Ковидот ги зголеми поплаките за работнички права

Текстилни работнички со маски.

Ковид-кризата ги дуплираше поплаките за прекршување на работничките права, покажуваат податоците на Државниот инспекторат за труд. Здруженијата за работнички права апелираат работниците да не потпишуваат ништо без да се консултираат, за да може да си ги остварат своите права во случај на отказ.

Во првите осум месеци од годинава до Државниот инспекторат за труд пристигнале близу 6000 претставки од работници. Лани пак за цела година имало вкупно 3300 претставки. Најголем број од претставките за годинава се однесуваат на угостителството и текстилната индустрија. Годинава 1345 лица лично се пожалиле до Инспекторатот, додека минатата година за цела година бројката е 1300. По електронски пат досега се испратени 4500 претставки, а за цела мината година имало 2000 претставки.

Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“ апелира вработените да не потпишуваат никакви документи пред да се консултираат, со некој од нивното здружение, од Хелсиншкиот комитет, Трудовиот инспекторат. Од почетокот на пандемијата на многу вработени работниот однос им се трансформираше од неопределен на определен или пак од полно на скратено работно време, вели Ампева од Гласен текстилец.

„Затоа е многу важно пред да потпишат нешто добро да го прочитаат. Отказите, дури и да има откази, тие треба да бидат поради делови причини, бидејќи де-факто таква е ситуацијата што ја наметна пандемијата со ковид-19. Тоа се потешкотии на работодавачот, не е дека работникот не си ги врши работите и слично. Овие откази, барем за они што се на неопределено работно време треба да се третираат како откази од деловни причини по што следува испратнина согласно законот за работни односи. Вака, како што се прави моментално, е само заобиколување на законот за работодавачите да излезат без дополнителни трошоци“, вели Ампева.

Директорот на Државниот инспекторат за труд, Аљајдин Хавзиу вели во изминатите месеци успеале да вратат на работа над 1000 работници кои незаконски биле отпуштени од работа. Работниците најчесто се жалеле на бланко договори, откази без почитување на отказен рок, не исплаќање на плата и работење без никаков договор за работа. Газдите кои прекршиле работнички права може да добијат парични казни до 3000 евра.

Видете и ова: Работодавачите бараат нов сет антикризни мерки

Оние работници кои добиле спогодбен отказ во периодот од 11 март до 30 април добија помош со владината уредба за третиот сет економски мерки да ги следува надомест во случај на невработеност од Агенцијата за вработување, иако според закон, тоа не би ги следувало во редовни услови.

„Не смеат да си даваат сами изјави и согласност за спогодбен раскин на договор, во тој случај ама апсолутно ништо не ги следува“, вели Ампева.

Таа апелира до работниците да си ги бараат правата и за секоја аномалија да ги известат надлежните, дали станува збор за работни односи или пак за непочитување на протоколите за заштита од ковид -19 на работно место.

„Доколку работодавачот намислил да им даде отказ, нека го направи тоа написмено и нека им го испрати на домашна адреса, понатаму откако ќе стаса написмено од работодавачот ние соодветно во име на работниците кои се обратиле до нас подготвуваме приговори до работодавач или до трудов Инспекторат“, вели Ампева од Гласен текстилец.

Сега има речиси 40 илјади невработени повеќе во споредба со март кога почна пандемијата на ковид-19, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување. Заклучно со август во земјава се регистрирани 144.759 илјади невработени, а во март бројката на невработени 107.732 невработени кои активно бараат работа. Но, од Агенцијата за вработување велат дека само 12.580 луѓе добиле отказ како директна последица на кризата предизвикана од ковид-19.

Од 23 септември на работа се вратија и одредени категории работници кои беа ослободени од работа со уредби на Владата поради пандемијата со ковид-19. По враќањето на работните места има поплаки од нив, вели Рубинчо Аризанкоски од здружението „Достоинствен работник“.

„Дел од работниците, за кои ние имаме информации, кои се дел од автомобилската индустрија, кај нив моменталната ситуација е што со враќањето на работниците, тие работници се враќаат во училница, одново учат како да работат на своето работно место, одново треба да го изодат истиот пат на кој претходно биле вработени“, вели тој.

Здружението им нуди правна помош на работници кои имаат нарушени работнички права, за што, тие како здружение трпат одредени притисоци, вели Аризанкоски.

„И на нас ни се прави еден притисок да не ги учиме работниците да си ги бараат своите права, а нашата дејност е тоа, дека секој човек треба да си ги знае правата, посебно од Законот за работни односи“, вели тој.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска рече дека се работи на нов Закон за работни односи, кој се очекува да биде донесен следната година. Со него ќе се уредува сезонската работа, флексибилното работно време, родителското отсуство, работата од дома, работата од далечина, кои се наметнаа како нов тренд со пандемијата со ковид-19.

„Важечкиот закон е донесен далечната 2005 година и според сознанијата до кои дојдов од контактите со секторот труд досега претрпел 24 измени што значи дека веќе е дојден период кога треба да донесеме нов закон за работни односи кој ќе ги отсликува состојбите на современото време. “, рече министерката Шахпаска.

Аризанкоски вели дека побарале во новиот закон да се бидат вклучени и таканаречените домашни работници.

„Тука спаѓаат бебиситери, негуватели на стари лица, помош на лица со посебни потреби инт. Имаме доставено забелешки во тој закон да влезе заштитата и на овие работници, оти знаеме дека во нашата држава има прилечен број на домашни работници кои треба да влезат во институционални рамки“, вели Аризанкоски.

Поради пандемијата работниците во земјава во изминатите неколку месеци се соочуваат со губење на работните места, намалување на платите, кршење на работничките права, но и со загрозување на здравјето и безбедноста на вработените поради непочитување на мерките за заштита од коронавирусот, па на неколку наврати имале и кластери на заболени од ковид-19 во фабрики и во институции. Изби и афера со фирми кои иако зеле државна помош за справување со кризата не им исплатиле плати на вработените.