Достапни линкови

Бавното обвинителство, мерката притвор ја претвора во казна


Истражен затвор Скопје, Шуто Оризари, „Притвор Шутка“
Истражен затвор Скопје, Шуто Оризари, „Притвор Шутка“

Во Македонија и натаму се злоупотребува мерката притвор, проблем за кој експерти за РСЕ велат дека е присутен долго време. Тие сметаат дека се потребни нови измени на одредбите од Законот за кривична постапка

Браќата Ѓорѓи и Димитар Миладинови две години поминаа во притвор за случајот „Изгрев“, слично како и генералот Горан Стојков кој одлежа повеќе од две години за случајот „Шпион“. Нивните случаи се рекордни во земјава за одредување на мерката притвор и нејзино констатно продолжување

Тие се само дел од примерите во кои постоела повреда на човековите прва со определување на мерката притвор, а случајот Миладинови е меѓу нотираните и од страна на Европскиот суд за човекови права.

За активистите за човекови права, тоа значи дека мерката притвор се користи како казна уште пред да биде донесена судска пресуда.

Народниот правобранител во скоро сите годишни извештаи за прекшување на правата на обвинетите укажува на случаи на одложување на судски постапки, предмети на противправно лишување од слобода или состојба на одложени постапки по кои постапува Јавното обвинителство поради недонесување на одлуки и неефективни истраги.


Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев за Радио Слободна Европа вели дека проблемот со притворите долго време е присутен во работењето на Јавното обвинителство во Македонија.

„Обвинителството долги години не спроведува истраги или не поднесува обвинителни акти, со што го амортизира значењето на притворот. Сметам дека треба во делот на одредбите од Законот за кривична постапка да се зголеми улогата на Министерството за внатрешни работи. Обвинителот е единка, тој има ингеренции во делот на истрагата и предистрагата, но во делот на собирањето на докази, кој е важен елемент за поденесунавење на обвинителен акт, тој е многу бавен, односно нема ефикасни средства за прибирање на доказите“, вели Илиев.

Еден од најпознатите случаи на долго и често одредување на мерката притвор е оној на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е обвинет и осуден во неколку случаи на поранешото специјално обвинителство. На Јанакиески честопати му беше менувана локацијата на одлежување притвор, понекогаш во казнено поправниот дом „Шуто Оризари,“ понекогаш дома.

Неодамна на поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зекири по втор пат му беше продолежен притворот за предмет во кој е осомничен дека ја злоупотребил службената должност при склучување на тендер во четири очи.

Ниту политичарите, ниту обичните граѓани во досегашната пракса се покажа дека не се имуни на долги притвори.

Освен браќата Миладинови, Европскиот суд за човекови права ги посочува случаите Стојановски, Лазаровски, Митревски, Василковски во кој имало повреди при определувањето на мерката притвор, како и предметите Сејдиу, Рамковски и Мицов. За овие предмети државата е казнета во Судот во Стразбур.

Според адвокатот Александар Тумановски, кој е автор на публикација за примената на мерката притвор, со новиот Закон за кривична постапка се повторуваат старите проблеми. Тој вели дека притворот треба да се укине веднаш штом ќе престанат важат причините поради кои е определен.

„Треба да има објективни причини зошто тоа го прави обвинителството, бидејќи сепак тие ја водат истрагата и тие точно определуваат дали во тој период , за којшто е предвидено да се води истрагата и да биде лицето во притвор, е собран доволен број на докази за да може да се заврши со подигнување на обвинение или со откажување од гонење“, вели Тумановски.

Од друга страна,пак, Илиев потсетува дека проблемот е во ефикасноста во прибирање на доказите. Според него со поранешниот Закон за кривична постапка, процесот бил контролиран од јавните обвинители при определувањето на тоа дали ќе поднесеат обвинителен акт или предлог за истрага.

„Тој е важен елемент кој определува дали мерката притвор ќе биде изречена или друга мерка за задржување на обвинетите до обвинителниот акт и по обвинителниот акт, но сето тоа јавниот обвинител сам како единка нема можност да биде брз и ефикасен во поглед на време-траењето на постапката во предистрага, истрага и потоа на главните претреси“, вели Илиев.

Мерката притвор се изрекува поради опасност од бегство, опасност од повторување на делото и опасност од влијание врз сведоци, докази или на самата постапка.

Тумановски објаснува дека дододека трае истрага на Обвинителство дозволиво е одредување на мерка притвор од 30 дена и истиот да биде продолжен за не повеќе од уште 60 дена од страна на судот.

Доколку истрагата која се води за кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку четири години по образложен предлог на јавното обвинителство, советот на непосредно повисокиот суд може да го продолжи притворот уште за најмногу 90 дена.

„По одобрување на обвинението, притворот може да трае најмногу една година за кривично дело за кое е предвиден затвор до дваесет години и две години за кривично дело за кое е предвидена казна доживотен затвор. Ако обвинетиот побегне од притвор, роковите почнуваат да течат одново“, вели Тумановски.

Самото функционирање на правосудниот систем во Македонија претставува проблем за многу граѓани. Бројни примери за повреда на принципот за судење во разумен рок се констастаирани скоро во сите годишни извештаи на Народниот правобранител од воспоставувањето на независноста.

Претставките на граѓаните за работата правосудството се значително повеќе споредено со другите области.

Според објавените статистички податоци, во 2001 година бројот на жалби во работата на правосудството до Омбудсманот е 148, а до 2003 година тие се зголемуваат на 415 и достигнуваат 976 во 2005-та година. Од 2010 година наваму бројките се движаат од 500 до 900 претставки годишно.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG