Пругата кон Бугарија како подиум за сликање на политичарите

Отпочнувањето на градба на источен дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово - Бељаковце - Крива Паланка, 29 октомври 2022.

Речиси 90 километри пруга од Куманово до границата со Бугарија се гради скоро три децении. Нема висок функционер кој досега не се сликал со камен темелник на пругата и ветил дека само што не биднала. Од земјава нема возови ниту кон другите соседи, а таму каде што има железница исто како да ја нема.

Не верувам дека пругата кон Бугарија ќе биде завршена ниту во следните 30 години, вели Благоја Јакимов, кој речиси целиот работен век го поминал во трасирање на железничката пруга кон соседната земја. Тој како геометар во градежна фирма, трипати правел проект за делницата од Куманово до Бељаковце, потоа уште еднаш се правел проект, но тој веќе отишол во пензија.

„Со години политичарите на пругата само поставуваа подиум за сликање“, вели Јакимов.

Кога ќе снемаше пари, работите за изградба стопираа, а кога пак ќе отидевме на терен и тоа сработеното беше разграбано, додава тој.

„Шините беа исечени, си ги однеле тие што продаваат старо железо, праговите беа однесени“, раскажува Јакимов.

Ново поставување подиум имаше повторно пред неколку дена. На 29 октомври со присуство на премиерите на Македонија и Бугарија и со многу други гости се одбележа почетокот на изградба на две делници на Коридорот 8, со кои продолжува реализација на проектот кој започна пред 28 години. Станува збор за вкупно 65 километри. За третата делница од 24 километри се подготвува тендерска документација.

Пругата кон Бугарија е проект рекордер ветуван од сите политичари во нивните изборни програми. Со текот на годините премиери удираа камен темелници, ветуваа дека пругата станува реалност, се одвојуваа пари за тоа во секој државен Буџет, но потоа парите се пренаменуваа за други цели.

Видете и ова: Ќе стане ли Коридор 8 реалност или ќе остане пуста надеж?

Бугарија речиси го заврши својот дел од пругата, но не и Македонија.

Коридор 8 е оската што треба да ги поврзе Албанија и Бугарија, преку Македонија. Доколку се комплетира железничката пруга, тоа ќе ги зголеми опциите на државите при транспорт на стоки, трговијата, а би влијаело и на бројот на туристи.

Бугарија е меѓу топ петте држави со кои Македонија тргувала во периодот јануари – август 2022 година. Останатите држави со кои земјава остварила најголема трговска размена се Германија, Велика Британија, Грција и Србија.

Македонија нема железничка врска ниту со Албанија.

Мапа за планираната железничка пруга до Бугарија


И таму каде што ја има исто како да ја нема

Брзиот воз од Скопје за Битола, кој тргнал во 18:25 на 30 октомври не стигнал до крајната станица. Застанал до Могила и не продолжил понатаму.

Речиси во истовреме, во Швајцарија, машиновозачите соборија светски рекорд во управување со долг воз, од речиси два километри преку Алпите.

Композицијата од 100 вагони се движела по планински терен и поминала 22 тунели, 48 мостови, како и вијадукт висок 65 метри и за еден час помината 25 километри.

Вообичаено, за да помине дестинација од 175 километри, на возот од Скопје до Битола му требаат од три до пет часа. Имало денови кога патувал и по осум часа, а и такви денови кога воопшто не дошол.

За споредба, од Пекинг до Шангај пругата е долга 1.300 километри, а патувањето со воз трае четири и пол часа.

За три и пол часа ќе поминете 660 километри од Париз до Марсеј.

Пред неколку години македонската Влада набави нови возови кои може да возат до 160 километри на час, но во Македонија нема пруга за толкави брзини.
Железничарите велат дека во летната сезона, просечната брзина е околу 50 километри на час, а на некои делници ограничувањето е пониско.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Македонските железници возат во рикверц


„Можеш да слезеш од возот, да набереш печурки и повторно да се качиш на него“, напиша бугарската новинарка Полина Славчева во репортажа од 2007 пренесувајќи изјава од железнички работник во Македонија.

Петнаесет години подоцна работите не се смениле, пругите се стари, возовите бавни, а патници има сè помалку.

Во последните години од земјава има само внатрешен железнички сообраќај. Од Македонија нема патнички возови ниту кон соседните Србија и Грција.

Отпочнување со градба на источен дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово - Бељаковце - Крива Паланка.

Само во изминатата деценија, бројот на превезени патници со железница се намалил за скоро 6 пати. Податоците на државниот завод за статистика покажуваат дека во 2011 година со воз се превезле над 1,4 милиони патници, додека минатата година завршила со 253 илјади патници. Во првата половина од годинава има благо зголемување. Има намалување и на товарниот железнички сообраќај од 2,7 милиони тони во 2011 на 1,7 милиони тони во 2020 година.

Македонски железници е еден од најголемите загубари во државата. Долгот на фирмата се трупа со години и според податоците на Министерството за финансии, Македонски железници – Транспорт, заклучно со септември оваа година, должи речиси 70 милиони евра. Македонски железници – Инфраструктура, пак, должи речиси 26 милиони евра.