Иако актуелната власт ветуваше спроведување на препораките, наместо тоа, во последниот Нацрт-извештај кој го добија институциите, УНЕСКО нотира дека, не само што не е одговорено на барањата, туку дека Охрид е дополнително загрозен со нови проекти и дека сега ги исполнува условите да биде ставен на листата Светско природно и културно наследство во опасност. Што ќе значи тоа за Охрид и за други прашања, разговаравме со активисти кои подолго врема ја следат неговата состојба. Искра Стојковска од граѓанската организација „Фронт 21/42“ смета дека дивоградбите се „најболното“ прашање за Охрид, бидејќи според неа, меѓу нив има нелегално изградени државни објекти, хотели и објекти на познати фирми. Таа вели дека од 1991 година наваму, вредностите на Охрид бележат забрзано влошување, што според неа е показател дека сите влади, од независноста досега, немаат свест за вредноста на Охрид.
Стојковска, како гледате на последниот Нацрт-извештај на УНЕСКО за Охридскиот регион кој беше доставен до македонските институции?
Не можам да коментирам за Извештајот, бидејќи прво е Нацрт-извештај и не е објавен целосно. Меѓутоа, ние реагиравме преку медиумите инспирирани од актуелизирањето на темата поради извадоци од Извештајот коишто се појавија во медиумите и дел од тие извадоци несомнено упатуваат дека и понатаму, значи ова е втор Извештај по ред на експертските тела, Охридскиот регион ги задоволува критериумите да биде впишан во листата на светски наследства во опасност.
Во оваа насока апелиравте и до Претседателот Стево Пендаровски. Како според Вас тој може да влијае за властите да ги спроведат препораките на УНЕСКО, што треба тој да направи?
Ние поаѓаме од законот којшто го уредува постапувањето по меѓународните договори. Тој Закон за склучување, ратификација и применување на меѓународните договори, многу јасно ја лоцира одговорноста за спроведувањето на Конвенцијата за заштита на светското природно и културно наследство, која што е форма на меѓународен договор, кај Владата и кај Претседателот. Повикувајќи се на Членот 23, Претседателот има, не само можност, туку и законска одговорност, да упати формални барања до надлежните министри и институции да ги спроведат законските обврски регулирани со Законот за управување со Охридскиот регион, Законот за заштита на природата, делови од Законот за животна средина и понатаму да го надгледува спроведувањето на тие чекори, односно да воспостави пракса на редовно известување и отчетност од страна на тие институции. Мислам дека Претседателот Пендаровски има голема моќ да ги промени работите. Ние имавме средба со него минатата година, точно пред една година, на која што го запознавме со состојбата и особено со итната потреба да се усвои нов ефикасен закон за управување со регионот. На таа средба претседателот предложи формирање на мала работна група во која би учествувале претставници на неговиот кабинет, Владата и граѓанскиот сектор. Исто така тој вети дека веднаш по изборите ќе се заложи за процесот за усвојување на новиот закон. За жал во меѓувреме се случи епидемија и сите овие теми отидоа во втор план, но мислам дека ова е добро време да се актуелизира повторно таа идеја.
По ваквото барање на граѓанската организација „Фронт 21/42“, РСЕ побара став од Претседателот Стево Пендаровски во однос на заштитата на Охридскиот регион по последниот Нацрт-извештај на УНЕСКО. Од Кабинетот на Претседателот ни одговорија дека неговите ингеренции во оваа област се во „помал обем“, но дека тој е во редовна комуникација со надлежните владини институции. Исто така во одговорот од Кабинетот е наведено дека претседателот ги следи актуелните случувања во однос на заштитата на Охридскиот регион и оценките на УНЕСКО и дека Претседателот неколку пати истакнал дека треба да се направи сѐ што е потребно за да биде сочуван статусот на Охрид. Сепак, според Стојковска, неопходни се неколку итни чекори во кои гледаат „спас во претседателот“ или можност да наложи да се спроведат.
„Тоа е министерот за животна средина да донесе наредба за забрана на било каква урбана или градежна трансформација во регионот, вклучително на било какви или други чекори за реализација не веќе одобрени планови и проекти коишто значат урбана и градежна трансформација, како нови хотели во близина на Билјанини Извори, марина, урбанизација на селата. Исто така, мислиме дека е многу важно министерот за животна средина да го спроведе Членот 97 од Законот за заштита на природата и да го стави Охридското Езеро под привремена заштита. Клучно мислам дека е актуелизирање на усвојување на нов закон“, вели Стојковска.
Од „Фронт 21/42“ во писмен апел испратен до Претседателот Пендаровски наведуваат дека од 28 јуни 2017 година, кога бил објавен Извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, до денес „власта не ги спроведува“ препораките на мисијата, „свесно го крши законот, но и Уставот“ кој во Членот 118 дефинира дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот, се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон“, велат од организацијата. Конечната одлука за статусот на Охрид се очекува УНЕСКО да ја донесе до јуни оваа година, но според еколозите од земјава „тешко“ дека за неколку месеци ќе биде направен напредок во однос на препораките.
Интензивно влошување на состојбата во последните десет години
Охрид е величествен природен феномен. Токму затоа го има добиено статусот на Светско природно и културно наследство на УНЕСКО. Охридското Езеро е засолниште на бројни ендемски видови на слатководна флора и фауна и се смета дека постои милиони години. Градот Охрид е еден од најстарите населени места во Европа, каде се наоѓаат најстарите словенски манастири изградени главно меѓу 7 и19 век, како Свети Пантелејмон. Тука има повеќе од 800 икони во византиски стил кои датираат од 11 до крајот на 14 век. Светското наследство на Охридскиот регион опфаќа површина од над 94 илјади хектари. Како што наведува УНЕСКО, тука се наоѓаат голем број на археолошки локалитети кои сведочат за потеклото од неолитот, бронзеното време, македонскиот хеленистички период и раниот период на средниот век. Охридската архитектура е една од најдобро зачуваните антички урбани архитектури во овој дел од Европа.
Охрид е прогласен за Светско природно и културно наследство на УНЕСКО во 1979 година. Сметате ли дека во земјава постои доволно свест за тоа што значи тој статус за Охридскиот регион?
Кај научниците да, исто така постои свест кај добар дел од граѓаните и граѓанскиот сектор. Она што ние го сведочиме и заклучуваме е дека не постои свест кај тие што ја водат државата. Не само кај актуелната власт, туку би рекла кај сите влади на независна Македонија, бидејќи од 1991 година, точно од независна Македонија до денес, според извештаите на УНЕСКО вредностите бележат рапидно влошување, особено тоа е интензивирано од 2011 година до денес. Тоа јасно покажува дека сите што ја воделе независна Македонија немаат свест за вредноста. Инаку, да имаа свест одамна ќе сфатеа дека далеку поголеми финансиски придобивки може да се остварат преку заштита на врвно богатство, отколку преку негово уништување, да речеме преку градење.
Верувате ли во волјата на општеството да го зачува тој статус?
Да, постои кај граѓаните и кај граѓанските организации. Ние во 2016-2017 година спроведовме кампања во рамки на која над 8.000 граѓани од цела држава потпишаа барање до Парламентот да воспостави мораториум на било каква градба и да биде усвоен и имплементиран ефективен закон. Мислам дека тоа е добра бројка. Исто така и надвор од општеството, бидејќи организиравме онлајн петиција, над 100.000 луѓе буквално од сите континенти, голем дел од нив туристи коишто доаѓале редовно или го посетиле барем еднаш Охрид, ја потпишаа петицијата и испратија многу лични и емотивни пораки за заштита на Охрид. Така што кај туристите и кај граѓаните постои волја. Од тоа што го гледам и што сведочиме, не верувам дека има волја и интерес кај власта, мислам и на централната и на општинските власти, барем не суштинска. Ако зборуваме за последниве години, гледам волја и интерес да се искористи за промоција, за жал на партијата, на власта, да се истакне наводната разлика меѓу оваа и претходната. Мислам дека тука завршува интересот на власта за Охридскиот регион.
