Разочарување што не било решено прашањето за отворање на првите меѓувладини конференции за Северна Македонија и Албанија и покрај силното застапување и разумните решенија на португалското претседателство и на европските партнери, изјави денеска заменик помошник секретарот за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт департмент, Метју Палмер кој имаше обраќање на панелот насловен „На патот до подобро поврзан и интегриран регион-Кој е ризикот? Како да стигнеме таму?“ во рамки на првата Меѓународна конференција на „Преспа форум дијалог“. Палмер наведе дека непочнувањето на преговорите на двете земји влијае и на вложувањата на САД и ЕУ во регионот, но, дека придонесува и за зголемување на скептицизмот во регионот.
„Нашите геополитички конкуренти се обидуваат да го нарушат кредибилитетот меѓу САД и ЕУ, а исто така и самиот регион се сомнева во интегритетот на нашата колективна определба“, истакна Палмер.
Германскиот државен министер за Европа Михаел Рот во своето обраќање на конференцијата изјави дека длабоко жали што Советот на министри на ЕУ не донел одлука за отпочнување на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија заради, како што рече, ставот само на една држава. Рот наведе дека особено Северна Македонија вложила огромни напори за создавање мултиетничко општество, 20 години после потпишувањето на Охридскиот рамновен договор.
„Со оглед дека ова е долг пат за секое општество, мораме да инвестираме повеќе напори секој ден за да го зајакнеме мирното општество. Северна Македонија и Грција направија историски чекор со потпишувањето на спогодбата од Преспа пред три години. Ова е исклучителен успех и служи како пример што може да се постигне и дека може да се решат долгогодишни конфликти со храброст и државност“, рече Рот.
Палмер зборуваше и за важноста на „историскиот“ Договор од Преспа потпишан меѓу Северна Македонија со Грција и за Договорот за добрососедски односи со Бугарија, велејќи дека тоа се примери за поголем регионален ангажман на земјата во корист на нејзините граѓани. Според него, долгогодишната визија на САД во регионот била и ќе остане фокусирана на регион во мир внатре и соседите.
„Регион којшто е стабилен, проспетитетен и интегриран во евроатлатнската рамка“, рече Палмер.
Шефот на словенечката дипломатија Анже Логар, чија држава од денеска го почнува претседавањето со ЕУ преку видео порака се обрати на настанот и порача дека проширувањето на ЕУ со балканските држави останува приоритет.
„Проширувањето не е техничко, туку клучно, врвно геостратешко прашање, прашање што бара внимание, амбиција и политичка волја на сите чинители за остварување на заедничките цели – цврста и силна Европа. Словенија сака брз старт на процесот на проширување. Ако Европа сака да биде целосна и слободна, тогаш земјите од регионот мора да бидат ислушани со инклузивен пристап. Отсуството стратешки решенија за регионот го остава авионот без пилот, остава простор за други геостратешки играчи да го остварат своето влијание, рече Логар на панелот на министрите за надворешни работи насловен како „Градење на доверба преку дијалог“ во рамки на „Преспа форум дијалог“.
Тој порача дека во сржта на словенечкото претседателство со ЕУ се и безбедноста и мирот и додаде дека сето ова мора да се дискутира на највисоко ниво. Додаде дека во таа насока го организираат и Самит ЕУ-Западен Балкан, бидејќи успехот на регионот зависи од сите актери кои се вклучени во процесот.
„Преспа форум дијалог“ е организиран од Владата на Северна Македонија и на него присуствуваат лидери од земјата и од регионот, но и претставници на бројни земји и организиции. Првата меѓународна конференција денеска се одржува во Охрид, а ќе биде продолжена утре во Отешево. На настанот учествуваат околу 300 гости и ќе се обратат на повеќе панел дискусии, а меѓу нив се официјални лица и поранешни претставници на НАТО, администрацијата на САД, ЕУ и претставници на невладини организации.