Економски развој и придобивка за граѓаните и фирмите се зборовите кои најчесто денеска може да се слушнат за значењето на железницата на Коридор 8 на стартот на изградбата на првите две проектирани делници на источното крило.
Едната делница е од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар, а ќе ја гради конзорциумот „Штрабак“, сочинет од компании од повеќе држави. Другата е од Бељковце до Крива Паланка во должина од 34 километри и неа ќе работи турската компанија „Ѓулермак“.
Денес продолжуваме со остварување на целта, од национално, стратешко и меѓународно значење, што ќе значи модерна европска железничка инфраструктура во Северна Македонија, но и забрзан регионален и економски развој, рече премиерот Димитар Ковачевски.
„Ваквите капитални проекти, се проекти за идните генерации и со нив Северна Македонија станува поврзана со европските железнички коридори. Северна Македонија географски, природно е крстосница, клучна точка на поврзување и кон Европа, но и кон Јадранското и Црното море. Со капитални проекти како овој, нашата држава станува и реална крстосница на Балканот, отворајќи простор за раст, развој и напредок на повеќе полиња“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека проектот 28 години стои во место и дека „Пругата наречена надеж“ е сосема прецизна формулација.
„Или во текот на овие изминати 30 години не сме имале знаење, или немало доволна посветеност или имало премногу корупција. Или сите 3 работи заедно“, рече премиерот.
Оваа инвестиција, како што додаде Ковачевски, на Северна Македонија и отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и пристаништето Драч во Албанија што е од исклучителна важност за нашата економија, но и генерално за соработката на регионот во целина како и соработката на регионот со други региони во Европа.
Бугарскиот премиер Галаб Донев рече дека Коридорот 8, кој бил желба на многу генерации, ќе придонесува за развој на целиот регион и ќе биде важна комуникативна врска помеѓу Бугарија, РСМ и Албанија, како и помеѓу бизнисот на сите три земји.
Бугарија, според него, работи активно за негова изградба, при што особено во услови на енергетска криза е нопходно да се обезбедат директни патишта за транспорт, бидејќи поради непостоење на железничка инфратструктра, се бараат алтернативни патишта во трети земји што одзема време. Донев додаде дека за прв пат во историјата на Бугарија и РСМ трговската стокова размена ќе достигне 1 милијарда евра.
„Замислите каков ќе биде резултатот ако имаме развиена железничка линија. Интересот на бизнисот е очигледен, како што е и желбата за комуникација меѓу граѓаните. Наша обврска е да одговориме на тие очекувања преку спроведување на стратешки проекти“, рече Донев.
Првиот вицепремиер Артан Груби рече дека Владата со овој проект го поврзува брегот на Црното со Јадранското море за што е потребно храброст и знаење. Според него, Коридорот 8 е еден од најголемите инфраструктурни проекти и е важна економска артерија и стратешки цел од која нема одвраќање.
Вртиме нова страница во железничкиот систем на државата, порача министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
„Овие 65 километри не се само должина на пруга, туку потреба од економско зајакнување на државите и можност за граѓаните и бизнисот и соработка меѓу регионот“, рече Бочварски.
Тој информира дека наредната година ќе има повик за третата делница од Коридорот 8 од Крива Паланка до граница со Бугарија која изнесува 24 километри).
Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека го чека времето кога преку Коридорот 8 ќе може да се патува без да се напушти ЕУ со пристапување на РСМ и Албанија на блокот.
„ЕУ е горда што ја поддржуваме оваа стратешка иницијатива која е од голема корист за локалните граѓани и фирмите од регионот, а со тоа ќе се помогнат нашите напори за добрососедски односи“, рече Гир.
Претставникот на ЕБОР, Анди Аранитаси го цитираше писателот Викот Иго велејќи „Не постои ништо помоќно од идеја чие што време дошло“ и додаде дека за инфраструктурата во земјава банката обезбедила повеќе од 1 милијарда евра што ќе донесе можности за економска соработка, регионална трговија и патување.
Директорот на Железници „Инфраструктура“, Хари Локвенец посочи дека преку Коридорот 8 се поврзува медитеранот со црноморскиот регион и „слободно може да кажеме дека го градиме европскиот контиентален босфор“.
Тој додаде дека проектот нема пречки да се реализира бидејќи средствата се веќе обезбедени, завршена е потребна експропријација на земјиштето, цела траса е испитана по однос на археолошки наоѓалишта и фирмите изведувачи се избрани според европски правила и процедури.
28 години се гради Коридорот 8
Транснационалната транспортна оска Исток-Запад (Коридор 8) се протега од пристаништето Бари во Италија до пристаништата Варна и Бургас во Бугарија. Централниот дел на овој паневропски коридор долг 315 километри минува низ Северна Македонија, односно Кичево, Скопје, Куманово, Бељаковце и Крива Паланка. Меѓутоа, врските недостасуваат на западниот крај (од Кичево до границата со Албанија) и на источниот крај (од Куманово до границата со Бугарија).
Делницата Бељаковце-Крива Паланка се гради со финансиска помош на ЕУ обезбедена преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ). Грантот финансиран од ЕУ-ВБИФ од 75 милиони евра, дополнет со национален придонес од 1 милион евра. Работите ќе се изведуваат од октомври 2022 година до крајот на 2025 година. Дополнителен грант финансиран од ЕУ од 210 милиони евра е во план за завршување на источниот крај на железничкиот Коридор 8 до границата со Бугарија.
Откако ќе биде завршена, се очекува железничката делница да го зголеми годишниот обем на товар за 20 проценти до 2040 година и да обезбеди пристап до современите транспортни средства за повеќе од 350 000 луѓе. Ќе се намали времето на патување, како и загадувањето на воздухот и бучавата.
Нови изведувачи со кои беа потпишани договори во јули годинава се „Штрабаг“, кој треба да ја продолжи и изгради првата делница од Куманово до Бељаковце во вредност од 40,5 милиони евра, и „Ѓулермак“, кои пак со 155 милиони евра ќе работат на втората делница.
На првата фаза од пругата се изградени 54 проценти, а остатокот треба да се заврши за година и половина до две години. За 34-те километри од втората фаза рокот е три години. За третата делница во тек е подготовка на тендерската документација, а проценетата вредност за 24-те планирани километри, изнесува 405 милиони евра.
Плановите на домашните институции се источното железничко крило на Коридорот 8 да биде завршено до 2027 година, а западното каде треба да има пруга од Кичево до Лин, до 2030 година.
Изградбата на пругата кон Бугарија е почната во 1994 година, од кога се одвојувани пари од државните буџети до 2004 година, кога првпат се стопирани активностите. По речиси децениски застој на градежните работи, во март 2014 година почна обновата на изградените тунели и мостови и градба на новите делови согласно со проектот на првата делница.
Со договорот со тогашниот изведувач – германски „Вибе“, беше предвидено пругата да се изгради до септември 2017 година, но поради проблеми при изведбата, претежно од имотно правен карактер беше потпишан анкес со рок за изградба до февруари 2020 година, по што во јуни 2020 година работите беа прекинати со реализирани 54 проценти, а државата најави арбитражна постапка. Во февруари лани МЖ Инфраструктура преку Европската банка за обнова и развој распиша нов тендер во кој ги спои првите две делници.