УНЕСКО во извештаите до властите кои во изминативе три години ги испраќаше до македонските власти укажува дека треба да бидат отстранети постоечките закани за Охридскиот регион. Но, наместо тоа, во новиот Нацрт-извештај организацијата на Обединетите нации наведува дека Охрид дополнително e под ризик од нови проекти и дека состојбата е влошена во урбаните, руралните и природните предели. Стојковска зборува за 19-те препораки на УНЕСКО, но и што ќе се случи доколку Охрид биде ставен на листата Светско природно и културно наследство во опасност.
Може ли да потсетиме какви се препораките на УНЕСКО во Извештаите кои ги испраќа и кои се барањата до државата?
„Главни се 19-те препораки, се разбира сите се важни. Би издвоила дел од нив, како што е изработката на алтернативни рути за железничката пруга од Коридорот 8 и по можност да се спои железничката пруга со автопатот, да не поминуваат во близина на брегот. Потоа, познатата Препорака бр. 6 за воспоставување на мораториуми на било каква крајбрежна и урбана трансформација, барем додека не се усвојат сите релевантни планови и стратегии и додека не се воспостави ефикасна законска заштита. Исто така, доста често зборувано и анализирано е барањето за изработка на Регистар на дивоградби, Препораката бр. 9, потоа спроведување на постапка за проценка на влијание на дивоградбите врз животната средина и врз културното наследство и потоа врз основа на тие проценки, одлуки за рушење на тие дивоградби кои ќе имаат негативно влијание врз природното или врз културното наследство. Препораката да се изработи процена на кумулативните влијанија на сите планирани проекти, како дел од стратешката оцена на Планот за управување; Препораката поврзана со затворање на Буково и другите илегални депонии и решавање на проблемот со отпадот и така натаму. Значи, не се само препораките на УНЕСКО. По последниот Извештај на ЕУ за напредокот на државата, исполнувањето на овие препораки станува и европско прашање, бидејќи многу јасно е напишано во Извештајот дека ЕУ бара да се спроведат доследно овие 19 препораки.
Во Нацрт-извештајот на УНЕСКО е наведено дека се исполнети условите за подрачјето да биде ставено на листата светско наследство во опасност. Објаснете што ќе значи тоа доколку Охрид добие таков статус и дали на пример УНЕСКО ќе има различни ингеренции во таков случај?
Ингеренции не би рекла, заради тоа што ингеренциите се кај државата, односно кај оние коишто според законот се одговорни. Меѓународната конвенција не може да преземе ингеренции. Доколку отиде Охридскиот регион на оваа листа, тогаш стручните тела на УНЕСКО ќе се вклучат во изработка во сет на корективни мерки. Ќе воспостават редовен мониторинг на спроведувањето и ефектите од тие корективни мерки и исто така постои посебен фонд за наследствата коишто се во опасност, односно за реализација на овие корективни мерки. Сепак, УНЕСКО нема моќ да ја тужи државата, да речеме ако државата реши да уништи светско наследство, односно не може да ѝ наложи да си го зачува богатството. Светот колку и да е загрижен и спремен да помогне да се зачува Охридскиот регион, не може да ги спроведе активностите за коишто е одговорна државата и ако власта не ги спроведе тие корективни мерки, состојбата на вредностите и натаму се влошува до степен на нивно губење, тогаш следниот чекор е бришење од листата на светски наследства, односно губење на статусот на УНЕСКО. Така да, одењето на таа листа отвора можност навистина да се спаси регионот, ама повторно искористувањето на таа можност ќе зависи од државата, од институциите, колку ќе сакаат да го спроведат тоа.
Во Охрид нелегално се изградени илјадници дивоградби. Узурпацијата на земјиште и изградба на дивоградби се случува и во Националниот парк Галичица. Радио Слободна Европа во јуни минатата година објави истражување кое покажа дека до Општина Охрид се поднесени вкупно 2.347 барања за легализација на нелегални дивоградби, бројка која според активистите за заштита на животната средина претставува само минимален број на нелегални дивоградби. Бројката значително е поголема кога станува збор за дивоградбите во целиот Охридски регион, односно на територијата на трите општини: Охрид, Струга и Дебарца. Чести се случаите кога поединци присвојуваат државно земјиште и на него нелегално градат објекти, како на пример викенд куќи кои потоа успеваат да ги легализираат преку усвоените закони за легализација. Стојковска вели дека во јавноста мора да биде обелоденет Регистарот на сите дивоградби во Охридскиот регион.
Една од препораките на УНЕСКО е отстранување на дивоградбите. За тоа се надлежни три општини, Охрид, Струга и Дебарца. Сметате ли дека е можно да биде спроведена оваа препорака и зошто според Вас општините бавно ја спроведуваат?
Не би рекла дека се одговорни само општините. Одговорно е Министерството за транспорт и врски, делумно е одговорно Министерството за животна средина, токму заради овие проценки на влијание врз животната средина на дивоградбите, одговорно е Министерството за култура, а секако е одговорна и Владата. Значи не е одговорноста само кај општините. Ова сакам да го објаснам, бидејќи сметам дека е многу важно. Препораката е да се изработи Регистар на дивоградби, да се спроведат проценките за влијание на дивоградбите врз животната средина, односно врз природата и врз културното наследство, а потоа да се срушат тие коишто ќе имаат негативно влијание. Многу е важно ова да се истакне заради тоа што деновиве читам во медиумите како премиерот најавува рушење на дивоградбите и издвојување на само овој дел од препораката, врз основа не сѐ што досега сведочевме, нас пак ни мириса на обид за манипулација, бидејќи спроведување на постапките за процена на влијание кои што ги бара УНЕСКО подразбираат информирање на јавноста. Тој Регистар во склоп на овие постапки ќе мора да биде јавно објавен, проценката на влијание на сите дивоградби ќе мора да биде јавно објавена и во целата таа постапка јавноста има право да учествува. За мене игнорирањето, премолчувањето на овој дел од препораката значи дека можеби државата се обидува да спречи обелоденување на Регистарот, што е законска обврска како дел од овие процеси. Инаку директно да одговорам, да, се разбира дека можат општините и државата, не само што можат, туку и мораат да ја спроведат. Инаку, справувањето со дивоградбите е најболната точка, токму поради можноста јавноста да ги дознае сите дивоградби, бидејќи меѓу дивоградбите има и државни објекти, има хотели дивоградби, има објекти на познати фирми и така натаму. Значи, мислам дека ова е болната точка заради дознавање и можно елиминирање на дивоградби за коишто тие кои носат одлуки имаат интерес, вели Стојковска.
Законот за управување со Охридскиот регион повеќе пати беше најавуван во изминатиот период, но тој сѐ уште не е донесен. Сметате ли дека со неговото усвојување побрзо ќе може да бидат реализирани препораките на УНЕСКО?
Да, усвојувањето на вистински ефикасен закон кој ќе наметне формирање на вистинско независно стручно управувачко тело, според нас е пресуден, и за исполнување на препораките и за долгорочна заштита на регионот на многу нивоа. Истовремено тоа е најјасниот лакмус за волјата, намерите и интересите на власта. Сѐ додека немаме ефикасен закон кој ќе обезбеди дека независно стручно тело на ефикасен начин ќе го води управувањето со регионот, нема да имаме ни власт која што има интерес да го зачува регионот, односно имаме власт која што има поинакви интереси, вели Стојковска.
Властите неколку пати во изминатиов период ветуваа дека ќе го усвојат законот, особено откако УНЕСКО последен пат ја разгледуваше можноста Охридскиот регионон да биде ставен на Листата на Светско културно наследство во опасност во јули 2019 година на 34-сесија на Комитетот за светско и културно наследство одржанот во Баку. Тие тогаш велеа дека Законот е во собраниска процедура и дека тој ќе овозможи шестмесечен мораториум на градби, а оти со Планот за менаџмент Охридскиот регион ќе добие зони и ќе може да се менаџира како една целина.