Достапни линкови

Доволни ли се парите за среќа?


Од што зависи личната среќа? Има ли параметри по кои може да се измери и важат ли истите параметри за сите луѓе на светот без разлика каде живеат? Каде се Македонците според светските испитувања на јавното мислење, што ги прави нив среќни и дали тоа чувство им зависи од парите и економската сигурност?

Што ве прави среќни? Навидум едноставното прашање ги подзамислува луѓето. Откако веднаш и без исклучок ќе одговорат со здравјето и семејството, потоа им текнува и на други работи што им недостигаат за да бидат среќни.

„Не е само семејството. И околината и комшилукот и маалото и градот и државата и сè. Сè е поврзано“, вели Васил Јотевски.

Самата ситуација, самата беспарица те прави нормално несреќен. Од аспект на тоа што го очекувам од државата посигурна работа секако дека би ми создала некаква поголема среќа“, вели Даниела Ивановска.

Среќен бев кога работевме во бивша Југославија, секој си имаше работа, си имаше среќа, се градеше, се правеше, по 1000 марки во џеб имавме. Сега никој ништо нема. Со фирмата во која работев 28 години сме во стечај“, вели Драган Богдановски.

Овие граѓани зборуваат за личната перцепција на среќата. Попрецизно, пак, за тоа каде е Македонија може да се види од извештајот за среќата на граѓаните во 156 земји што месецов го објавија Обединетите нации. Земјава се наоѓа на 89 место, а споредено со другите од регионов посреќни се граѓаните на Словенија, Косово, Србија, Грција, Црна Гора , Хрватска, а зад нас се Босна и Херцеговина, Бугарија и Албанија.

Граѓаните што ги прашавме зборуваа и за беспарицата, нешто што придонесува за намалување на нивната лична среќа. Но, некои од земјите од Балканов што се зад нас, како на пример Бугарија се во подобра економска ситуација, имаат помала невработеност, а вработените пак имаат повисоки просечни плати.

Психологот Мирјана Јовановска - Стојановска на прашањето што е среќата, пак, вели дека веднаш на памет и дошла пирамидата на потребите на познатиот американски психолог Абрахам Маслов во која спаѓаат задоволување на основните потреби, потребата за сигурност, за припадност и љубов, за самопотврда и за самоактуализација. Дел од овие работи наведени во пирамидата македонските граѓани не може да ги остварат поради економската состојба додава таа.

Нејзиниот впечаток е дека избегнувањето да се зборува за материјалните добра, како што вели, е малку изнасилено. Луѓето што во денешно време живеат во градовите не произведуваат речиси ништо и се мора да купат, а за тоа се потребни пари, Јовановска - Стојановска.

„Голем дел од денот и од животот го трошиме на заработување на тие пари, значи не можат да се прескокнат парите оти се битен фактор во нашите животи и во градењето на нашата среќа и во задоволството од живеењето. Значи не можеме да кажеме парите не се битни за среќата, оти за некој вид на среќа, за некоја благосостојба наша, за доброто здравје кое секаде во светот и кај нас чини пари“, вели Јовановска - Стојановска.

Во годинешниот извештај на светската организација има и некои позитивни промени за Македонија. Во ранг листата на земји според индексот на среќата мерен во периодот од 2008 до 2010 година и од 2015 до 2017 година, на кој се наоѓаат 141 земја за кои постојат податоци Македонија се наоѓа меѓу првите во кои во тој период има пораст на таквото чувство кај граѓаните.

На таа листа се Того, потоа Летонија, Бугарија, Сиреа Леоне, Србија и Македонија. Кај нас, како што се наведува индексот на среќата во тој период се зголемил за 0,880 поени. Најголеми губитници на среќата пак се Венецуела, Малави, Сирија, Јемен, Украина, Туркменистан, Боцвана, Мадагаскар, Албанија и Руанда.

Среќата со пари (не) се купува
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:18 0:00

Дали среќата се купува со пари?

И покрај понекогаш грубата клима и мрачните зими, Финска, според истражувањето објавено деновиве од мрежата агенции на Обединетите нации за одржлив развој, е најсреќната земја во светот. Во извештајот се оценети 156 земји според нивото на среќа, базирано врз неколку фактори како на пример, очекуваниот животен век, социјалната заштита и корупцијата. ​

Гоце Атанасов

Финска годинава е на врвот на најсреќните земји во светот.

