Достапни линкови

САД и ЕУ - суштински интерес, но различен пристап за евроинтеграцијата на Балканот


Знамиња на САД и ЕУ седиштето на Европската комисија во Брисел.
Знамиња на САД и ЕУ седиштето на Европската комисија во Брисел.

Непочнувањето на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ, САД го гледаат како опасност од пенетрација на Русија и Кина во регионот и затоа прават зголемен притисок за проширувањето, вели поранешниот дипломат Мухамед Халили. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека ЕУ има суштински интерес за регионот, но укажува на различниот пристап на ЕУ и САД.

Голем дел од земјите на Европската унија во моментов не се ниту приближно заинтересирани за проширувањето како што се Соединетите држави, смета поранешниот дипломат Мухамед Халили. Тој посочува дека исклучок во однос на ова прашање се Германија, Португалија, Хрватска, Словачка и Чешка, за кои вели дека направиле се за да биде овозможено одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ.

„САД веќе гледаат опасност од пенетрирање на Русија и Кина во овој регион во недостаток на конкретни реформи околу проширувањето“, вели Халили.

Коментарите доаѓаат во услови на зголемен притисок на САД во однос на евроинтеграциите на балканските земји, откако ЕУ одлучи да не ги започене преговорите за челнство со Македонија и Албанија поради блокадата на Бугарија.

Деновиве некои американски претставници оценија дека ЕУ со тоа направила предавство на сопствените вредности. Американецот Едвард Џозеф – сегашен професор на универзитетот Џонс Хопкинс и поранешен претставник на Меѓународната кризна група, на „Преспа форумот за дијалог“ во Охрид изјави дека ЕУ извршила предавство со тоа што два пати не успеала да почне преговори со С. Македонија и покрај тоа што исполнила се што било од неа побарано. На ваквата изјава жестоко реагираше претставникот на Кралството Холандија во земјава, амбасадорот Дирк Јан Коп кој рече дека не може да стане збор за предавство, бидејќи ЕУ го чистела нередот во Европа, не само со зборови, туку и со многу пари.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека ЕУ има суштински интерес за влез на регионот, но посочува дека Унијата и САД имаат „многу различен пристап.“

„Во ЕУ мора да има консензус, ЕУ мора да внимава на другите земји членки, дури и на оние кои не го заслужуваат членството. САД не мораат да внимаваат на ништо, така што отвореноста и условно речено агресивноста во нивниот пристап, не е индиција дека тие се позаинтересирани за интеграциите. И ЕУ е заинтересирана за интеграцијата на Западен Балкан“, вели Арсовски.

Во однос на прашањето дали во моментов постојат големи разлики во односот на САД и ЕУ кон Балканот, Халили вели тоа се случува особено по доаѓањето на новата администрација на САД, бидејќи САД во минатиот мандат не биле посветени на проширувањето на Унијата.

Халили - Постојат големи разлики во односот на САД и ЕУ кон Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:14 0:00
Директен линк

„Бидејќи фокусот им беше главно на Авганистан, Ирак и Кина, додека Европската унија се бави со сопствените проблеми за кои не е способна и не е спремна да ги реши, бидејќи не е хомогена унија, тоа е унија на разни интереси“, вели Халили додавајќи:

„Тоа не беше никакво предавство затоа што Унијата декларативно ветила дека на Македонија и Албанија ќе им го отовори патот кон евроинтеграциите, но под услов да го расчистат сопствениот криминал во највисоките редови на државата, а потоа и во другите структури, што досега ниту едната, ниту другата земја тоа го нема направено успешно. Дополнително излезе и проблемот со Бугарија“, вели Халили.

Арсовски коментира дека ЕУ е покомплициран механизам со долготрајни пријателства меѓу земјите членки, додека за САД вели дека имаат многу „побрутален пристап“.

„Разликата е во пристапот, инаку мислам дека гео-стратешките линии се слични со некакви разлики визави Русија и Средниот Исток“, вели Арсовски.

Во однос на разочарувањто на земјите од Балканот за непочнувањето на преговорите со ЕУ, Арсовски смета дека поради тоа во регионот ќе се појави политичка декаденција, односно дека политичарите кои не успеале да ги почнат преговите, помалку ќе внимаваат на европските вредности.

„Бидејќи не го гледаат бенефитот од почитувањето на европските вредности – тие испорачуваат, а Европа не. Потоа ќе има дополнително влошување на односите помеѓу Македонија и Бугарија, бидејќи наративот на Македонија не може бесконечно да биде пријателски, бидејќи очигледно дека од другата страна немаме пријателски пристап. Исто така, ќе се роди нова иницијатива за тој Мини Шенген како алтернатива за европскиот пат и можно е да се појават нови националистички наративи ако регионот остане долго надвор од ЕУ“, вели Арсовски.

Според Халили, земјите на Балканот не треба да бидат разочарани од сутуацијата и вели дека треба да работат на патакозот од директивата на американскиот претседател Џо Бајден, за кој како што вели, доколку во пракса биде реализиран само половина, тогаш земјите многу брзо ќе биде дел од ЕУ.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG