Единасетгодишната ќерка на скопјанецот Сашо поминува најмалку три часа дневно со телефонот во рака.
„Имаме контрола на тоа што гледа, но на некои видеа има реклами кои не можеш да исконтролираш кога ќе се појават и не знаеш што ќе предизвикаат кај детeто. Од тоа имаме и најголем страв како родители“, вели Сашо.
За да ја тргнат од мобилниот, вели, минуваат што повеќе време во природа со прошетки и спорт, а оди и на јога. Според таткото, што повеќе дружби со повеќе деца, тоа помалку ќе им текнува на децата дека телефонот постои, a повеќе контакти со други деца значат и поголема свесност дека другите постојат.
Нови дефиниции за пријателство
Поимот пријателство веќе се редефинира, затоа што младите многу време поминуваат онлајн и за оние кои имаат социјална анксиозност, можеби таа опција е поприфатлива, заклучува професорката по развојна психологија, Ана Фрицханд.
„Јасно се гледа дека се случуваат промени во релациите меѓу врсниците, во самото дефинирање - кој ви е пријател, како може да ви биде пријател, кого прифаќате во тој ваш социјален свет кој го живеете онлајн. Не смееме да генерализираме, не го прават тоа сите, но, добар дел од младите така функционираат. И оттука процесите на редефинирање на пријателството и на целата социјална интеракција и процес на социјализација се веќе започнати“, вели Фрицханд.
Видете и ова: Разговори на Скајп или пораки на Месинџер - што граѓаните најмногу прават на интернет?Кој кому робува?
На Филозофскиот факултет во Скопје неодамна се дискутираше за влијанието на социјалните медиуми врз менталното здравје на младите. Модераторката на настанот, професорката и психолог Софија Георгиевска, вели дека социјалните мрежи не само што влијаат врз чувството на осаменост кај младите, туку и во голема мера влијаат врз негативната слика за себе поради споредувањето со другите. А ако нема редовен контакт со другите во живо, очекувано е некој да се чувствува сам и тажен, вели таа.
„Она што се заклучоци од конференцијата е дека младите мошне добро владеат со технологијата, меѓутоа она што треба да го научат е навистина да не бидат тие нејзини робови, туку технологијата треба да ни служи нас како роб, ако се изразам со сленговски јазик“, вели Георгиевска.
Потребата да се биде 'ин' и вклучен го зголемува времето поминато на социјалните медиуми вели професорката. Па така, младите спијат со телефонот до глава за случајно да не пропуштат некаква информација и да не се во тек или да не не одговорат веднаш.
Во просек поминуваат меѓу 4 и 8 часа дневно на социјалните медиуми што е еднакво на една третина од денот, посочува професорката. Иако во онлајн светот има многу корисни информации, во сè треба да се има граница, советува таа. Препорачува и тестирање на самите себе со предизвици како на пример - 'дали ќе успеам да отидам некаде на викенд, а да не го земам со себе два дена телефонот?'
„Да не дозволиме мобилниот телефон или социјалниот медиум да биде оној кој ќе го диктира или диригира мојот начин на живот. Во денешно време за жал многу е поголем стравот кај младите да останат без батерија отколку да останат без својот паричник. Ако се обидеме да направиме паралела, гледаме од што зависиме повеќе. Треба да поставиме една јасна граница за тоа колку време се користи мобилниот телефон“, децидна е професорката од Филозофскиот факултет.
Како да се поттикнат на помалку социјални медиуми, а повеќе социјализација во реалниот живот?
Владата на Јужна Кореја има намера финансиски да им помогне на младите Јужнокорејци кои се отсечени од светот за тие повторно да се вклучат во општеството. Нивното министерството за родова еднаквост и семејни прашања објави дека ќе обезбедува околу 500 долари месечно за осамените и изолирани млади.
Ваква финансиска помош ќе добиваат осамените Јужнокорејци на возраст од 19 до 24 години во чие домаќинство има примања под просечниот национален приход кој таму изнесува околу 4165 долари, за четиричлено домаќинство.
Видете и ова: Живот без филтер: Лоба за токсичноста на социјалните мрежиНа младите не треба само да им се каже, туку и да им се покаже, бидејќи тие учат од пример. Ако велите „немој да јадеш со мобилниот во рака“, додека вие користите телефон за време на семеен ручек, давате лош пример и не може да очекувате свет без социјални медиуми, потсетува психолот Георгиевска.
„Младите тоа не може да го направат сами. И затоа ние потребен еден, би рекла, не триаголник, можеби четириаголник или петтоаголник во кој ќе бидат вклучени и младите и родителите и образовниот систем, меѓународната заедница, секако и владините чинители. Затоа што без сите овие релевантни засегнати страни, не би можеле да кажеме дека ќе имаме една успешна стратегија за унапредување на менталното здравје на младите“, заклучи професорката.
Видете и ова: Генерација Алфа - дигитални махери, но и лесна цел за манипулацииСпоред неа државата треба постојано да промовира здрави навики и активности кои ќе ги мотивираат младите да бидат проактивни, да се вклучуваат во јавниот живот и во активности од млади за млади. Додава дека не треба да имаме само програми кои ќе бидат само „train the trainers“ програми за возрасни, туку дека младите треба да бидат врснички едукатори и амбасадори во местото на живеење, како добар пример со своите успешни приказни.