Господине Бочварски вие сте тринаесеттиот министер кој во минатите 30 години ја ветува реализацијата на пругата од 80 километри до Бугарија. Што ќе ве направи Вас поразличен од вашите претходници кога станува збор за оваа пруга?
Се работи за доста комплекса пруга, железница, посебно источниот крак којшто веќе делумно е започнат да се работи, поделен е во три фази. Првата фаза е веќе над 50 отсто реализирана, но имаме раскинат договор со изведувачите. Очекувам во 2021, во првиот квартал, да се распише тендерската постапка за првата и втората фаза заедно, бидејќи донесовме одлука на влада овие две деленици да ги споиме и да се побара нов изведувач. Очекуваме и посакуваме овој изведувач да биде сериозен, со сериозно силни капацитетни можности со цел да може и оваа пруга да се реализира. Имаме обезбедено средства за овие две делници, а имаме делумно обезбедено средства и за третата делница и посакуваме и таму во текот на 2021 да се отпочнат одредени градежни зафати.
Само едно потсетување за граѓаните, за каква комплексна делница се работи можам да кажам дека на оваа пруга имаме преку 90 моста кои треба да бидат изградени и преку 30 тунели само на оваа делница, што значи дека се работи за доста комплексна, сериозна пруга со некаде преку 60 милиони евра инвестиција којашто е доста значајна за државата, ние не се откажуваме, ќе работиме. Навистина долго време трае оваа реализација на оваа пруга, но убеден сум дека можеме да направиме исчекор. Јас ќе направам сè како ресорен министер да ги придвижиме работите и конечно да видиме еден позитивен момент во однос на овој проект.
СДСМ во својата изборна програма и за минатиот и за овој мандат ветуваше илајдници километри патишта. Колку точно патишта, во километри, се направени?
Во изминатите три години се инвестираа милијарда евра во изградба, реконструкција и рехабилитација на патишта, мостови, свлечишта, вијадукти, подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во државата, а денеска, во овој момент инвестираме преку 840 илјади евра во изградба на патна инфраструктура или околу 400 километри патишта.
Во овие 400 километри патишта што ги спомнувате зборувате само за нови или за нови и за реконструирани?
Тука зборувам и за рехабилитација на постоечките патни правци, што се некаде околу 190 километри, но и за останатите 200-210 километри патишта кои во моментот се градат низ државата. Ова е навистина една серозна офанзива и тоа во време на ковид, мораме да го напоменеме тоа, каде што се инвестираат доста средства.
Според новите буџетски правила ако министерствата за три месеци не реализираат тоа што е буџетски планирано ќе им бидат одземени парите за капитални инвестиции. Како ова правило ќе се одрази врз работата на вашето министерство, каде што процесите се долготрајни?
Секако ова е голем предизвик и за мене и за целиот овој тим и за сите луѓе во Министерството да работиме на сериозно раздвижување на капиталните инвестиции. За оваа година, 2020, би имале некаде околу 80 отсто капитални инвестиции. За градежништвото првите три месеци или првиот квартал секогаш е тежок, затоа што градежни зафати не се реализираат поради временските услови. Но јас сум убеден дека ние би ги надополнувале сите овие недостатоци во првиот дел од годината со цел тоа да се надополни во вториот, во третиот, во четвртиот квартал, но го поздравувам овој проект и убеден сум дека ќе даде резултати за поголема активност на сите нас.
Владата на почеток планира високи капитални инвестиции, но потоа со ребаланс тие пари се пренаменуваат за друга, затоа што не се реализираат. Во што е проблемот?
Секога одреден проект може да има одредени пропусти, проблеми, може некогаш да се случи и репроектирање на одредена траса, на одредена делница, еве – изведувач кој ја напуштил делницата, парите остануваат и тогаш државата е флексибилна преку ребаланс да ги пренамени таму каде што брзо се трошат. Целта е да придонесеме за поголемо ниво на капитални инвестиции и навистина тоа ќе го направиме со еден систем којшто го градиме и во министерството, но го гради и Владата и да ги отстрануваме сите овие пропусти што се случуваат. За мене и како за проектант, сум работел на проектирање, многу важно е да имаме добра проектна документација, техничка документација која нема да дозволи при отпочнување на изградбата на одредени проекти да имаме застој и нови репроектирања, а со тоа и немаше на реализација на одредени капитални проекти. Ова за мене е исклучително важно, но исклучително важно е да имаме добри изведувачи на терен кои брзо ќе ги изведуваат средствата, без притоа да имаме застој, одложувања и какви било изговори за неможност да де реализира одреден проекти или да се реализира со помал капаците или со помал обем на механизација и на луѓе, така што од овој аспект мора сите овие компоненти да бидат склопени за да достигнеме високи ниво на реализација на капитални инвестиции.