Господине Богдановиќ, ќе се градат ли висококатниците кај Холидеј Ин?
Сè зависи како ќе завршат одредени постапки коишто ги водиме. Јас само сакам да ги запознам граѓаните дека без разлика што и да се случи, таму е предвидено некој развој кој го дозволува Општината и претходно со Детален урбанистички план, а и доколку дојде до одредени промени, повторно ќе има некој развој, дали во деловен или станбен простор, зависи како ќе заврши на крај планот. Ние до пред извесно време, пред одлуката на Уставен суд, односно решението за поништување на нашата одлука за неспроведување на Детални урбанистички планови, имавме начин како да не се постапува по тие Детални урбанистички планови. Но, за жал, Уставниот суд ни ја укинаа таа одлука и сега сме во една фаза каде што се дозволува на сопствениците на земјиштето да поднесуваат барања за одобрение, а ние се обидуваме со одредени мерки да исправиме тоа што може да се исправи, така што сè зависи од исходот на тие постапки коишто ќе се водат.
Ја потпишавте ли дозволата за градба?
Сè уште не е потпишана, односно не е правосилна. Чекаме да завршат сите управни акти, сè со цел да видиме каков ќе биде исходот, бидејќи се случува да се стигнати многу иницијативи, претставки, на крајот додека не се расчистат тие не може да има правосилност.
Зошто повторно е дадено на истата проектантска куќа Билд да го направи Деталниот урбанистички план, а за таа проектантска куќа и претходно Државната комисија за спречување корупција тврди дека го прекршила Законот за урбанизам?
Ако има некакви прекршувања јас ја охрабрувам Антикорупциската комисија да покрене одредени случаи, за конечно да се расчисти. Зошто ние цело време во етерот и во јавноста слушаме ова е злоупотребено, ова е направено. Ние не сме истражен орган како општина, ние покренуваме иницијативи па има надлежни органи кои треба тоа да го утврдат. Ако антикорупциска утврдила одредени пречекорувања, тогаш треба да покрене одредени постапки до надлежни институции. Ние досега сме покренале одредени постапки. Е сега зошто велат повторно е дадено... не го дава Општината, не е мој избор јас да кажам ќе до доделам на тој и тој. Си има јавна постапка. Во законот стои, до ден денеска, дека најниската цена е главен услов за некој да ја добие работата. Ние во тоа време кога се јави таа ниска цена прашавме до самиот изработувач на планот и тие ни одговорија дека тие тоа сакаат да го направат заради референца. Ако го раскиневме договорот и склучевме договор со второстепената, којашто исто така немаше многу висока цена, некаде околу 20 илјади денари за километар квадратен, и тогаш ќе направевме прекршок и ќе дојдеше истата Антикорупциска или друга институција и ќе кажеше – Како сте имале пониска цена, без разлика што е нереална, а вие сте склучиле со повисока, така што не сме ние криви што некој така ги напишал законите во нашата држава.
Државната комисија за спречување на корупција најавува дека ќе покрене случај и против Вас ако дадете дозвола и не побарате суспензија на планот за плацот спроти Холидеј Ин. Како гледате Вие на тоа?
Јас искрено освен што слушнав од медиумите дека нешто е поднесено, нема добиено уште ништо официјално. Ние целата документација ја доставивме до Антикорупциска комисија и ако се сеќавате имавме една прес-конференција каде што јас побарав од самите институции и тие да преземат нешто. Чисто да стане појасно, ако некој направил Генерален план, над нас, ако некој направил План за просторно планирање, тоа е Владата, ние сме најниските, ние се прилагодуваме на нивните услови за игра. Ако во меѓувреме нешто се прекршило, се направил каков било проблем до сега некој требало да сноси одговорност. Мене ми е многу жал, и баш ја користам оваа прилика – Зошто до сега, ако ние цело време сме апелирале на неусогласености или штетни влијанија на одредени Детални урбанистички планови, зошто баш сега некој реагира за тие планови кои се донесени години и години наназад? Во случајов да се повика Антикорупциска за нешто што Општината воопшто не е виновна, ниту пак јас, јас не сум ги донел тие Детални урбанистички планови. Јас пробав да ги сменам тие Детални урбанистички планови, дел сум ги и сменил, одлуката на Уставен суд еднаш не сум ја испочитувал, сум донел втора одлука, јас против цела држава не можам сам да се борам. Треба да покренат одредени спорови и да утврдат дали навистина се прекршени, ние ќе им ги дадеме сите аргументи и докази и сметаме дека можат да имаат одредена одговорност и тогаш ако се докаже тие имаат уште посилен аргумент за да поведат одредени постапки и одредени планови да бидат тргнати на страна.
Господине Богдановиќ дали планирате повторно да се кандидирате за градоначалник на Општина Центар?
Не е само мојата желба, треба да поминам и одредени филтри коишто на крајот ќе ја потврдат кандидатурата.
Последната анкета на МЦМС покажа дека сте на 10 место на ранг листата на успешност на градоначалници. Очекувате ли после сите случувања со парцелите спроти Холидеј Ин, кај Треска и спорните Детални урбанистички планови да ја добиете довербата од граѓаните на Центар?
Сакам да се потврди, бидејќи единствениот човек кој досега застана на патот тоа сум јас. Јас не сум слушнал на ниту едно друго место некој да донесе и да спроведе такви радикални одлуки и на крајот и после пресуда на Уставен суд да ја продолжи битката. Пак ќе напоменам тие планови не сум ги донел јас, ги донел некој многу, многу години претходно, тие планови, за жал, предизвикуваат правни дејствија и до ден денешен, за тие планови, за жал, никој досега не одговарал, се надевам дека во некое брзо време, ако, ај да кажам, проработат одредени институции, пред сè судски, дека ќе имаме одреден епилог. Затоа сметам дека треба да ја продолжам битката, бидејќи не е само да ги менувате плановите, ние видиме многу други постапки, знаете дека имаме поништено низа одобренија за градба, коишто дошле до правосилност, со утврдување на одредени неправилности сме ги поништиле Шпанските скали, Анго катната гаража, сега сме до катната гаража Никофон на суд, така што таа борба е долготрајна и сметам дека сум и доволно способен и има добар тим за да ја продолжам таа битка.
Целото интервју со градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ може да го видите во видео снимката на почетокот на овој текст.