Одлична работа е да се живее во најсреќната земја, иако врне снег и ние шетаме на овој влажен снег. Да, имаме многу работи кои не прават среќни“, вели Инари Леписто, жителка на Хелсинки.

На исто мислење и Софија Холм:

„Па, нашата политика и нашата економија. Мислам дека ги имаме основните работи во Финска, што е одлична основа зошто успеваме толку добро тука. Значи, да, имаме совршени околности да имаме среќен живот тука во Финска“.

Но, за неговиот сограѓанин Симо Паакари тоа некако е неверојатно:

„Тоа звучи чудно. Дали ние Финците навистина сме среќни?“

Сепак, кога Финците беа запрашани што мислат за нивната земја тие на највисоко место ги рангираа: безбедноста, системот на детска грижа, бесплатната здравствена заштита и добрите училишта. Финска лани беше на петтото место, но успеа да ја собори од тронот Норвешка. Како и да е, на првите 10 места доминираат нордиските земји, кои не се посебно етнички разновиднни: тука се уште Данска, Шведска и Исланд. Десеторката ја комплетираат Швајцарија, Холандија, Канада, Нов Зеланд и Австралија.

Шефот на мрежата која го подготви ивештајот, професор Џефри Сакс објаснува:

„Нордиските земји го држат водството, го задржуваат водството, бидејќи нивните земји работат. Луѓето имаат доверба во владата, системите за социјална поддршка кои се под стрес во други места се држат силно во Скандинавија. Соединетите држави постојано паѓаат, од 14то рангирани лани до 18-ти оваа година. И имам една студија која покажува некои негативните трендови во САД, но нордиските земји се задржуваат во првите редови“.

Можеби затоа учителката американската Бријана Овенс која живее во Финска вели:

„Се шегував со другите Американци дека го живееме американскиот сон тука во Финска. Мислам дека сè во ова општество е поставено за луѓето да бидат успешни, почнувајќи од универзитетот и транспортот, кои навистина функционираат добро“.

Во извештајот резултатите се базираат врз шест клучни фактори кои се поддршка на благосостојбата: приходите, здравиот животен век, социјалната заштита, слободата, довербата и великодушноста.

Граѓаните на Финска плаќаат и едни од највисоките даноци кон државата, но како што вели и професорот Сакс, жителите на нордиските земји имаат доверба во владата и во системите за социјална поддршка. Кај нас таквата доверба недостига па иако Македонија не предничи ниту во висината на придонесите, ниту во висината на даноците и другите давачки, граѓаните немаат впечаток дека добиваат многу за возврат.

Економскиот консултант Фатмир Битиќи вели дека македонските граѓани за возврат на тоа што го даваат кон државата не добиваат речиси ништо како јавно добро. Во таков случај додава тој не може да се очекува луѓето да бидат среќни со она што го добиваат за возврат од државата. Компарирајќи го случајот со Финска тој вели дека тие имаат високи давачки, но добиваат и многу како граѓани.

„Еве еден пример. Финска имаат најдобар образовен систем во светот, па тие всушност велат, да ние даваме, но парите ни се враќаат во идните генерации. Спротивното од ова е Македонија - ние малтене се наоѓаме на последното место на ПИЗА според резултатите од нашето образование“, вели Битиќи.

Во кои земји од светот живеат најнесреќните граѓани

Според истражувањето на јавното мислење десеторката што ги чини најнесреќни во светот се Бурунди, Централно Африканската Република, Јужен Судан, Танзанија, Јемен, Руанда, Сирија, Либерија, Хаити и Малави, повеќето од нив африкански држави чии граѓани имаат низок животен стандард. Но, од друга страна, пак, шесте варијабли што се земени во истражувањето кои ги вклучуваат и очекувањата за здрав животен век, социјалната заштита, слободата, довербата и великодушноста ги позиционираат не толку богатите земји од Латинска Америка во горниот дел на табелата на среќата. Костарика се наоѓа на 13 место, Мексико на 24, Чиле на 25, Панама на 27 место, а во тој дел од листата се и Бразил, Аргентина, Гватемала и Парагвај. Според истражувачите што го подготвувале извештајот на Обединетите нации, среќата во овој дел од светот ја сочинуваат цврстите семејни и друг вид на блиски односи меѓу луѓето. Испитувањето на јавното мислење во сите земји го спроведе Галуп интернационал на мајчиниот јазик на испитаниците.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG