Најголемо поскапување во првата половина од минатата година имало во скопските општини Ѓорче Петров и Гази Баба, но и во Охрид.

Раст на цените на градежните материјали, недостиг од квалификувани мајстори, но и зголемениот интерес за купување станови во Скопје поради нерамномерниот регионален развој, се главни причини и за градежната експанзија, но и за растот на цените на становите. Градежниците велат дека интересот за купување станови во ек на криза предизвикана од пандемијата дополнително го зголемува и тоа што во Македонија инвестирањето во недвижнини се смета за сигурно вложување.

Видете и ова: Богдановиќ - Не можам сам да се борам против цела држава

Податоците од Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека продажбата на станови континуирано расте и во пандемиската 2020 година, а паралелно со тоа расте и цената на станбениот простор.

Минатата година биле издадени помалку одобренија за градба, во голема мера и поради мораториумот за градење во Општина Центар и ревизијата на Деталните урбанистички планови, но податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека на почетокот на годинава се зголемува бројот на издадени дозволи за градење.

Во првите 9 месеци од 2020 година биле продадени за 10 отсто повеќе станови во однос на истиот период од претходната година. Во исто време, просечната цена на станбениот простор се зголемила.

Бизнисменот Никола Велковски од Групацијата за градежништво во Стопанската комора на Македонија вели дека поради кризата пораснаа цените на градежните материјали, а проблемот со иселувањето на квалификувани мајстори допрва ќе создава проблеми. Според него, главната причина за интерес за купување на станови во Скопје е нерамномерниот развој. Становите се продаваат лесно, но деловниот простор слабо се продава, вели Велковски.

„Скопје стана спална соба на цела Македонија и тоа е проблем. Гледате дека стан во Скопје купи секој што можеше од Македонија и ние практично го закрчивме Скопје. И кој треба и кој не треба купува стан во Скопје, веројатно тоа е и некоја гаранција за вложените пари и тоа е причината за притисокот за купување на станбен простор“, вели Велковски.

Расте продажбата на станови, растат цените

Во исто време додека расте интересот за купување станови, податоците на Агенцијата за катастар на недвижности, покажуваат дека во земјава има скоро 7000 непродадени станови, а уште над 13500 се во градба.

Градежникот Салим Хасани од Групацијата за градежништво во Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека непродадените станови се неатрактивни за продажба, со понеквалитетна градба или на неатрактивни локации. Скоро сите квалитетни градби на добри локации веднаш се продаваат, вели тој.

Видете и ова: Отворена градежната „пандорина кутија“ за Водно

„Има неатрактивни станови кои не може да се продадат и има атрактивни станови кои ги нема доволно на пазарот и факт е дека цените за тие станови ќе растат, затоа што има побарувачка, а помалку нови станови“, вели тој.

Цените на становите во скопските општини Центар, Карпош, Аеродром и Кисела Вода само малку се промениле, при што има благо поевтинување во Центар и Карпош и благо поскапување во Аеродром и Кисела Вода. Големо поскапување на становите минатата година имало во скопските општини Гази Баба и Ѓорче Петров, како и во Охрид.

Во Гази Баба во првата половина од годината еден квадратен метар станбен простор поскапел за речиси 15 отсто, од 38.600 на 44.300 денари. Во Ѓорче Петров поскапувањето било околу 11 отсто, од 41.400 на над 46 илјади денари. Во Охрид становите поскапеле од околу 42.700 денари на 46.600 денари, односно за над 9 проценти, покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижности.

Според податоците на Народната банка, становите во Македонија минатата година поскапеле за три проценти. Се зголемува и бројот на издадени станбени кредити.