Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за насилствата пред Собранието на синоќешниот протест против прифаќањето на „францускиот предлог“. Власта обвинува за неодговорност, а опозицијата дека насилствата се дело на полициски провокатори. Социологот Илија Ацески вели дека со ваква остра поделба меѓу граѓаните „не ни се пишува добро“.
По два дена мирни протести пред владата, на третиот ден имаше гаѓање со јајца и тоалетна хартија, а синоќа ескалираа во судири со полицијата, при што има повредени полицајци и приведени демонстрнати.
Граѓаните протестираат против францускиот предлог за укинување на бугарското вето за македонските интеграции, зашто сметаат дека е штетен за македонските национални интереси, го загрозува идентитетот и ќе придонесе за „бугаризација“ на општеството. Власта го брани предлогот дека е добар и дека ги штити македонскиот јазик и идентитет.
МВР соопшти дека во насилствата пред Собранието има 47 повредени полицајци, 11 со потешки повреди, а двајца од нив сериозно повредени.
Социологот, професор Илија Ацески вели дека со ваквите остри поделби во општеството „не ни се пишува добро“. Влегуваме во драматична фаза, зашто ваквата ескалација им одговара само на радикални структури, вели тој.
„Тоа води во една депресија кај обичниот човек, оној којшто навистина чувствува потреба да изрази некое незадоволство, но кога ќе види насилство, станува многу разочаран. Зборувам за еден обичен граѓанин во Македонија. Може да ги обесхрабри. Најголем дел од луѓето не се за насилство. Тоа ќе доведе до една депресија, до уште поголемо разочарување, што мислам дека им одговара на некои екстремни позиции, екстремни сили во Македонија, што не е добро“, вели Ацески.
Видете и ова: Пендаровски: насилството како метод во политиката нема место во современите демократииМинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека биле приведени 11 лица, а двајца од нив малолетни. Тој рече дека имаат информации дека одредени групи и на вечерашните протести планираат напади со молотови коктели.
Спасовски рече дека не сака да соопштува детали од истрагата за организаторите, но не одговори кои се тие.
„Вие најдобро ги знаете кои се тие што ги организираат и протестите и кои се тие што повикуваат на насилство со разно разни средства во државата, така што тоа е општо познато“, рече Спасовски одговарајќи на новинарски прашања.
Претходно, и премиерот Димитар Ковачевски рече дека имаат информации дека се планираат насилства на протестите.
Пратеникот Дарко Каевски од владејачката СДСМ обвини дека зад насилствата стојат „ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица“.
„Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев, ги водеа насилните протести и кога почна насилството воопшто не се обидоа да ја смират толпата“, обвини Каевски.
Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција пред владата денеска, пак, обвини дека синоќешните насилства се дело „на полициските инсталации на власта кои со предизвикување на инциденти и ескалација, сакаат на брзина да им помине предавството“.
„Ковачевски и СДСМ треба да одговорат на следните прашања: Од каде им се на лицата со фантомки шок-бомби што беа фрлани накај Собранието и под два: Чиј магацин пред месец дена во среде касарна во Охрид беше опљачкан и беа украдени шок бомби“, обвини денеска Ковачки.
Пратеникот Димитар Апасиев од Левица претходно, пак, на Фејсбук напиша дека власта уфрлила 50-тина провокатори од Агенцијата за национална безбедност со качулки „со цел масовно да се апсат граѓани и да се амортизира револтот кај народот“.
Апасиев претходно рече дека протестите треба да се радикализираат.
Левица е партија која има антинато и антизападни чувства.
На вчерашниот протест, и покрај дождот во Скопје, имаше неколку илјади луѓе, многумина и со деца, но кога почнаа насилствата, најголем дел од нив си заминаа. Дел од оние што си отидоа рекоа дека не сакаат да доаѓаат ако не е безбедно.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Протестот почна мирно пред владата, по што групата демонстранти се упати преку мостот Гоце Делчев кон Министерството за надворешни работи. Од Скопското Кале до крстосницата кај Македонската опера и балет, група млади демонстранти со фантомки почнаа да извикуваат антиалбански пароли и да фрлаат со камења и пиротехника кон полицијата и кон објектите на плоштадот Скендербег, но протестната поворка продолжи кон МНР и не беше предизвикан поголем инцидент.
На протестот пред МНР, дел од демонстрантите, некои од нив со маички на политичката партија Левица, го гаѓаа министерството со јајца, тоалетна хартија и пиротехника. Беа искршени стаклата на влезната врата на објектот.
Пред Собранието, обраќање пред насобраните имаше пејачката Ребека Јанковска и претставник на Македонскиот дипломатски синдикат, но групата млади маскирани демонстранти го прекинаа наредниот говорник со извици „Ова не е митинг“, по што беше урната заштитната ограда пред Собранието, а неколку десетици маскирани влегоа во кругот на собраниската зграда, ги откорнуваа бекатон плочките и со нив гаѓаа кон Собранието. Беа искршени прозорците на приземјето, стражарската куќичка, а оштетена е и фасадата на објектот. Двајца маскирани демонстранти фрлија и молотов коктел кон полицијата, која беше распоредена пред влезот на Собранието, по што се повлекоа во Паркот Жена-борец. Најголем дел од насобраните се повлекоа поназад на булеварот.
Полицијата потоа ги потисна демонстрантите од кругот на Собранието и приведе неколкумина демонстранти.
Сличен инцидент имаше и на Шарената револуција на 6 мај 2015 година. Група маскирани млади и малолетни лица почнаа да фрлаат камења кон полицијата и собранието, но група девојки кои протестираа направија жив штит пред полицијата за да спречат насилство. Организаторите тогаш рекоа дека се работи за полициски провокатори.
За вечерва се закажани нови протести под мотото „Ултиматум, не благодарам“ против францускиот предлог. Според најавите демонстрантите ќе се движат по истата рута како и вчера а организаторите ги повикаа граѓаните да се приклучат на мирни протести без, како што велат, „полициски инфилтранти“, а протестот да биде масовен и достоинствен.