Достапни линкови

„Наместо месо, ќе вариме коски“: страв од нови поскапувања


илустрација
илустрација

Од утре лебот, брашното, шеќерот, маслото, млекото, ќе се продаваат со ДДВ од 5 проценти, како што беше и пред антикризните мерки на Владата со кои ддв-то беше намелаено на нула отсто. Укинувањето на овие мерки предизвикаа страв кај граѓаните од нови поскапувања на производите кои се сè поизвесни

Со пензија од 11 000 денари и болен сопруг за кого одвојувам повеќе од 6000 денари за лекови, не можам ни да ви објаснам колку тешко преживувам, раскажува пензионерката Мара Петрова од Скопје. Ја сретнавме пред месарницата во близина на зеленото пазарче за која вели дека се поретко ја посетува.

„Со што да купам месо? Немам со што. Еве вака, си купувам коски од 100 денари и ќе купам гравче, па ќе го јадеме после четири дена. Ете така живееме“, вели пензионерката Петрова.

Поскапувањата на цените на прехранбените производи, но и на сметката за струја се голем удар за неа и за уште многу семејства кои спаѓаат во групата на најранливи категории граѓани. Петрова е свесна дека зголемувањето на цените нема да престане, но залихи не прави.

„Со што да купам залихи да направам. Купувам само килограм по килограм. И тоа со лажица мерам, верувајте ми. Не уништија веќе“, вели пензионерката.
Некои од граѓаните велат дека се навикнати да живеат поскромно.
Јас сум пензионер. Цел живот работев во ОХИС, а таму знаете како со платите-постојано доцнеа, па некако се навикнав да живеам постегнато. Само она што е неопходно ќе се земе, вели Боце од Скопје.

На нашата прошетка во центарот на Скопје, сретнавме и такви кои велат дека поскапувањата не смениле многу во нивниот начин на живот.

„Издржуваме. Пензијата ми стигнува. Залихи не правам, за 3,5 денари поскапо немам потреба да правам резерви. Купувам, само тоа што ми треба и кога ми треба“...

„Јас многу внимавам на тоа колку трошам. На пример уклучувам бојлер само навечер и перам исклучиво само во недела“...

„Тешко е да. Но ќе се снаоѓаме, немаме друг избор. Глобална е ситуацијата. Не е само кај нас ваква тешко. Дај боже, само да имаме храна, да не останеме гладни“, велат дел од анкетираните.

Денеска е последниот ден од рокот за дел од антикризните мерки кои стапија во сила во март, а со кои се намали ДДВ-то за основните производи за исхрана од 5 на 0 отсто, се намали акцизата на горивата, а Владата на трговците им ја ограничи маржата на 5, односно на 10 отсто за одредени производи.

Укинувањето на овие мерки значи дека од утре па натаму ќе следи ново поскапување на лебот, млекото, брашното, шеќерот, зејтинот, јајцата.

До овој момент од Владата не ни одговорија дали размислуваат за продолжување на антикризните мерки за уште некое време.

Колку за потсетување, министерот за економија Крешник Бектеши деновиве изјави дека не се планира продолжување на овие мерки, бидејќи како што рече, не може да се влијае на цените на суровините кои се користат за производство на продукти.

„Да, ние како Министерство за економија предлагаме да нема директно замрзнување на цените бидејќи како Северна Македонија, затоа што не можеме да влијаеме во делот на цените на суровините кои се увезуваат во нашата држава во својство на инпут за производство на финалните производи кај нас. Со тоа можат да се направат дополнителни проблеми на пазарот, а имајќи предвид дека имаме други начини како тоа да го направиме, секако дека кога ќе го донесеме ребалансот на Буџетот, кога ќе знаеме колку ќе биде приходнтаа страна на буџетот, ќе излеземе и ќе ја информираме јавноста“, рече Бектеши.

Премиерот Димитар Ковачевски пак уверува дека сите аникризни мерки донесени досега обезбедиле најниски цени на енергенсите и на прехранбените производи во однос на регионот, како и дека обезбедиле заштита на животниот стандард на најранливите категории граѓани, пензионерите и работниците со минимална плата.

Зошто граѓаните не ѝ веруваат на власта и во време на кризи?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Се очекува производителите да ги зголемат цените на своите производи поради порастот на цените на суровините, а ако кон тоа се додадат и трговските маржи, следниот период ќе биде тежок за граѓаните.

Професорот Алаудин Зекири од Тетовскиот Универзитет сугерира ваквите мерки да продолжат за да се ублажи ударот врз најранливите граѓани, но и врз компаниите.

„Реалниот проблем кој може да настане е да се премине од умерена кон галопирачка стапка на инфлација. А кога имаме таква инфлација економијата стагнира, а стапката на инфлација е двоцифрена. А вака има некој забавен тренд на зголемување на цените. Треба да се продолжат и овие мерки или да се воведат нови иновативни мерки за ублажување на последиците по граѓаните и компаниите“, вели Зекири.

Професорот вели дека граѓаните се потешко ќе се справуваат со растот на цените.

„Таму каде што може, Владата ќе делува со интервентни механизми, но не може да делува на берзанските цени на пример. И тогаш ударот ќе падне врз џебот на граѓаните и буџетот на компаниите. И затоа 2023 година ќе биде многу тешка и сложена година“, вели Зекири.

Од Владата веќе најавија нов пакет на антикризни мерки во вредност од 76 милиони евра, но од септември и тоа само за најранливите категории домаќинства.

Инаку со ослободување на плаќање на ДДВ беа опфатени лебот, брашното тип-400, шеќерот, маслото, кравјото млеко, месото, оризот и јајцата. Според статистиката, во април производите на мало поскапеле за над 11 проценти, а инфлацијата достигна 10,5 отсто.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG