Два закони за легализација на дивоградби предложени од Владата веќе се ставени во собраниска процедура: Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти и вториот е продолжување на постоечкиот Закон за постапување со бесправно изградени објекти.
Засега е неизвесно кога ќе биде гласањето за овие закони со оглед дека работата на Собранието периодов беше блокирана, но граѓанските организации за заштита на животната средина реагираат дека предлозите пред да влезат во собраниска процедура, не поминале низ процесот на јавна дискусија со тоа што не беа објавени на интернет старниците на ЕНЕР и на Министерството за транспорт и врски. Од институцијата добивме одговор дека измените на Законот за постапување со бесправно изградени обекти е објавен на ЕНЕР.
Едниот закон е ставен на дневен ред на 26-тата седница во Собранието, додека вториот на 34-тата. РСЕ побара одговори од власта за тоа колкава бројка на нелегално изградени објекти ќе добијат легален статус на ниво на целата територија на Македонија, доколку бидат усвоени законите?
Во одговор кој го добивме од Министерството за транспорт и врски не е наведена конкретна бројка. Од институцијата велат дека целта на измените на постојниот закон за постапување со бесправно изградени објекти е да се продолжи рокот за легализација за одредено време, односно за 5 години.
„Што значи дека ќе се продолжи само постапката за легализција на веќе започнатите предмети кои се опфатени со конкретниот закон. Нема да има поднесување на нови Барања за легелизација, напротив сите предмети што се веќе во постапка, а се предмет на легализација, ќе бидат опфатени. Тоа се барања за легализација на објекти кои биле изградени до 3 март 2011 година и за нив веќе е поднесено барање“, велат од Министерството.
Исто така побаравме и одговори во однос на дивоградбите во Охридскиот регион, односно како ќе биде имплементирана препораката на УНЕСКО за стопирање на легализацијата на дивоградбите доколку Собранието ги донесе законите?
Од Министерството велат дека во Законот е предвидено дека нема да се легализираат објектите за кои врз основа на подготвени Студии според препораките на УНЕСКО, е утврдено дека ќе ги загрозат универзалните природни и културни вредности утврдени 39-та сесија на Конвенцијата на УНЕСКО.
На прашањето дали со законите ќе се овозможи зголемување на бројот на дивоградби кои ќе бидат легализирани во Охридскиот регион, но и во целата земја, од Министерството наведуваат дека целта на Законот е да се утврди правен статус на бесправните објекти кои ќе ги исполнат законските услови.
„Сите објекти што нема да ги исполнат, се предвидува да бидат отстранети. Имено со новото законско решение не се стимулира бесправно градење, бидејќи казнените пенали за легализација се повисоки за 50 % во однос на надоместокот за уредување на градежно земјиште (комуналии) кој се пресметува во постапката за добивање на одобрение за градење за објектите со истата намена“, велат од Министерството.
Инаку, само на територијата на Општина Охрид поднесени се 15.939 бараања за утврдување на правен стаус на вкупно 19.935 бесправно изградени објекти, од кои 416 се во крајбрежниот појас на Охридското Езеро, а 2.347 на територијата на Националниот парк Галичица, според документ од Општина Охрид.
Активистите за заштита на животната средина се со спротивен став. Од граѓанската организација „Фронт 21/42“ велат дека заклучоците од нивните анализи на законите се „многу загрижувачки“ и прашуваат дали Владата како предлагач на законите „свесно го поткопува владеењето на правото?“
„Озаконување на бесправно изградени објекти во својата основа има противуставност, бидејќи легализира кривично дело „бесправно градење“ според Член 244-а од Кривичниот законик“, велат од „Фронт 21/42.“
Од организацијата сметаат дека Владата ја турка државата во „правен хаос“ доколку Собранието ги усвои ваквите предлози.
„Со новиот Предлог-закон престануваат да важат одредбите од законот кој истовремено се продолжува за уште пет години. Владата предлага продолжување на важноста на законот кој истовремено го укинува со новиот Предлог- закон?“, прашуваат од „Фронт 21/42.“
Од „Фронт 21/42“ оценуваат дека и двата закони уредуваат иста материја и ги опфаќаат бесправните објекти изградени пред 03.03.2011 година и прашуваат дали со тоа Владата „предлага хаос“ во кој надлежните институции сами ќе одбираат по кој закон ќе постапуваат за објекти изградени до овој период и врз основа на што ќе се прави овој избор?
Во однос на зачувувањето на Охридскиот регион и неговиот статус во УНЕСКО, од „Фронт 21/42“ велат дека анализата станува особоено загрижувачка, бидејќи според нив, новиот Предлог-закон не ги запира веќе започнатите постапки за легализација, а дека продолжувањето на стариот закон овозможува истите да бидат финализирани до 2026 година.
„Со ова Владата овозможува легализација на огромен број дивоградби во Охридскиот регион за кои се водат постапки. Над 11.500 дивоградби само во Општина Охрид“,велат од „Фронт 21/42“ додавајќи дека Владата со новиот Предлог-закон овозможува легализација на дивоградбите изградени по 2011 година, како што велат, нешто што беше невозможно со постоечкиот закон, но исто така и дека Владата предлага можност да се легализираат дивоградбите изградени до 01.10.2019 година.
„Со други зборови Владата овозможува да се зголеми веќе алармантниот број на досега поднесени барања за легализација во Охридскиот регион – над 16.000 барања само во Општина Охрид. За оние дивоградби чија легализација била одбиена, сега Владата предлага да им се овозможи легализација и сепак да станат „законски градби“. Тоа значи над 2.500 одбиени легализации само во Општина Охрид, сега добиваат нова шанса“, велат од „Фронт 21/42.“
Повеќе од четири децении Охрид е под заштита на УНЕСКО како Светско природно и културно наследство, поради неговите величествени убавини. Но, во последните години, градот, езерото и целиот регион се под ризик од несоодветна урбанизација, инфраструктурни проекти, дивоградби и загадување на животната средина.
Од организацијата посочуваат дека во новиот Предлог-закон има „обид“ да се прикаже посветеност кон исполнување на препораките на УНЕСКО со член според кој законот не важи за оние дивоградби за кои ќе се утврди негативно влијание во студиите за оцена за влијанието врз животната срдина и културното наследство, но сметаат дека станува збор за студии кои не се спроведуваат и за кои во Извештајот на УНЕСКО се тврди дека нема правна основа да се спроведат.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека со предлог на новиот Закон нема да можат да се легализираат сите видови на бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство на УНЕСКО, а за кои претходно ќе се направат студии за влијание.
„Исто така предмет на легализација нема да бидат ниту станбените згради и доградбите и надградбите на истите. Во однос на останатите објекти нема ограничување кој може да поднесе барање, односно можат да поднесат и тие што претходно биле одбиени, но условите за утврдување на правен статус се идентични и со новиот предлог закон, односно нема олеснувања“, велат од Министерството.
Колку дивоградби ќе бидат легализирани во Македонија и натаму останува неизвесно. Но, граѓанските организации сметаат дека со предложените закони ќе може без никакви правни пречки да се легализираат сите дивоградби во Охридскиот регион кои се изградени и поднеле барање до март 2011 година, вклучително и оние кои се одбиени и сите довоградби изградени до октомври 2019 година.