Ако си вљубеник во книгите и ја сакаш работата што ја работиш, може да се заработи и од продавање на стари книги, вели 64 годишниот Благоја Ивановски, кој секој ден е пред својата тезга со книги на плоштадот Македонија. Откако пред 25 години фирмата во која работел отишла под стечај, Ивановски останува технолошки вишок и бара начин да го издржува своето семејство. Дваесет и пет години подоцна вели дека книгите му помогнале и се уште му помагаат да го прехрани своето четиричлено семејство.
„Штом сум овде јас, и останатите не само за оваа работа , за секоја друга, значи интересот е тука. За да се заработи, треба упорност. Јас од ова живеам. Има денови кога не се надеваш, а ќе направиш добар пазар, но има денови и кога си на нула. Покрај толку роба се случува да заработам само 30 денари или 100 денари, а и неколку дена по ред може така да се случи. Е тогаш претураме од шупливо во празно“, раскажува Ивановски.
Видете и ова: Минимални шанси за раст на минималната платаБлагоја е вљубеник во книгите. Секоја книга е заштитена со фолија со цел да биде заштитена од надворешните влијанија. Изборот е голем и разновиден. Вели дека со текот на годините станува се потешко да се издржи на скопските горештини или зимски студови, но дека нема друг избор.
„Јас имам син и ќерка повеќе од триесет години, немажени, неженети. Затоа доаѓам секој ден, работам и за нив. Пензијата служи само за да ги платам сметките, да не зборувам за облека, санација на куќа, одмор и слично. Дваесет и пет години откако го работам ова немам излезено од Скопје. Не сум бил на одмор, отсутен сум бил само кога сум бил болен. Се се сведува на работа, дома, дома работа“, раскажува Ивановски.
Сепак оптимизмот не го напушта. Ивановски вели дека е среќен што заработува чесно, во амбиент во кој според него, богатството најчесто се стекнува на нечесен начин. Вели дека книгите му се најдобрите пријатели кои секогаш кога сака да побегне од реалноста, се тука за него.
Судбината на Ивановски ја делат уште неколкумина продавачи на стари книги, кои ги има и покрај кејот на реката Вардар. Тие се тука секој ден и не потсетуваат дека кога се има волја и желба за работа, не постои пречка во остварувањето на целта. Па дури и тогаш кога целта е да се преживее месецот со минимални средства.