Дискусија со медиумите за утврдување на модел за продукција на медиумски содржини на тема борба со дезинформациите предвидува Владата во најавениот предлог акциски план. На каков начин ќе се пласираат тие содржини и дали за нив Владата ќе издвојува пари се уште не е познато, а тоа според министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски зависи од консултациите за акцискиот план со сите засегнати страни кои почнуваат месецов. Во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе се емитува в недела тој вели дека не се работи за владини реклами.
„Владата никогаш нема да троши пари за владино рекламирање во медиумите. Меѓутоа постојат форми и начини како да направиме концепт и стратегија. Има многу фондови кои може да дојдат однадвор и да ги поддржат тие кампањи. Тоа не се кампањи ни приближно, никаква допирна точка немаат со оние таканаречени кампањи на владите на Груевски кои беа всушност корупција на медиумите. Директно трошење пари за контрола на медиумите“, вели Поповски.
Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски вели дека се уште чекаат на јавните консултации во Владата кои биле најавени дека ќе започнат при крајот на август. Но, според него, ЗНМ е против издвојување на владини средства за такви цели.
„Ставот на ЗНМ за јавни пари во медиумите е познат. Јавните пари може да бидат злоупотребени или искористени за пропаганда надвор од јавен интерес или за купување на наклонетоста на медиумите. Сепак ги чекаме консултациите во кои имаме интерес да учествуваме со цел да видиме кои се аргументите на другата страна“, посочува Секуловски.
Поповски порачува дека ќе бараат од медиумите, доколку се осмисли некоја кампања таа да биде емитувана без надоместок, бидејќи е од јавен интерес. Но, тој не ја исклучува можноста за издвојување на средства за социјалните мрежи.
„Доколку се потрошат и некакви средства. Говорам во делот на онаму каде што е дозволено, на социјалните мрежи, многу јасно и јавно ќе биде објавено како што точно беше објавена сумата што Владата ја потроши за таканаречената медиумска кампања за референдумот“, додава тој.
Владата ќе поддржува и едукативни програми и тренинзи за медиумските работници со цел, како што се наведува во акцискиот план, нивно професионално сензибилизирање во борбата со дезинформациите.