Достапни линкови

Цената за државата да си го врати менаџирањето со природниот гас превисока?


Илустрација
Илустрација

Опозицијата се спротистави на усвојувањето на спогодбата со која Владата ќе ги откупи акциите на Макпетрол во фирмата ГА-МА која раководи со преносот на гас. Проблемот не е фирмата да биде во сопственост на државата, туку за опозицијата цената е превисока.

По долги години спор околу сопственоста на гасоводот меѓу Макпетрол и Владата сега проблемот заглави во Собранието откако опозицијата се спротистави на носењето на законот со кој треба државата треба да и исплати пари на компанијата. Макпетрол и Владата поседуваат подеднакво акции во ГА-МА која управува со системот за пренос на природен гас. Со предлог законското решение Макпетрол својот удел ќе и го продаде на Владата за 32 милиони евра.

Двете засегнати страни во ноември, минатата година донесоа одлука вонсудски да ги решат судските спорови, а согласност беше постигната и со поддршка од Енергетската заедница со седиште во Виена. Причината беше донесувањето на Законот за енергетика во јуни, 2018 година со кој се утврдува дека Министерството за економија може да биде единствен сопственик на друштвото кое што е оператор на Системот за пренос на природен гас, па затоа Макпетрол изрази намера да го продаде својот влог во ГА-МА.

Професорот во пензија од Машинскиот факултет, Константин Димитров вели дека отсекогаш бил на ставот дека е подобро ваквите претпријатија да бидат во државна сопственост и во минатото кога се расправало дали Макпетрол требало да добие удел во ГА-МА тој бил против. Кој го има производството и дистрибуцијата ги диктира условите, посочува тој.

„Ако е државата сопственик може да безбеди социјална заштита на потрошувачот. Ако е приватно секогаш основа му е профитот, како што гледаме денеска со ЕВН. Они си го бараат и си го обезбедуваат во цената, а кој ќе ги поднесе тие трошоци- крајните потрошувачи“, вели Димитров.

За опозицијата проблем е цената

На носењето на законот се спротистави опозицијата која смета дека власта сака насила да го протурка решението. За ВМРО-ДПМНЕ проблем е висината на исплатата. Од партијата сметаат дека акциите на Макпетрол вредат 18 милиони евра.

„Во законот проценета вредност на ГА-МА е 36 милиони евра, значи толку вложила државата, а согласно договор државата и приватната компанија имаат пола / пола, иако се судат толку време за тоа кој е доминантен сопственик. Значи сега државата доброволно одлучува да се повлече и да не е сопственик. Претпријатието вреди 36 милиони евра или и двете страни имаат по 50 проценти се вели во првиот член, а за веќе следниот член да вели државата се согласува да ги откупи за 34 милиони евра. Значи тоа што велат дека чини 18 милиони го купуваат за 34 милиони евра“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Во законот пишува дека врз основа на Извештајот за проценка на вредноста на ГА-МА, изготвен од страна на Бирото за судски вештачења, двете страни се согласни за утврдената вредност од 65.547.810 евра како вкупна вредност на капиталот во фирмата.

Во законот се додава дека договорените страни ги утврдуваат како конечни своите вложувања, односно учеството во фирмата во номинален износ во основната главнина кој изнесува 37.612.500,00 евра од кои на акционерите им припаѓаат по 50 отсто, односно на Владата и на Макпетрол по 18.806.250,00 евра.

По склучувањето на спогодбата, како што се наведува во законот, Владата се обрзува да ја прифати понудата од Макпетрол да ја откупи неговата акција во цена од од 32.773.905 евра.

Димитров додава дека не следи што се случува во Собранието, бидејќи се работи за повеќегодишен комплициран спор и невозможно е да се знаат сите детали.

„Се зависи тука од политички одлуки, веројатно и лукративни работи, така што човек да извлекува резонски заклучоци е тешко, ако не е запознаен во детали со таа работа“, вели Димитров.

Откако Владата ќе го откупи уделот на Макпетрол фирмата ќе биде во целосна сопственост на државата. Тоа значи дека Македонски енергетски ресурси (МЕР) и ГА-МА ќе се спојат под капата на Министерството за економија. Со тоа, националниот оператор, преносувач, дистрибутер МЕР ќе може да стане единствен сопственик и да ги добие лиценците кои веќе ги има ГА-МА или да аплицира за свои. На тој начин ќе може да се пушти гас до гасоводните системи кои се веќе изградени, а ќе се овозможи продолжување на проектот со интерконекторот со Грција.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG