Протест пред Собранието, седницата за Уставот поместена

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Пред Собранието на Македонија протест против уставни измени

Седницата за уставните измени е презакажана за 16 часот. Причините не се познати.

Собраниската седница за уставните амандмани е одложена за 16 часот, извести претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој не ја посочи причината за одложувањето на седницата.

Џафери потоа ја констатира оставката на пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, кој треба да ја преземе функцијата директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Неговото место во пратеничките клупи ќе го зазеде Рубин Земон, кој беше посебен советник за развој на мултикултурно општество, интеркултурализам и интеркултурните комуникации на премиерот.

Видете и ова: Уставните измени - благосостојба или турлитава

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска пред Собранието изјави дека седницата за уставните измени е финале на еден срамен процес, спроведен со насилство врз процедурите, уцени и закани.

„На референдумот, Зоран Заев не доби поддршка за промена на името, па тоа го прави на криминален начин. Северна Македонија можеби е на Заев и на некои околу него за да ги зачуваат привилегиите од власта, но мојата татковина е Република Македонија“, изјави Мицкоски.

Тој повика и на мирно и достоинствено пркосење на ваквиот развој, а граѓаните да не подлегнуваат на провокации.

Видете и ова: Мицкоски: Уставот се менува на сила


Пред почетокот на собраниската седница генералниот секретар на СДСМ и пратеник Александар Кирацоски, на прес-конференција, информира дека е обезбедена поддршка од минимум 80 пратеници за усвојување на уставните измени.

„Имам информации дека минимум 80 пратеници, впрочем и нешто над 80 пратеници, се уверија дека иднината на Република Македонија е единствено во НАТО и ЕУ, а тоа е условено со Преспанскиот договор и уставните измени, што треба да се случат најдоцна до петок неделава“, рече Кирацоски.

Видете и ова: Пребројување и одбројување до Северна Македонија

​Напладне пред Собранието почна и најавениот протест во организација на здруженијата „Tврдокорни“ и „Македонија блокира“, против уставните измени. Тие го повикаа претседателот на државата Ѓорге Иванов да им се приклучи на протестот пред Собранието, а побараа и нивна делегација да биде примена во парламентот за да разговара со пратениците и да ги убеди да не гласаат за уставните измени, со кои се менува името на државата.

За прогласување на амандманите е потребно двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат 80 од вкупно 120 пратеници во Законодавниот дом. По прогласувањето на амандманите пратениците треба да го изгласаат и уставниот закон за нивно спроведување.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува на собраниската седница за уставните амандмани, па се предвидува дека таа би можела да заврши до петок.