Надлежностите на општините Охрид и Струга во делот на заштитата на културното и природното наследство, како што најави ресорната министерка Ирена Стефоска, треба да им бидат одземени од Владата поради непридржување кон стандардите на УНЕСКО.
Со тоа ,според очекувањата, треба да се овозможи државата да ги отстрани опасностите и слабости за кои укажа УНЕСКО и во последниот извештај, доставен на почетокот од годината, кога беше нотирано дека не само што не е одговорено на барањата туку Охрид е дополнително загрозен со нови проекти.
Заев: Извештајот на УНЕСКО е силен аларм за Охридскиот регион
До најавата на Стефоста дојде откако во јавноста имаше жестоки реакции и барања да се стопира изградба на хотелот на брегот на езерото на местото на ресторанот „Парк“ кој е наградувано дело на архитект и кој почна да се урива.
Ништо нема да се смени?
Донка Барџева, истoричaр на уметност за РСЕ тврди дека со потегот на министерката Стефоска за одземање на надлежности на општините ништо нема драстично да се промени.
Општините практично немаат надлежност за заштита на културното наследство, вели професорката Барџиева, нагласувајќи дека во такви ситуации тие главно ги почитуваат условите кои ги даваат надлежните институции за заштита, а тоа се Завод и музеј Охрид и Управта за заштита на културното наследство.
"Во случајов она што е најбитно општините главно постапуваат според издадените конзерваторски одобренија ,односно издаваат градежна дозвола на веќе претходно изработени проекти според конзерваторските услови што ги изработува надлежниот Завод и музеј Охрид и конзерваторското одобрение што го издава Управата за заштита" вели историчарот на уметност Донка Барџиева.
Реакции за градењето хотел кај ресторан Парк
Чекорите за запирање на изградбата на хотелот на почетокот на месецот ги поттикна Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) од каде повикаа да се престане со уривањето на ресторанот Парк се додека јавноста не добие увид и позитивна стручна анализа за проектот за новиот хотел.
Од ААМ кажаа дека во време кога Охрид и Охридскиот Регион се соочуваат со опасност од одземање на статусот на природно и културно наследство на УНЕСКО, градоначалникот на општина Охрид и сите надлежни институции треба да постапуваат согласно и исклучиво со законските уредби, пропишаните правила и прописи.
Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески кажа дека дека тој нема начин како да го поништи правосилното одобрение за градба.
"Планот за Управување не можеме да го спроведуваме ретроградно на завршени постапки и издадени одобренија", изјави градоначалникот на Охрид Георгиески.
Тој дополни дека ако министерката вистински сака да помогне во делот на отстранување на објектите, треба да помогне да се обезбедат 60 милиони денари финансии, додавајќи дека тие пари општината повеќе пати ги побарала.
Реакција во јавноста имаше и од граѓанската иницијатива Охрид СОС. Нивните активисти за случајот со хотелот рекоа дека очекуваат да бидат поднесени и неколку кривична пријава ,меѓу кои, и против инвеститорите поради работа со неважечко одобрение за градење како и кривична пријава против градоначалникот на Охрид зашто не го поништил одобрението за градење иако инвеститорите за 9 месеци го пробиле рокот за почеток на градежните работи.
За овој случај Министерката Стефоска во јавноста го кажа својот став дека во делот на надлежностите на Министерството за култура на одговорност ќе бидат повикани Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј- Охрид како и Управата за заштита на културното наследство.
Во својата забелешка професорката Донка Барџиева ,меѓутоа, вели дека министерството е надлежно само за работата на Завод и музеј Охрид чија програма ја финансира, дополнувајќи дека ресорното министерство во однос на Управата за заштитата на културното наследство нема никакава надлежност.
"Управата е формирана според постојниот закон за заштита, директорот го именува Владата и целата програма на Управата оди според буџет кој го одобрува и за кој реферира Управата пред Владата. Единствен начин за да се подобра состојбите во однос на Управата е да се смени Законот зашто со закон е формирана Управата и со закон нејзините надлежности треба да бидат променети", вели Барџиева.
