Достапни линкови

Бавна правда за жените што останаа без органи


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Жени страдаат од грешки во здравството, а правдата е бавна во случаите кога при „рутински“ операции остануваат и без неколку органи. Невладините алармираат за одолговлекувањето на случаите, но жените кои излегоа во јавност со своите случаи веруваат дека ќе добијат правда.

На жена од Тетово и ги отстраниле двете гради, а потоа се утврдило дека и била поставена погрешна дијагноза и нема рак. Родилка од Дебар отишла на лекар за да се породи и „заврши“ со неколку извадени органи. Пациентка од Прилеп починала во болница по рутинска гинеколошка интервенција. Ова се само неколку случаи изминатиот период кои ја вознемирија јавноста, го отворија прашањето за здравствената заштита на жените кои беа приморани јавно да зборуваат за своите загуби во надеж дека ќе ги натераат институциите да си ја работат својата работа - и да утврдат што се случило.

Меѓу овие жени е и Дона Неделковска, која за малку ќе го загубела животот по царскиот рез направен во Тетовската болница. Раскажува дека пет дена била држена со сепса додека докторката што ја породила ја уверувала дека се е во ред. Неделковска е стоматолог, и знаела дека има проблем. На нејзино инсистирање била префрлена во Скопје, каде итно и била направена операција што и го спасила животот, ама морало да и биде отстранета матката.

„Шансите да се преживее тоа, некроза, внатрешно крварење, сепса, се минимални. Затоа и кога ме примија докторите во Скопје не беше чист случај – еве сега ќе ја оперираме и ќе биде добро, туку им беше кажано на моите родители дека ќе ме оперираат, а што ќе се случи после, останува на Господ“, раскажува таа.

Револтирана од тоа што и се случило, решила да поведе постапка, ама за тоа и бил потребен извештајот од стручен инспекциски надзор од здравствениот инспекторат. Го чека скоро две години, и уште нема информација кога ќе добие.

„Не планирам да се откажам. Едноставно, тоа што го поминав, не смее да помине неказнето“, децидна е Неделковска.

Бавна правда

Ваквите постапки се долги и мачни, потврдуваат и граѓанските организации кои им даваат правна помош на пациентите кои имаат вакви проблеми. Случајот на Неделковска го водат од Здружението на млади правници. За повеќе вакви случаи реагираа од Платформата за родова еднаквост, каде членува и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Карева: Предметите заглавуваат во Лекарската комора
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:22 0:00
Директен линк

„Вакви работи секогаш имало, охрабрени се жените повеќе да зборуваат, но поразително е што во 21 век ни се случуваат вакви случаи и во ваков голем број. Ова се случаи кои што јавно ги знаеме, а има уште многу што воопшто не ги знаеме“, децидна е Тона Карева, правна советничка во Хелсиншки.

Одолговлекувањето на постапките во Обвинителството смета дека е огромен проблем, но прстот го вперува и во здравствените институции. Појаснува вештачења во вакви случаи треба да направат стручни лица, па обвинителството се обраќа до Лекарската комора или до судска медицина, од каде долго време се чекаат одговори.

„Токму затоа сите институции мора да имаат предвид за какво кривично дело станува збор, за да може истражната постапка да биде затворена побрзо и да се донесе јавно обвинителска одлука - дали ќе се поднесе обвиниение или ќе се отфрли кривичната пријава“, појаснува Каревска.

Случаите што ја вознемирија јавноста

Па така, Обвинителството молчи веќе пет години за ампутација на гради кај жена поради погрешна дијагноза за канцер. Ова е последниот случај кој ја шокираше јавноста, а со кој добро се запознаени во Хелсиншки. 56-годишната пациентка од Тетово тврди дека лекарите и сугерирале итна операција бидејќи се сомневале дека има рак, за потоа да добие резултат дека имала само мастит. Во изјава за медиуми, таа вели дека чувствува гнев и лутина, затоа што верувала во системот и дека Обвинителството ќе си ја заврши работа. Но, бидејќи пет години немало никакво поместување, а предметот се чувал во фиока решила да ја обелодени голготата низ која поминала.

Неодамна пак, прилепското обвинителство отвори предмет за 52 годишна пациентка , која починала по рутинска гинеколошка операција, киретажа. По киретажата пациентката била пратена на домашно лекување за веќе следниот ден да се врати со сериозно влошена здравствена состојба и симптоми на сепса, по што била пренесена на скопските клиники каде починала. По овој случај операционите сали на прилепската болница беа со денови под клуч. Комисијата за интрахоспитални инфекции во болницата потврди дека била пронајдена бактеријата стафилококус епидермидис. Случајот е сега во рацете на обвинителството.

Судењето за родилката од Дебар, Јилдиз Веаповска, која при породување со царски рез во 2020 година остана без бубрег, матка и јајник веќе неколку пати се одложува. Веапоска остана без три органи по интервенцијата на тим во кој учествуваше тогашниот директор на струшката болница, за кој потоа се утврди дека имал нелегална ординација.

„Колку и да се одложува еден ден ќе дојде крајот, мислам дека правда треба и мора да има за овој случај“, изјави Веапоска по одложувањето на последното судско рочиште.

Еден од ретките случаи кои завршиле во корист на жртвата е оној од 2018 година, кога судот изрече казна затвор од година и половина за гинекологот Николче Дамчевски, затоа што лажел пациентка дека останала бремена, откако претходно спровел биолошки потпомогнато оплодување.

Обвинителството утврди дека иако докторот знаел дека оштетената не е бремена, ѝ правел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо апарат, презентирал лажни ехо снимки на кои се гледа плод, лажна срцева акција на плодот, мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на плодот, па дури и договорил термин за пораѓање. Непосредно пред денот за кога било договорено наводното пораѓање, тој ѝ признал на пациентката дека таа не е воoпшто бремена.

Според правната советничка Карева, сите овие случаи се потврда за тоа дека државата треба да посвети сериозно внимание на сексуалното и репродуктивното здравје. Ова се случува во земја во која со месеци се чекаат термини за прегледи, нема доволно лекари и матични гинеколози, а огромни пари од граѓаните се слеваат во приватниот сектор.

Забележува дека под притисок на јавноста, институциите знаат да бидат побрзи, но е децидна дека „институциите треба да постапуваат и без притисокот“.

Токму затоа Неделковска, која за малку ќе го изгубела животот заради сепса при породувањето, па и била отсранета и матката, сега одлучи да зборува јавно. Нејзиното прво и единствено дете за неколку месеци ќе наполни две години, па сега се адаптира на одењето во градинка. За да биде повеќе време со него, таа одлучи да ја напушти стоматологијата и да и се посвети на фотографијата. Уверена е дека колку и да е бавна, сепак ќе добие правда.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG