Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки потрошил најмногу пари по ресторани во 2018 година, но министерството нема средства за кадар за да одговори на барањата за пристап до информации од јавен карактер. Дураки за 11 месеци потрошил 472 996 денари или околу 7500 евра, според алатката за отчетност на трошоците на носителите на јавни функции на Владата.
Во просек министерот за услуги во земјата преку надворешни угостителски објекти на месечно ниво, како што е наведено во алатката, издвоил по речиси 700 евра. Најмногу пари, доколку се погледнат трошоците по месец, биле потрошени во март, минатата година кога сметките по ресторани достигнале нешто над 1500 евра или повеќе од три просечни плати во земјата
До Министерството за животна средина и просторно планирање испративме барање за слободен пристап до информации да ни одговорат подетално за трошоците на Дураки. Но, не известија дека не се во можност да ни одговорат на барањето.
„Министерството за животна средина и просторно планирање не е во можност во целост да ви ги достави бараните документи од причина што: за пронаоѓање, селекција, фотокопирање, скенирање на бараните документи потребни се човечки ресурси и финансиски средства, а поради недостаток на кадар, министерството не е во можност во овој момент да алоцира дополнителни човечки ресурси за да ги обезбедат соодветните документи“, се наведува во одговорот на министерството.
Притоа се повикаат на алатката за отчетност на Владата, каде како што наведуваат може да се разгледаат и споредуваат трошоците на носителите на јавни функции. Но, освен трошоци по секој месец одделно, алатката не нуди дополнителни информации.
Владата неодамна се пофали дека отвореноста и транспарентноста даваат резултати, бидејќи земјата забележала скок од 14 места на листата на медиумски слободи на Репортери без граници.
„По стагнацијата и падот на медиумските слободи во годините пред 2017, овој напредок е сигурен показател дека преземените мерки и активности во делот на концептот за отворена влада, преку подобрување на степенот на транспарентноста и преку демократизацијата на медиумскиот амбиент, ги дава неопходните резултати“, се посочува во соопштението на Владата.
Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски по промовирањето на алатката, најави дека покрај сите трошоци на увид ќе бидат доставени и сметките, како и фактурите од парите потрошени по ресторани.
Професор Темелко Ристески чија стручна област е јавната и државна администрација, вели дека барањата за слободен пристап до информации, особено од новинарите се во функција на општествената контрола на работењето на власта. Според него, и покрај немањето кадар, институцијата мора да ги обезбеди бараните информации.
„Информацијата на вас мора да ви се даде. Не смее да се одолговлекува со тоа под изговор немаме кадар и не ви даваме информација“, смета Ристовски.
Според алатката по Дураки, следи вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој потрошил речиси 6500 евра, а на третото место, со издвоени околу 6000 евра по ресторани е министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Вкупно овие тројца министри заедно потрошиле околу 20 илјади евра. Доколку се соберат пријавените суми на останатите министри во Владата се доаѓа до бројката од 26 и пол илјади евра. Тоа значи дека Дураки, Османи и Манчевски потрошиле речиси идентична сума по кафеани колку сите останати министри во 2018 година.
Од Министерството за администрација и информатичко општество соопштија дека 96 проценти од сумата која е забележана во алатката се однесува на сметки направени на месечно ниво во бифето во Министерството. Според фактурите кои ни ги достави Министерството, Манчевски за 11 месеци по ресторани потрошил 10.310 денари.
„Како што се гледа на фактурите во прилог, во сумата од 6015 евра се вклучени сите кафиња и води кои ги потпишува министерот Манчевски, а се во рамки на работни состаноци во текот на работниот ден. Дел од тие состаноци се водени од министерот, а дел се состаноци, средби, координации на вработените во кабинетот на министерот Манчевски“, наведуваат во дописот до РСЕ.
Од Министерството наведуваат дека станува збор за техничка грешка при испраќање на податоците во Влада, бидејќи одделението за финансии ги интегрирало сите сметки од бифе како да се сметки на министерот Манчевски.
Најмалку од државните пари по 50 евра издвоиле министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска и министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Најдолу на листата се и министерката за правда Рената Дескоска со 120 евра и нејзините колеги од транспорт и врски и од труд и социјала Горан Сугарески и Мила Царовска со потрошени одделно по околу 150 евра.
Фактот што има големи разлики сумите покажува дека постои и разлика во поглед на одговорност на владините функционери во трошењето на државните пари, што според Ристовски, не е добро.
„Треба да се води сметка дека тоа се наши пари, пари на граѓаните на земјата. Треба да се развива чувство дека тоа е туѓо и припаѓа на заедницата. Она што припаѓа на заедницата, она што е туѓо и ако не смеам да го трошам или ако веќе морам да го трошам со големо внимание. А, не да се потрошат толку пари, седум илјади и кусур ева, тоа е голема сума на пари на јадење и на пиење по кафани.
Ниту денар пак по кафеани не пријавиле тројца министри. Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, како и Министер без ресор задолжен за странски инвестиции, Бардул Даути и министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, Музафер Бајрам.
Дураки е шампион меѓу министрите во трошењето по ресторани и во 2017 година. Таа година министерот за 7 месеци, од јуни до јануари потрошил околу 9500 евра. Повторно меѓу првите тројца е и неговиот колега Османи, кој исто така за разлика од лани во 2017 година пријавил поголема сума која изнесувала речиси 8000 евра.