Суштински да се делува, се друго е губење време
Барџиева вели дека она што може да се преземе е да се направи ревизија на досега издадените козерваторски одобренија и услови кои ги издаваат Завод и музеј Охрид и Управата за заштита со цел да се види како работеле институциите, дали се почитувал законот и дали не се прекршени одредени аспекти, дополнувајќи дека врз основа на тоа овие две институции потоа би можело да бидат повикани на одговорност. Според неа, само на овој начин во иднина може да се спречи да нема злоупотреба на издавањето на овој тип конзерваторски одобренија.
"Нема да овозможи речиси ништо. Затоа што она што треба да се направи и што требаше веќе со години пред 10 -15 години, беше да се направи ревизија на работата на двете институции, бидејќи уште во 2006 година беа вклучени во многу активности кои се одвиваа во Охрид како Плаошник и многу други или Музејот на вода во Охрид", вели Барџиева.
Инаку, Охрид и езерото пред 40 години се запишани на листата на светско наследство како речиси недопрена природа. Првите знаци на зголемена градежна активност се забележани во 1998 година од кога датираат првите предложени мерки за Охрид кои и денес се актуелни, а низ годините се засилени со укажувања за недозволени градежни активности на Плаошник, а последните години постојано се забележуваат зголемени активности долж целиот регион и неисполнување на мерките.
Во последниот Нацрт-извештај кој го добија институциите, УНЕСКО наведе дека, не само што не е одговорено на барањата, туку дека Охрид е дополнително загрозен со нови проекти и дека сега ги исполнува условите да биде ставен на листата Светско природно и културно наследство во опасност.
Беа донесе повеќе препораки меѓу кои за воспоставување на мораториуми на било каква крајбрежна и урбана трансформација, барем додека не се усвојат сите релевантни планови и стратегии и додека не се воспостави ефикасна законска заштита. Исто така, има и барањето за изработка на Регистар на дивоградби како и спроведување на постапка за проценка на влијание на дивоградбите врз животната средина и врз културното наследство.
Екологистите немаат доверба во изјави, бараат дела
Од Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“ за РСЕ велат дека од 2017, кога беа испорачани препораките од УНЕСКО, досега се слушнаа и прочитаа многу изјави, дополнувајќи дека тие немаат никаква доверба во изјавите, извештаите и другите документи, ни на локалната, ни нацентралната власт.
“Ги гледаме и вреднуваме само делата, кои јасно ја покажуваат свеста и одговорноста на тие кои носат одлуки. Од тоа што го гледаме веќе четири години, нема причина да веруваме дека нешто суштински ќе се промени ако ингеренциите ги превземе централната власт” наведува Ања Јованова,
Во врска со изградбата на хотелот кај ресторанот Парк, Јованова вели дека тоа е многу едноставно да се стопира, наведувајќи дека треба да постапи иснпекторатот ако се вели дека нема важечка дозвола за градба.
"Се додека не се воспостави суштински мораториум на секаква урбана и
крајбрежна трансформација, не се објави регистарот на дивоградби и
спроведе процена на влијание врз животната средина – немаме ни локална,
ни централна власт која има намера да го зачува и предаде на следните
генерации најголемото природно и културно богатство во земјава", вели Јoванова.
Таа укажува дека Законот за управување со Охридскиот Регион им овозможува на министрите за култура и/или животна средина да ги одземат ингеренциите на локалната власт и да ги спроведат овие акции.
"Тогаш кога ќе го видиме ова, ќе има причина да веруваме дека зад изјавите има вистинска загриженост и одговорност", посочуваат од Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“
Конечната одлука за статусот на Охрид се очекува УНЕСКО треба да ја донесе до јуни оваа година.
Радио Слободна Европа во јуни минатата година објави истражување кое покажа дека до Општина Охрид се поднесени вкупно 2.347 барања за легализација на нелегални дивоградби, што според активистите за заштита на животната средина претставува само минимален број на нелегални дивоградби. Бројката значително е поголема кога станува збор за дивоградбите во целиот Охридски регион, односно на територијата на трите општини: Охрид, Струга и Дебарца.