Македонското општество го има зафатено невидена летаргија која со Ковид 19 пандемијата, енергетската криза, војната во Украина, проблемите со Бугарија, состојбата со образованието, корупција и др. од државата направија место неподносливо за живот ако судиме според бранот на иселување. Истовремено, одредени параметри покажуваат позитивни трендови кои имаат одреден ефект врз сета негативност. Дали проблемот е само во политичарите, во една или друга власт, во системот или пак можеби постои сосема четврта причина?
Според брифовите за политики на Младински Сојуз – Крушево и Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) на иселување на младите влијаат повеќе фактори на страна од работното место и примањата. И прво на ум што ми паѓа се актуелните процеси на замрзнување на цени на основните производи, реакциите на производителите кои се таргетираат со мерката и граѓаните кои покажуваат незадоволство и покрај намалените цени. Дали ваквата атмосфера која денес е диригирана од замрзнувањето на цени, а утре ќе биде нешто друго, е дополнителна причина младите да сакаат што поскоро и барем на неколку месеци да заминат надвор?
Средината во која живееме и околностите во кои и ние како граѓани имаме влијание се и наша, граѓанска одговорност. Врз нашиот став влијаат многу околности, како ситуацијата на работното место, семејна атмосфера, лични позитивни и негативни настани и други фактори ја создаваат таа атмосфера која ги турка младите подалеку од Македонија. Самите документи кои ги наведов погоре потенцираат дека состојбата со здравството, заштитата на животната средина и борбата со корупција се фактори кои само го ојачуваат чувството на неприпадност во својот дом и поттикнуваат желба за миграција.
Зошто и ние имаме одговорност, напишав погоре. Затоа што пандемијата, енергетската криза и влијанието од војната во Украина го извадоа најлошото од нас. Цени се зголемуваа и не се покажува солидарност, многу производители и претприемачи, со исклучоци во голем број, го искористија моментот да го максимизираат профитот и да искористат што граѓаните немаат многу избор, а денес не се прифаќа замрзнувањето на цени.
Драги сограѓани, и тоа влијае на оваа негативна атмосфера и тука се бара одговорност затоа што не се постапило солидарно, ами се злоупотребувала ситуацијата.
Кризите покажаа една негативна страна од нас и тоа влијае на севкупната ситуација. Да не бегаме од одговорност. Најголемата вина секогаш ќе биде кај власта и кај партиите, но редно време е да се запрашаме дали со нашето однесување придонесуваме за ситуацијата таква каква што е. Време е за одговорност и малку солидарност затоа што на крајот ќе испадне дека политичарите се слика на нас.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.