Европската унија ја губи привлечноста за македонските граѓани. Тие сè уште ги сакаат европските плати и можноста да се патува без граници, но сè помалку во Унијата гледаат бастион на демократијата, човековите права и владеењето на правото, велат аналитичарите.
Видете и ова: Димитров: Ако македонскиот јазик е причината да не се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека бидеВо последното истражување на јавното мислење на Балкан барометар од минатиот месец, само 53 отсто од македонските граѓани одговориле дека членството во ЕУ ќе биде добро за економијата. Една третина од испитаниците одговориле дека тоа нема да биде ни добро ни лошо, а само 11 отсто од анкетираните одговориле дека тоа ќе биде лошо за економијата.
Една третина од граѓаните сметаат дека Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ.
Друга анкета, на американскиот Меѓународен републикански институт, исто така од минатиот месец, покажува дека на прашањето „Дали поддржувате влез на Северна Македонија во ЕУ?“, 79 отсто од граѓаните одговориле потврдно. Најниска поддршка за влез во ЕУ имало во април 2016 кога тој процент се спуштил на 71 отсто. Пред 10 години над 90 отсто од македонските граѓани биле за членство во ЕУ.
Политичкиот аналитичар Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис Скопје вели дека споредбата на двете анкети покажува дека македонските граѓани сакаат во ЕУ поради патување и плати, но сè помалку во Унијата гледаат идеал за демократија и владеење на правото.
„Кредибилитетот којшто Унијата го уништи со непридржување до сопствените правила на игра, особено во процесот на проширување во случајот со нашата земја, дефинитивно се одрази на тоа луѓето сè помалку да гледаат демократски идеал во рамките на ЕУ. Се разбира дека и внатрешните превирања во Унијата имаат придонес за тоа“, вели Трошановски.
Видете и ова: Фрустрацијата од блокадите раѓа евроскептицизамРежисерот и долгогодишен граѓански активист Владимир Милчин, во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела, вели дека зголемувањето на песимизмот во однос на ЕУ е очекуван.
„Ќе беше чудно да не паднеше поддршката за ЕУ кај нас по сите ветувања, по сите жртви кои беа направени, вклучително и прашањето за името, променетото име, што јас тешко го голтам“, вели Милчин.
Ова сепак не е најнизок процент на доверба во ЕУ во истражувањата на Балкан барометар во изминатите пет години. Во 2016 година, само 47 отсто од граѓаните одговориле дека влезот во ЕУ ќе биде добар за економијата, наредната година 54 отсто, во 2018 59 отсто, во 2019 51 отсто, лани тој процент бил 57 отсто.
Сепак, годинава е највисок процентот на оние кои сметаат дека земјава никогаш нема да влезе во ЕУ. Во 2018 година само 9 отсто од граѓаните сметале дека Македонија нема да влезе во ЕУ, а годинава 31 отсто сметаат дека Македонија никогаш нема да влезе во Унијата.