Поповски – Администрацијата не ја следи владината заложба за транспарентност

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Поповски: Кој и колку испорачува од советниците знае премиерот

Се случило многу често администрацијата да не е подготвена да ги презентира фактите и аргументите на начин на којшто ние тоа го очекуваме. И тука дефинитивно многу треба да се поработи, затоа што ако не функционира остатокот од системот, вие не можете да говорите дека сме ја постигнале онаа транспарентност којашто им ја ветивме на граѓаните, вели министерот без ресор задолжен за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Поповски, во јавноста добивате оценки дека е зголемена транспарентноста и отчетноста во однос на вашите претходници. Преку алатката за отчетност на трошоците дознавме дека има министри кои месечно по ресторани потрошиле по 6000 или 7000 евра за разлика од други кои потрошиле по неколку стотина евра. Зошто изостанува одговорност за ваквите разлики во трошоците?

Оние кои имаат обврска да патуваат, да пречекуваат делегации, нормално дека имаат поголеми трошоци во вкупната сума. Но погледнете го внимателно наративниот извештај и ќе видите дека никаде нема злоупотреба кај никого. Се штеди максимално, се троши внимателно, она што мора да се направи. Се спие во објекти кои се рангирани просечно или малку натпросечно. Сите се внимателни и токму тоа беше поентата на алатката. Ова е една само контрола од наша страна, не само на првите функционери во државата, туку и на директорите на јавните претпријатија, задолживме многу функционери и дава извонредни резултати.

Шампионот во трошење е министерот Садула Дураки. Кога по слободен пристап до информации побаравме до нас да ни ги достават фискалните сметки, одговорот беше дека немаат доволно човечки ресурси. Колку ова е во сооднос со заложбите на Владата за транспарентност?

Што се однесува до начинот на којшто функционираат институциите, тука дефинитивно треба да има многу поголемо подобрување, бидејќи отвореноста и транспарентноста на Владата и тој концепт подразбира не само првите луѓе и носителите на јавни функции или министрите и сите они задолжени функционери да бидат отворени, туку и институциите. Се случило многу често администрацијата да не е подготвена да ги презентира фактите и аргументите на начин на којшто ние тоа го очекуваме. И тука дефинитивно многу треба да се поработи, затоа што ако не функционира остатокот од системот вие не можете да говорите дека сме ја постигнале онаа транспарентност којашто им ја ветивме на граѓаните. Во многу сегменти мора да ги поправиме работите за да биде таа отвореност до крај, целосна. Меѓутоа коректно е владата којашто себе си се смета и се промовира за максимално транспарентна да најде начин како директно да комуницира. Редовно секој функционер мора да комуницира со граѓаните, со медиумите, со новинарите, на тој начин ќе се избегнат сите вакви шпекулации, проблеми или впечаток дека нешто недоволно се презентира во јавноста.

Безбедносните мерки, како дел од акцискиот план против лажни вести што го најавивте, меѓу другото предвидуваат и безбедно користење на интернет, службена електронска пошта, службен телефон за сите државни службеници. Дали тоа значи оти досега немало такви мерки?

Па вие кажете ми, сте виделе ли досега такви мерки? Оваа влада има некакви безбедносни протоколи, меѓутоа тие треба да бидат многу подобри и да претрпат сериозни корекции. Претходните влади на Груевски немаа никаква комуникација, со кого тие комуницираа, какви протоколи. Бункери се направени од неговиот поранешен кабинет и од просторот на владата. Влезете, погледнете и видете! Блиндирани стакла, ходници, е тоа можеби го сметале за безбедносен протокол. Можеби и некој нуклеарен напад мислеле дека ќе им се случи. Со пари на граѓаните потрошени.

Дали по пропустот во случајот со руските пранкери и премиерот Зоран Заев е утврдена одговорност во надлежните служби?

Прво е подобрена целосно таа безбедносна комуникација. Меѓутоа, вие многу добро го знаете Зоран Заев, колку е тој отворен човек, колку комуницира со сите и не само тој, туку и сите ние. Немојте да барате од нас да престанеме да комуницираме, зашто некои едвај чекаат да речат - Аха, заради тоа што се случи мора да сме побезбедни, е сега веќе не се јавувам никому, не комуницирам итн. Мора да сме внимателни, се случува, што значи дека таа опасност ќе постои и тука мора да ги зголемиме безбедноста и сигурноста и да сме повнимателни сите ние. Меѓутоа од друга страна тоа не смее да значи да ја намалиме комуникацијата со граѓаните, да се затвориме и да се изолираме од нив

Целото интервју со министерот Роберт Поповски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.