Бугарската блокада на македонските евроинтеграции може да го засили евроскептицизмот во земјава и да ги засили фрустрациите, но земјава мора да остане на реформскиот курс. Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис вели дека претпристапните европски фондови и добронамерниот мониторинг врз реформите се во интерес на Македонија.
„Сојузот кон којшто се стремиме не е тоа што мислиме дека е, но е „најдобар од сите можни светови“. Оттука и од аспект на влијанието коешто би го имала ЕУ доколку сме во нејзиниот простор на влијание и помошта од претпристапните фондови којашто ни е неизмерно корисна и добронамерниот мониторинг на реформите, сето тоа не оди спротивно на нашите интереси. Така што придржувањето до тие добронамерни препораки и помош којашто ни ја даваат земјите-членки коишто ни се пријатели, коишто ни се наклонети, не треба да го пренебрегнеме“, вели Трошановски.
Хрватската амбасадорка Нивес Тигањ, во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела, вели дека жали што земјава не доби датум за преговори со ЕУ. Додека се чека договор со Бугарија, треба да се одржи евроинтегративниот процес преку билатерална соработка со сите земји-членки, вели таа.
Сојузот кон којшто се стремиме не е тоа што мислиме дека е, но е „најдобар од сите можни светови“
„Тоа е најдобар пример да се задржи, да се зајакне европскиот процес во земјата, а истовремено со секоја држава-членка да постои една редовна, интензивна комуникација, едноставно, ќе го кажам со едноставен речник – да не се седи со скрстени раце и да не се чека конечен договор со Бугарија, туку земјата цело време да продолжи со реформските процеси и се разбира со интензивирање на билатералната соработка со земјите-членки“, вели таа.
Владата реагираше дека ЕУ не ги одржала своите ветувања и оти се изневерени очекувањата на македонските граѓани „поттикнувани и охрабрувани од ЕУ и од земјите членки“.
„Оваа грешка е мотивација за уште посериозна продирање на интересите на трети страни во срцето на Европа“, се наведува во соопштението од Владата.
Трошановски вели дека ова разочарување не треба да значи вртење „кон исток“.
„Голем ќар од таму, како што гледаме и од другите ситуации, нема и поголем дел од тоа се односи со јавност и голем меур“, вели тој.
Македонија доби кандидатски статус за членство во ЕУ пред точно 15 години, а има препорака за почеток на пристапните преговори од 2009 година. Цела деценија Грција ги блокираше македонските евроинтеграции поради спорот за името, а по решавањето на тој проблем, Бугарија сега ја блокира земјава со тврдење дека ја краде бугарската историја.
Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека голем дел од населението се залага за зачленување на земјата во ЕУ, но евроскпетицизмот се зголемува во изминатата деценија која беше одбележана со грчката блокада на евроинтеграциите. Според анкетите на ИРИ, во 2008 година, дури 96 отсто од жителите на Македонија поддржувале зачленување во ЕУ, додека годинава членство во Унијата поддржуваат 74 отсто од граѓаните.