Николоски - Власта се задолжува, но парите одат во дупка

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Николоски - Убедувањето заврши, сега ја притискаме власта да има избори

Има поскапувања, но има и задолжувања. И тоа е клучниот парадокс на оваа лоша економска политика што ја води власта, а тоа е дека парите одат во дупка, односно граѓаните не ги гледаат парите вели во интервју за РСЕ, Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Тој зборува и за барањето за предвремени парламентарни избори, протестот на 18 јуни, блокадата на Собранието, за преговорите со ЕУ.

Господине Николоски, дали одржувањето на предвремените парламентарни избори зависи од почетокот или одложувањето на преговорите на Северна Македонија со ЕУ?

Видете и ова: „Наместо месо, ќе вариме коски“: страв од нови поскапувања


Апсолутнo мислам дека не зависат предвремените парламентарни избори од почетокот на преговорите. Ние сакаме, посакуваме, бараме Македонија да почне преговори со Европската унија не заради власта, туку затоа што тоа го заслужуваат граѓаните на Македонија. Од друга страна, политичката криза è толку длабока, сè посилна станува и економската криза, за жал Македонија се соочува и со национална криза, така што единственото решение се предвремени парламентарни избори, особено после делегитимирањето кое што се случи на власта на минатите локални избори во октомври 2021 година. Ќе помина еве и година дена од локалните избори, тоа беше доволен период власта на СДСМ и на ДУИ да покаже дека може поинаку, но не само што не покажаа дека можат поинаку, туку одат и во полоша насока за државата и затоа единственото решение се предвремени парламентарни избори.

Дури и Македонија да почне преговори со ЕУ, неспособна влада ќе ги води лошо тие преговори, способна и компетентна влада ќе ги води добро тие преговори.

Дали со активен бојкот на Собранието и со најавените протести на 18 јуни ќе ја убедите власта да оди на предвремени парламентарни избори?

Мислам дека периодот на убедување заврши. Ние имавме месеци во кои се убедуваме низ политички дијалог да ја убедиме власта да одиме на предвремени парламентарни избори, сега сме доведени во ситуација да мораме да ја притиснеме власта на СДСМ и ДУИ да одиме на предвремени избори и затоа ја правиме активната блокада на Собранието. Исто така затоа најавивме и голем сенароден протестен собир на сите граѓани кои сакаат да ни се приклучат на 18 јуни во Скопје. Јас очекувам десетици можеби и стотици илјади луѓе да го посетат тој сенароден протест на кој јасно ќе се испрати порака до власта дека мора да се случат промени во Македонија.

Но дали е потребно да се прават дополнителни трошоци во ек на економска криза, бидејќи изборите чинат пари?

Избори ќе се случат, прашање е само кога, така што образложението за трошоци за изборите не држи, оти избори ќе има. Прашањето е колку Македонија губи економски од неспособната власт. Еве само еден податок. Во период од 2019 до 2021 година, значи сите години на владеење на СДСМ и ДУИ, Македонија има произведено за еден милион мегават часови помалку електрична енергија. Ако еден мегават час електрична енергија на светските берзи е 250-260 евра во моментов, тоа се изгубени 250-260 милиони евра за електрична енергија којашто мора да се увезе и тие девизи да излезат надвор и затоа сметките на граѓаните се покачени веќе за 10 проценти, а ќе бидат покачени веројатно и за дополнителни 30 проценти, а за компаниите, за општините и за институциите сметките се покачени за 500 до 600 проценти. Граѓаните треба да знаат дека фирмите во коишто работат веќе плаќаат пет до шест пати повисока цена на електрична енергија и прашање на време е кога ќе го стават клучот на врата и ќе затворат, затоа што нема да можат да ги плаќаат сметките за струја и ќе ги отпуштат работниците на улица.

Од една страна, ја критикувате власта за мерките со цел да нема ново покачување на цените, а од друга страна велите дека задолжувањата, со кои треба да се спречат поскапувањата, се високи.

Проблемот е дека задолжувања има, а и поскапувања има. И тоа е клучниот парадокс на оваа лоша економска политика што ја води власта, а тоа е дека парите одат во дупка, односно граѓаните не ги гледаат парите. Еве на пример да се градеше инфраструктура, можевме да разбереме дека ете таму одат парите. Ниту се градат автопати, ниту се градат хидроцентрали, ниту се градат мостови, ниту има посериозни инфраструктурни проекти во железницата. Од друга страна, поскапува лебот, брашното, маслото, основните производи и клучното прашање коешто секој обичен граѓанин си го поставува е каде одат парите и тоа е нешто што ние сериозно планираме да го отвориме при расправата за ребалансот на буџетот, затоа што постои една огромна црна дупка.

Целото интервју со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски може да го погледнете на видео-снимката на почетокот на овој текст.