Пред вториот круг гласаа немоќни, болни и затвореници

Илустрација, локални избори 2021

Без поголеми проблеми и пропусти помина гласањето во предвременото гласање од вториот изборен круг на локалните избори. Полицијата привела две лица за изборен поткуп во скопската населба Даме Груев.

Болните и немоќни лица, притворениците, затворениците, луѓето кои се во самоизолација и внатрешно раселените лица денеска имаа право да гласаат предвреме во вториот круг од локалните избори во земјава. Според податоците на Државната изборна комисија, станува збор за 7645 луѓе.

Од нив 5 588 граѓани се болни, немоќни или во куќен притвор, 1 409 се затвореници од 14 казнено поправни установи низ државата и 376 луѓе кои се во домашна изолација поради коронавирусот, за кои процесот на гласање го спроведуваат посебни медицински тимови и лица номинирани од политичките партии.

Во тек на предизборниот молк полицијата и Јавното обвинителство известуваат за помали инциденти со изборен поткуп. Дел од медиумите објавија и видео снимки од, како што тврдат медиумите, изборниот поткуп на жители од скопската општина Даме Груев. На снимките се гледа како група на луѓе во приватен двор од куќа, носат лични карти од кои им прават копии.

МВР- Приведени две лица за изборен поткуп во предизборен молк

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека полицајци од СВР Скопје привеле две лица од Скопје кои во скопската населба Даме Груев давале пари во замена за глас на локалните избори односно вршеле кривично дело по „поткуп при избори и гласање“.

„На лицата на кои им давале пари за глас им земале копии од лични карти, а при приведувањето кај нив се најдени пари и други предмети“ се вели во соопштението на МВР.

Со поткуп од 1000 денари, кандидат за советник, барал лице со избирачко право во Македонска Каменица да гласа за определена политичка партија.

Основното јавно обвинителство Делчево, денеска извести дека постапува по примено известување дека вчера, во штаб на политичка партија во Македонска Каменица, кандитат за советник дал 1000 денари на лице со избирачко право за да гласа за определена политичка партија.

Видете и ова: ДИК уверува дека проблемите со гласањето се надминати

Државната изборна комисија, од друга страна, пак, на прес конференцијата претпладнето посочи дека изборниот процес денеска минал без поголеми проблеми и пропусти.
Портпаролката на ДИК Љупка Гугуческа на прес конференцијата уверуваше дека не се очекуваат потешкотии на утрешното гласање во 44 општини во вториот изборен круг за локалните избори.

„Очекуваме да бидат надминати проблемите, општинските комисии имаат добиени и дополнителни насоки за постапување кои ќе им ја олесната работата. Потоа на располагање имаме над 400 лица за техничка поддршка на избирачките одбори на лице место кои ќе можат да излезат и да им помогнат со решавање на потешкотиите. Овој пат има гласање на помал број на гласачи места, така што присутност на терен ќе биде поголема од овие технички лица“ изјави Гугуческа.

Гугучевска информираше дека со цел надминување на проблемите што се појавија со ракувањето со терминалите за биометриска идентификација на гласачите одржан е уште еден циклус на едукација со претседателите и замениците претседатели на избирачките одбори. Таа повтори дел од препораките на ДИК усвоени на вчерашната седница за намалување на гужвите на избирачките места имајќи го в предвид искуството од првиот круг од гласањето.

За две општини ќе треба повторно да се распишат избори

Во општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа не се спроведува гласање, затоа што во првиот изборен круг не беше постигната минималната потребна излезност на гласачи, па за нив ќе се распишуваат повторно избори.

Право на глас на вториот круг на овие локални избори, во кои се запишани и двете избирачки места на кои се повторува гласањето од првиот круг во Дебар и во Шуто Оризари, се запишани се 1 353 990 гласачи.

Видете и ова: Ескобар - Вашингтон работи со Скопје и Софија на пронаоѓање решение



Хелсиншки комитет-Граѓаните утре ќе можат да пријавуваат повреда на избирачкото право

Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска соопштија дека во текот на утрешниот ден канцеларијата на Комитетот ќе биде отворена во текот на целиот ден, со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на вториот круг од локалните избори.

„Сите пријави до Комитетот ќе бидат дополнително истражени со цел да се верификува нивната веродостојност. Тајноста и неповредливоста на личните податоци се загарантирани од страна на Хелсиншкиот комитет и тие нема да бидат објавени без претходна дозвола од страна на граѓаните што ја пријавиле повредата, се посочува во соопштението од Хелсиншкиот комитет, се вели во нивното сооопштение.

Државната изборна комисија за набљудување на вториот круг од Локалните избори акредитираше 1598 набљудувачи, од кои 1220 домашни и 368 странски, како и 10 странски новинари.