Животот во Македонија изгледа сè потешко се поднесува без лекови за смирување. Матичниот лекар Ненад Лазаров, повикувајќи се на официјалните податоци од „Мој термин“, објави дека само вчера биле издадени скоро 16 илјади рецепти за дијазепам. Само утринава, до пладне биле издадени околу 6000 рецепти од овој лек за смирување. Диазепамот е трет по потрошувачка лек во Македонија, по лековите кои се хронична терапија за притисок и за шеќер.
Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека, кога граѓаните вчера ги виделе цените во маркетите по прекинувањето на владините мерки за ограничување на поскапувањата, побрзале на лекар за да добијат лекови за смирување.
Некои се потсетија на вицот кога човек со пролив отишол на лекар, и добил рецепт за диазепам.
-Ќе ми помине ли од ова, прашал паталецот.
-Нема, ама нема ни да ти биде гајле, одговорил лекарот.
Други, пак, посочуваат дека непотребно се прави драма, затоа што пензионерите на почетокот на месецот си ги набавуваат потребните лекарства.
Трети, пак, се загрижени дека лековите за смирување создаваат зависност и оти полека, но сигурно стануваме нација на таблетомани.
Веќе пишувавме дека потрошувачката на лекови за смирување во Македонија со години расте. Во 2014 година биле издадени 850 илјади рецепти за диазепам, додека во 2021 година биле препишани скоро 1,4 милиони пакувања. Ако во годината има 250 работни дена, излегува дека дневно се препишуваат по 5600 рецепти за диазепам.
Податоците на Фондот за здравствено осигурување покажуваат дека во изминативе пет години е зголемена употребата и на останатите анксиолитици, хипнотици и седативи и антидепресиви. Ако во 2017 година биле препишани над 2 милиони рецепти за лекови против анксиозност, во 2021 биле препишани над 2,4 милиони пакувања. Во истиот период, рецептите за седативи пораснале од 117 илјади на 148 илјади, а на антидепресиви од 434 на 506 илјади пакувања.