Скопјанката Ива e во врска 11 години, од кои 9 живее со својот партнер. Од пред една година тие се и родители, но не се во брак. На почетокот причина да не стават официјален потпис билo тоа што сакале прво подобро да се запознаат, а потоа финансиската нестабилност. Таман решиле да прават свадба се случува пандемија, а потоа и семејна трагедија, па идејата за официјален брак ја ставиле на пауза. Во меѓувреме, се смениле и приоритетите.
„Сфативме дека ако вака чекаме ќе поминат доста години и ќе биде потешко да се направи дете, па одлучивме прво да направиме дете. Слушавме туѓи мислења за како тоа ние планираме да имаме вонбрачно дете и тоа ми правеше притисок. Но, решив дека нема да слушам други луѓе и да ми биде тешко, туку дека ќе си терам како што сакам. Ни зборуваа дека ќе имаме правни проблеми, но единствениот „проблем“ досега беше што кога се пријавуваше детето мораше да одиме двајцата, а ако сме биле во брак ќе можел само таткото да оди“, вели Ива.
Смета дека со партнерот живеат во поголема хармонија и љубов од некои други парови кои се заедно на хартија и дека круната на љубовта е детето, а не документот од матично.
Нивното дете влегува во статистиката на вонбрачни деца. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во 2022 во земјава имало 2298 вонбрачни живородени деца.
Намален е бројот венчани и разведени
Државата не може да има увид во бројот на неформалните партнерски заедници како онаа на Ива, но води официјална статистика за бројот на бракови. Таа покажува дека минатата година, се склучиле помалку бракови отколку во 2021-ва.
Според податоците од Државниот завод за статистика минатата година 12882 парови кажале „да“ пред матичар, што е за 3,4 % помалку во споредба со 2021-ва. И бројот на разводи во 2022 година бележи намалување. Во 2022-ра година се развеле 1613 парови или 17.9 % помалку во споредба со претходната година.
„Не сме рекле никогаш дефинитивно - не, не сме откажале од свадба, само сакаме да направиме уште деца, па можеби понатаму сите заедно да го направиме тоа, можеби и некаде во странство“, заклучи 35-годишната скопјанка.
Таа не е единствена која размислува за странство како опција која ветува подобар живот. И ланското глобално истражување на Галуп Интернешнл на тема миграција, покажа дека 42 % од Македонците би живееле во друга земја ако ги имаат сите потребни документи.
Зошто се намалени бројките на бракови и разводи?
Податоците на ДЗС се во контекст на општите демографски состојби во Република Северна Македонија - висока емиграција на младо, работоспособно население за кое животните настани, како создавање семејство, се случуваат на друго место, како и стареење на населението, вели , Марија Димитрова, од Фондот за население на Обединетите нации - УНФПА.
Таа потсетува дека според податоците од пописот во 2021-ва година, населението во земјава се намалило за речиси 10% во периодот од две децении, од 2 на 1,8 милиони.
„Ова може да е резултат на многу фактори, од кои емиграцијата е еден од најважните. Просечната возраст на населението е во постојан пораст, од 34,3 на 40,1 години во период од две децении, а врз стареењето на населението има улога и емиграцијата кај младите“, вели аналитичарката на програма за население и развој, Димитровска.
Посочува и дека актуелните светски демографски трендови покажуваат забавен раст, продолжен животен век, менување на структурата на населението поради неговото движење, додека светското население забрзано старее.
„Денес има 17 земји кои имаат помало население отколку во 1990 година, а сите овие 17 земји се наоѓаат во Источна Европа. Ова е резултат на продолжениот животен век, ниската стапка на фертилитет и иселувањето кое е особено изразено во Источна Европа“, додава аналитичарката.
Видете и ова: Има работа и поголеми плати, но младите и натаму заминуваатДимитровска истакнува дека УНФПА, преку програмите за демографска отпорност, заедно со националните партнери изнаоѓаат начини државите да напредуваат во светот на брзи демографски промени и клучно е да се влијае на отстранување на причините кои влијаат на чувството на несигурност за иднината.